Сè што треба да знаеме за кризата со тестови за КОВИД19 – истражува ИРЛ

Во земјава вкупно се направени околу 1.000 тестови во Институтот за јавно здравје заклучно со 25 март. Тестови масовно се прават и во приватната болница Жан Митрев, каде до 23 март таму се направени 835 теста или речиси исто онолку колку и во државните болници.

Ден пред појавата на првиот случај на Ковид-19 во земјава, на 25 февруари, Клиничката болница „Жан Митрев“ на својата веб страница објави дека врши тестирања за детекција на корона вирусот. Првата заболена кај нас од корона вирус беше регистрирана наредниот ден на 26 февруари, тестирана во Институтот за јавно здравје.

Оттогаш секој ден бројот на заболени расте, а на 11 март веќе се регистрирани 11 заболени од Ковид-19. Истиот ден од болницата на кардиологот Жан Митрев соопштија дека има капацитет и за сместување на заболени пациенти од вирусот, но според медицинските протоколи тие мора да ги препраќа во Инфективната болница. Тогаш на страната на клиниката „Жан Митрев“ јавно соопштуваат колку чини еден тест за Ковид-19.

„Рутински правиме испитувања на Корона вирус и сите други вируси. Нашата лабораторија за Генетика и Персонализирана медицина е единствената која нуди детекција на новиот смртоносен коронавирус (SARS-CoV-2) со RT-qPCR тест според протоколо на CDC. Испитувањата се прават исклучиво со преходно закажување. Цената е 1500 денари“ – соопштија на 11 март од клиниката „Жан Митрев“.

Како што расте бројот на заболени, така граѓаните кои имаат сомнежи дека имале контакт со заболен или имаат симптоми на настинка или грип, бараат начин да се тестираат. Според протоколите на Институтот за јавно здравје тестови се прават само за лица кои доаѓаат од земји од висок или среден ризик, имале контакт со заболен или имаат некои од симптомите на корона вирус. Тестовите во државната лабораторија се бесплатни, но бидејќи не може секој граѓанин да направи тест, дел од нив се обраќаат во болницата на Жан Митрев. Таму тестот чини 1500 денари и е на трошок на пациентот.

„Веќе седум дена сум во изолација поради сомнение дека сум заразена од Ковид-19. Од Институтот за јавно здравје ми најавија дека тест ќе ми направат ако ми се појават симптоми или пак по завршување на неопходните 14 дена. Затоа самоиницијативно решив да направам тест кај Жан Митрев. Платив 1500 денари и беше негативен. Но, секако овој тест беше само за моја утеха, резултатот не е официјален“, ни изјави скопјанка која е во изолација.

Тоа го потврдува и министерот за здравство Венко Филипче кога ги соопштува резултатите од тестирањата. Тестот во клиниката на Митрев не е официјален и затоа се прават нови тестови во лабораторијата на ИЈЗ (Институт за јавно здраје). Министерот постојано  повторува дека нема никаква цел да се тестира пациент во период кога трае инкубацијата на болеста заради тоа што теоретски резултатот може да е негативен до 13-от ден, а да биде позитивен на 14-от ден. Затоа, посочи, комбинацијата на строги мерки на самоизолација, прекин на сите контакти и тестирање откако  ќе помине периодот на инкубација се најсоодветни за најточни и најпрецизни резултати.

ИРЛ испрати прашања до болницата на Митрев за набавната цена на еден тест и од каде се набавуваат, а оттаму одговорија.

„Набавната цена на тестовите постојано се менува и е во значителен пораст откако се за прв пат набавени. Последната набавна цена  e 1.300,00 денари со вклучено ДДВ“, ни соопштија од приватната клиника.

На 20 март министерот Филипче соопшти дека во земјава до тој ден вкупно се направени 888 тестови и најави дека ќе се обединет капацитетите на двете лаборатории – во Институтот за јавно здравје и во Клиниката „Жан Митрев“.

„Донесена е одлука за избор на дополнително количество од 1.000 тестови, како и најавената донација од уште 1.000 тестови, со најава дека 1.000 ќе бидат на располагање секоја следна недела за нашата земја и 300 во кое било време во лабораторијата во Клиниката „Жан Митрев“, рече Филипче.

Оттогаш поминаа шест дена, а тестовите кај Жан Митрев и натаму се на товар на граѓаните.

„Тестовите сè уште се плаќаат. Денес ќе ја завршат анализата, проверката и состаноците со сите лаборатории што покажаа интерес и кои рекоа дека ги исполнуваат условите. Кога ќе заврши увидот од нашата лабораторија, ќе се достави соодветен предлог до Фондот со цел да се зголеми капацитетот на тестирање“, рече на вчерашната прес конференција министерот Филипче.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *