Сијарто за унгарските донации: Тука сум на повик на Мицкоски, кој побара помош

Унгарскиот министер за надворешни работи, на заедничката прес-конференција со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека тука е по негов повик, бидејќи тој побарал помош за состојбата со коронавирусот.

„Причината што сум тука денес е телефонскиот повик што го добив од Христијан Мицкоски минатата недела. Повик во кој тој потенцираше дека постои потреба од хуманитарна помош од Унгарија со цел заштита и спречување на ширењето на пандемијата која ни се случува. Поради тоа ние одлучивме да помогнеме на пријателскиот народ во Македонија, поради тоа јас денес донесов 100 илјади маски и 5 илјади заштитни одела да ви помогнам во мерките за заштита“, рече Сијарто.

Министерот додаде дека воздушниот мост помеѓу Унгарија и Кина функционира добро и имаат целосна линија за производство овозможена од Кинезите и сега ќе почнат самите да продуцираат маски.

„Откако ја предадов донацијата на министерот за внатрешни работи, разбрав дека ова ќе им помогне на вашите полициски службеници со тоа што тие ќе бидат побезбедни. Ова е многу важно за нас бидејќи вашите полициски службеници ја штитат вашата јужна граница со цел да се справат со проблемот од мигрантската криза. Уживаме многу добра соработка на ова поле со оглед на тоа што 1383 унгарски полициски службеници се дел од  заштитата на јужната граница заедно со вашата полиција“, додаде Сијарто.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека пријателите се познаваат по неволја, а Македонија има пријатели.

„Благодарност до Унгарија и до целиот унгарски народ што во вакви тешки моменти демонстрира хуманост и споделува помош која е добредојдена за оние коишто се во првите линии во борбата против оваа пандемија на корона. Воедно благодарност и до унгарскиот премиер Орбан и министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, што ова е прва меѓудржавна посета откако се затворија границите и настана кулминацијата на пандемијата со корона“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека е потребно да се покаже хуманост и да се дејствува секој во рамките на своите можности и средства со кои располага.

Претходно денеска Сијарто се сретна со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, а потоа и со министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, кому му ги предаде маските и заштитните одела за потребите на полицијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *