ДОКОЛКУ САКАТЕ ДОБРО ЗДРАВЈЕ И УБАВ ИЗГЛЕД, ПЛАНИНАРЕТЕ!!!

Битолскиот планинар Најдо Марковски, кој повеќе од 1200 пати се качил на Пелистер, советува: ДОКОЛКУ САКАТЕ ДОБРО ЗДРАВЈЕ И УБАВ ИЗГЛЕД, ПЛАНИНАРЕТЕ!!!

Најдо Марковски е повеќе на планина, отколку дома. Само на Пелистер, тој сам или во група со други планинари се искачил повеќе од 1200 пати! Покрај планинарењето, негова пасија е и фотографирањето, па така на неговите профили на социјалните мрежи постојано поставува преубави фотографии од природните убавини на Баба планина. Тој со овој спорт се бави 34 години и го користи секое слободно време за прошетки низ планините, како што вели, и празник и делник, и зиме и лете.
”Опремата за планинарење е скапа, но и неопходна. За жал кај нас ја нема, па ние сме приморени да ја набавуваме од странство.
Но парите никогаш не ги ставам на прво место, туку здравјето. Иако работам 34 години во РЕК Битола, ниту еднаш не сум бил на доктор! Притисокот ми е секогаш 120-80!”, појаснува тој.
Покрај физичката активност, тој на второ место за добро здравје ја посочува правилната исхрана. Според него, еден спортист треба да јаде мед, лимони, банани, лешници, чај, но не и ракија и вино.
Прашан дали се плаши сам да шета низ планините, тој вели:
”На Баба планина нема агресивни животни. До сега не сум имал блиска средба со мечка, иако знам дека тие знаат кога сум јас на нивна територија, ме гледаат од далеку и не се приближуваат.”
Битола е град со околу 60 000 жители и ја има таа среќа во непосредна близина на градот да се Баба планина и Пелистер. Јунакот од нашата денешна приказна ги советува Битолчани помасовно и почесто да планинарат.
”Планинарењето е одлично и за други спортисти кои сакаат да останат во форма. Планината е здравје, но ние, малку ја користиме. Искачувањето ја подобрува работата на срцето, ги јакне мускулите, позитивно делува на имунитетот. Горе воздухот е многу почист отколку во градот. Планинарите изгледаат секогаш свежи и помлади. На младите, им порачувам место да седат со мобилните и цигарите в рака по кафичите, да одат на планина, ќе бидат посреќни, поздрави и подолговечни. Во здраво тело, здрав дух!!!”

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *