Кој владее со “црното злато” од 1900 па до денес ? (ВИДЕО)

Графички приказ на дневното производство на нафта во барели на ден од 1900 година заклучно со 2020 година

  1. На почетокот на 20 век, во периодот кога дел од турскиот аскер се занимаваше со бунтовниците опремени со црешови топчиња во северниот дел на Отоманската Империја, во нејзините јужни делови, на територијата на денешен Ирак, компанијата „Туркиш петролеум компани“ (ТПК) („Turkish Petroleum Company“ (TPC)) започна со инвестиции за екстракција на нафтата. Како главни инвеститори на оваа интернационално-отоманска активност, од една страна, претставуваа германските банки кои стоеја зад големиот проект пругата Берлин – Багдад, потоа големите бизниси на Велика Британија кои беа веќе израснати во интернационални картели и, секако, отоманската власт која се надеваше дека заедничкиот комерцијален интерес со големите бизниси од Западот ќе ѝ овозможат геополитичка предност во намерата да ја зачува империјата од распаѓање. Овие инвестиции набргу беа пресретнати од почетокот на Првата светска војна која, пак, покажа дека изворите на нафта не претставуваа само бизнис интерес на големите картели, туку и моќно геополитичко оружје кое обезбедува воена и безбедносна предност за оној кој ги контролира. По завршувањето на Првата светска војна, Отоманската Империја изгуби дел од своите територии на Блискиот Исток каде што на пепелта на античките митови како колонијални протекторати се појавија новите арапски држави. Во тие услови „Туркиш петролеум компани“, овојпат со значително помало турско влијание, склучи договор со ирачката држава за концесија врз ирачката нафта и за кратко време стана еден од најголемите производители на нафта во светот. Во 1928 година, во Анкари, Шкотска, беше потпишан меѓукартелски договор на производителите на нафта со кој се регулираше учеството на големите светски петролеумски компании од САД, од Велика Британија и од уште некои поголеми европски концерни во распределба на нафтата која произлегуваше од ТПК. Овој таканаречен (Red Line Agreement) ја претставува првата глобална организирана структура за ограничување на производството на нафта и контролирање на нејзината цена. Иако формално овој договор функционираше се до 1944 година, новооткриените нафтени извори во Тексас во триесеттите години ја демонополизираа улогата на ТПК (тогаш веќе преименувана во „Ираки петролеум компани“ (ИПК) со што цената стана пазарна и монополски неконтролирана.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *