Николче Талевски (ИНТЕГРА): ВЛАДАТА ПАДНА НА ИСПИТОТ СО КОРОНАТА

Разговорот го водиме во време на пандемија, едно крајно неповолен период за сите нас, период на ограничувања, стравови и за жал поделби меѓу населението. Изборите се одложени, на неопределено време, за почеток, Би Ве запрашале како според Вас ова одлагање ќе се одрази врз целиот процес, но и врз евентуалните резултати?

Прво би сакал да изразам благодарност за Вашот интерес за став на ИНТЕГРА МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА и секако мој личен став како човек кој е одговорен за Петтата изборна единица и за Битола.
Би започнал од Вашиот дел за поделби на населението. За жал тоа е така, но изминатите 30 години тоа е препознатлив белег на двете власти кои се менуваа на овај момент „поделба”, и сега кога имаат момент на пандемија тие поинаку и не знаат. Би продолжил со ограничување – да има ограничување на движење и контакти но нема ограничување во местени тендери, сомнителни јавни набавки, неповолни кредити, непочитување на закони и многу други ограничувања кои се во конфликт со законите во Македонија. За стравот би кажал дека се применува на селективни граѓани кои не им се по ќеиф на сегашните гарнитури и тие треба да бидат донатори на буџетот преку казни, а стравот во некои делови каде државата за жал по се изгледа нема власт сепак е нешто кое ја плаши власта, а не тие кои неа и се спротиставуваат со непослушност.
За изборите би кажал дека одлагањето после вирусот може да има само позитивен предзнак. Ова можеби звучи оптимистички но јас секогаш се трудам оптимизмот да е мој водич и затоа ќе кажам секој кој сака да профитира на маката на Македонецот бил губитник. Оваа неспособна влада и без парламент работи против своите и затоа казната на претстојните избори кога и да бидат ќе биде испорачана на секој кој овие 30 години нанесува само поделби, ограничување, страв и јас би додал грабеж врз својот народ.

Иако е период на пандемија и ограничување, дали ИНТЕГРА има активности овој период?

ИНТЕГРА МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА нема застој во овај период. Застојот е во тоа што партијата во целост ја прекина својата изборна активност согласно закон за промоција на изборни моменти кои се казниви, и ние тоа во целост го почитуваме. Македонија мора да почитува закони, но ИНТЕГРА не помислува да се оддалечи од своите и затоа секојдневно предлага мерки од планот 144 за доброто на Македонецот, несебично и предлагаме на Владата слушала таа или не, слушаме кои се маките на сите кои се дел од Македонија и ги охрабруваме да издржат бидејќи светлината е на крајот од тунелот. Ова црнило ќе престане, Македонија нема да има вакво политичко лудило, а иднината на Македонецот ќе биде стаменит, горд и без потреба некој него да го сожалува. Резимирано нашите активности се за да биде најдоброто за Македонија после оваа пандемија.
Власта секојдневно не бомбардира со информации и донесува мерки, со кои некој се согласува, а некој не. Каква е Вашата оценка, се снајде ли Техничката влада овој период или падна на испитот?

Би започнал со потврден одговор, па би одговорил. Оваа влада падна на испитот. Како не би паднала, кога позади себе ги има лидерите кои со нивно сојузништво направија најголемо зло на Македонецот, оваа влада е сојуз на минатото кое 30 години пустоши во Македонија. Затоа и денес се носат мерки на товар на сиромашниот Македонец, се витка неговата кичма, се уништува до крај здравството, се удира врз земјоделецот, градинарот, се уништува сточарството, живинарството и со еден збор секојдневно се зголемува СОЦИЈАЛАТА која за жал, пред домот на Заев и Мицкоски и моли за еден килограм брашно и литар масло за јадење. Ова се мерките кои 30 години требаа да носат напредок, а ако имаше избори до пред неколку дена ќе беа нивна песнопојка.

Буџетот на државата е во лоша кондиција, се предлагаат мерки за помош на приватниот сектор, кои според малите и средните претпријатија не се доволни. Се најавуваат отпуштања од работа во повеќе сектори. Според Вашите проценки колкави ќе бидат последиците врз економијата и може ли сето ова да се одржи под контрола со најавените задолжувања?

Гледаме дека колку и да се задолжуваме сепак предходните грабежи се поголеми. Пустошот кој зад себе го оставија е синоним како никоја држава не смее да се однесува кон својата земја. Денес економијата крахира, одржливоста е на минимум, сето ова е признаено и од Владата. Малите и средните бизниси не можат да издржат заради предходното континуирано рекетирање и страв. Но, да не биде се црно Либертаријанскиот модел кој ние го предлагаме во комбинација со Захеј политиката сум 100% убеден дека ќе направи пресврт на економско поле. Секој ќе работи за богат живот, секој ќе има согласно сработеното, никој нема да биде уценуван од локални шерифи, и на крај најважно функционерите ќе се откажат од своите дискрециони овластувања во интерес на својот народ. Ова изгледа како нешто кое добро звучи но ние знаеме ова да го направиме реалност. Со овај модел на либертаријански поглед државата ќе биде рамо за помош на економијата а секој кој знае да води бизнис ќе биде мотор на економскиот пат напред.
Туристичката сезона е пред колапс. Речиси сите хотели, кафулиња и ресторани се затворени. Дали Вие како сериозна политичка партија имате предлози како да им се помогне на лицата вклучени во овај сектор?

Да од оваа сезона толку како станарден туризам. Но сметам дека сите угостителски објекти мора најбрзо да започнат со својата работа. Почитувањето и придржувањето кон мерките за повисоко ниво на заштита треба да бидат мерки на сигурна и безбедна работа, но никако не смее да се размислува на нула бизнис на ова поле. Нула бизнис на ова поле значи наместо развој – уназадување, наместо напред – во бездна. Затоа мора пред нас да е примерот на една Австрија, Шведска, Данска каде освен забрана за големи настани се останато е во функција, но со себе почит и почит кон другиот и нормално користење на средства за лична заштита при работа надополнета со одржување на предвидената дистанца за комуникација. Помошта само така би била целисходна а и секој угостител би придонел за себе и за својата држава. Лицата во овај сектор сега се потврди дека се значајни и во иднина не смеат да работат за минималец и никогаш повеќе не смее угостител да биде осигуран на пола работно време или воопшто да не биде осигуран, од тука треба да започнеме.

Многу реакции на социјалните мрежи, поради најавениот карантин за време на Велигденските празници. Вие сте православен христијанин, како политичар, но пред се како човек, како ги коментирате ограничувањата за Велигден, да не се оди во црквите и манастирите?

Мене како верник тешко ми паѓа забрана кон светилиштата. Забраната кон верата е едно време кое никогаш не би сакал да се повтори. Причеста е свет чин која многу значи и секој кој ја пробал знае што е тајна која заслужува да не биде откриена. Мислам дека светата литургија од страна на свештениците е за народот, светата причест мора да се даде на секој кој се припремал да ја прими истата и затоа на овај ден движењето кон храмовите не смее да биде казниво за оние кои се припремале да бидат поблиску до Бога.
Кога јас би се прашувал црквата би ја оставил да помага на луѓето, молитвата би била лек за некого, благословот би бил мир за секого, смиреноста на Бог преку иконите благодет за секого. Конкретно никој не може човек да го оддалечи од Бог со забрана, напротив може себе да се стави во грев кој на крајот на краиштата Бог знае да го прости. Тоа е големината на верата која верниците ги прави поинакви од оние кои само кажуваат дека не веруваат.
Во Битола за наша среќа не е голем бројот на заразени и починати лица од корона вирусот. Но Клиничката Болница преку ноќ стана регионален центар за борба против короната и тука веќе се носат заболени од цела Западна Македонија. Ваш коментар?

Почетно пандемијата не започна од Битола. Но неспособноста на државата успеа да придонесе здравствените работници да бидат необезбеден таргет за удар на вирусот. Здравствените работници заслужуваат респект и никој не смее нивното здравје да го става во опасност. Тоа денес му се случи на ова министерство и никој за тоа не проговори. Имаме низа на заболени здравствени работници кои необезбедени влегоја во борбата против короната, тоа не сакам да му се случи на ниту еден Битолчанец, ниту на еден Македонец. Но и покрај тоа тие ја работат својата работа со набавени маски од 3 денари кои се платени сигурно по багателна цена, некои платени од свои средства, со лекарства од најниска класа заради остварување на процент, со одделенија со по еден доктор специјалист или без таков. Заради горенаведеното сметам дека битолските здравствени работници мора серизно да бидат заштитени и потоа да се вклучат во акција. Но сепак познавајќи голем број на хумани здравствени работници мислам дека и покрај оваа одлука и покрај портпаролот во министерството за здравство во овај момент кој освен пресс со статистика и најскапи набавки сепак друго и не знае. Верувам дека здраворазумните лекари, медицински сестри и персонал ќе бидат нашите херои, а Битола ќе се гордее со нивниот подвиг кој сметам дека Бог им го оставил на овај нивен трнлив пат.

Како доктор на науки кој е вклучен во образованието, но и како родител, како ги оценувате мерките на македонските власти за онлајн учење, и колку мерките ќе дадат реални резултати? Колку сме како нација спремни за онлајн настава? Има ли услови за тоа?

Македонија се фалеше дека вложува во образование, комјутер за секое дете, е-дневник и слично, но освен професионалци кои работат за просек во државата никој не вложува во овие луѓе. Јас како дете од двајца просветни работници сметам дека професијата учител е гордост, и овие луѓе заслужуваат најдобро бидејќи од неоформен детски производ создаваат иднина. Мерките на владата за онлајн учење ги оправдувам иако имаат слабости, а резултатите ќе бидат реалност бидејќи една стара поговорка од непознат автор вели „секој во животот има период на стагнација барем еднаш”, да посакаме оваа стагнација да биде сега а во иднина освен декларативно да размислуваме и практично.

Што би им порачале на нашите читатели за крај на овој наш разговор?

Би посакал во иднина после овај корона вирус, горд Македонец, платен Македонец, едуциран Македонец, здравствено згрижен Македонец, богат земјоделец Македонец, богат сточар Македонец, богат градинар Македонец, учител за респект, еколошки одржлив стопански систем, и економија која нема да биде под узурпација на едно или две-три семејства. ИНТЕГРА – партија која ќе даде придонес кон ваква моја желба. И на крај Бог да ја благослови Македонија и од оваа тешка состојба победник да биде мојата Македонија.Христос Воскресе – Навистина Воскресе.

1 thought on “Николче Талевски (ИНТЕГРА): ВЛАДАТА ПАДНА НА ИСПИТОТ СО КОРОНАТА

  1. Од кога овој во Интегра? Цело време беше во ВМРО ДПМНЕ, стана реформатор па се преобрази во интегративец. Партиски вртикапи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *