Ерупција на корупција

Петар Поп-Арсов

Македонија падна тринаесет места подолу на Индексот за перцепција на корупцијата! Македонија на 106 место според Индексот за перцепција на корупција! Македонија на дното од регионот според степенот на корупција! Ниту една земја од регионот не назадувала како Македонија! Дури и Косово пред Македонија! Дувло на корупција…!

Ова сe само дел од насловите кои ги преплавија македонските медиуми кон крајот на минатата недела. Можеби некако и ќе заборавевме на темава, по принципот секое чудо за три дена, но тука се „освежувањата“ што ни ги приредија Ла Верита и „старлетите“ од естрадното СЈО, и, темава живее!

Македонија е на 106 место! Лошо, фрустрирачки! Ако судиме во споредба со претходната 2018, кога бевме на 93 место, годинава што измина навистина имаме пад. Но, ако се потсетиме низ што се поминавме во 2019, на какви само наводи за корупција и криминал бевме сведоци, особено кај оние кои беа специјално формирани за да се борат токму со таквата корупција и криминал, тогаш мора да признаеме дека 106 место и „не е така лошо“. Дури е и „одлично“!

Ако тука ја додадеме споредбата со најдобрата 2010 година, кога бевме на 62 место, или пак периодот од 2011 до 2015, кога осцилиравме максимално до 67 место, не е тешко да заклучиме дека во 2019 имаме реален пад, и тоа голем пад. Што и да се каже, каква и да е реториката со која некој би се обидувал да го брани и правда 106 место, бројките се поразителни и јасно кажуваат се.

Интересни за коментар се 2016 и 2018 година. На крајот на 2016 се случија изборите и подготовката за промена на власта. Во 2016 Македонија падна на Индексот за перцепција за корупцијата на 90 место, односно 24 места подолу во однос на 2015. Во 2018 бевме на 93 место, за да сега сме на фамозмното 106. Овие индикативни падови, во годините непосредно пред оддржување на парламентарни избори, некако ја потврдуваат онаа мисла на John Stainbeck, „Власта не корумпира. Стравот корумпира…можеби стравот од губењето на власта.“. Дали овој пад на Индексот за перцепцијата на корупција во Македонија е само потврда дека постои сериозен страв од губење на власта кај оние, кои што со хибриден режим владеат со државата? Хибриден режим, докажан и меѓународно потврден!

Токму тие, „хибридните“, излегоа со соопштение дека се бореле против корупцијата, потсетувајќи на некои од нивните проекти. „Хибридните“ велат: „За бескомпромисна борба против корупцијата ја подигнавме отчетноста и транспарентноста на институции на извршната власт, која треба да биде зајакната и со независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија.“ Демек тие се добрите, а не чини само судството и обвинителството! Интересно!

Ако е така, зошто тогаш од петни жили се борат да донесат Закон за јавно обвинителство преку кој сакаат да ги вдомат токму оние кои што во своето соопштение ги посочуваат дека се едни од најодговорните за високата корупција во Македонија, „старлетите“ од СЈО?! Зошто по секоја цена, во толку сериозен закон од кој што зависи понатамошниот евроинтегративен процес на Македонија, настојуваат да вметнат и персонални решенија, решенија за поединци како дел од поранешна институција, која се распадна како кула од карти со болни последици по државата?! Зошто на тој начин го блокираат донесувањето на Законот и повторно го доведуваат во прашање датумот за почеток на преговори?!

А кога сме кај датумот, причината поради која одиме на предвремени избори, уште во јуни 2018 година, кога Заев соопшти дека сме добиле датум, Советот на Европската Унија во своите заклучоци јасно и недвосмислено ни порача дека Македонија треба да реализира опипливи и одржливи резултати. Препораките беа Македонија да се фокусира на реформите во правосудството и да спроведе активни истраги, гонење и конечни обвинителски акти за случаите на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво на власта.

Незнам што чека Јавното обвинителство, особено после наводите објавени во Ла Верита?! Го имаат и едното и другото. Имаат наводи за корупција, имаат наводи за организиран криминал, но го имаат и она третото, можеби најважното, високото ниво на власта. Ќе реагираат или ќе молчат и толерират? Во прашање е македонскиот евроинтегративен процес! Кој ќе ја сноси одговорноста овој пат во случај на повторен неуспех?

Од претходно кажаново се наметнува уште едно сериозно прашање. Зошто во Македонија се толерира корупцијата и криминалот, особено оној во рамки на институциите на целиот систем? Веќе 30 години сме сведоци на криминално испумпување на пари од Буџетот. Испумпуваат поединци, алчни функционери, кои подоцна и самите стануваат „жртви“ на долготрајни судски процеси. Процеси кои речиси никогаш не завршуваат со законски предвидените казни. Зошто никогаш не постои превенција, реакција на органите на прогонот врз основа на допрен глас? Македонија не е голема држава, речиси сите се познаваме. Гласови кои допираат колку сакаш, во изобилство!

Дали таквото толерирање на корупцијата и организираниот криминал е дел од некаков систем кој што ги контролира клучните лостови во државата? Дали е тоа начин на фунционирање и спрега на извршната власт, органите на прогон, разноразните инстанци на правосудството, како и останати општествени сегменти задолжени за логистичка поддршка на системот на испумпување пари од џебот на граѓаните?

Што е она што всушност ние го имаме како пракса и како реалност во која живееме и која се случува пред нашите очи веќе 30 години?!

Во првата фаза, преку игнорирање и непревенирање на очигледните прекршувања на законите, надлежните институции свесно го толерираат испумпувањето на пари од државниот буџет. Во втората фаза, преку долги процеси, држење во фиоки на сработени предмети и пријави, одолговлекување до застарување низ бесконечните судски лавиринти, истите пари на коруптивен начин се прелеваат и дисперзираат кај останатите актери од коруптивниот систем. Така некако се затвора и дефинира кругот на коруптивниот процес.

Ако собереме се на куп од претходно кажаново, воопшто и не зачудуваат медиумските наслови од типот „Дувло на корупција: Во оваа држава криминалот си има сопствена држава“!

Пред некој ден, Ла Верита отвори уште една перспектива на набљудување на нашиот проблем. Прочитавме дека била толерирана корупција и поткуп на гласачите во изборниот процес. Толерирана само заради политичка проценка и остварување на личен политички бенефит во погоден политички момент. Личен бенефит, кој под нозе ги ставал демократијата, владеењето на правото, но и интересот на сите граѓани, вклучително и на сопствените сопартијци. Бенефит за двајца, навидум политички противници во тоа време. Добро е и ова да се знае и памети!

Неизоставен сегмент од целокупниот коруптивниот вулкан се и медиумите. Поточно, оној „проминентниот“ дел од македонските медиуми и нивните „новинарските бардови“. „Бардови“, како на пример оние, од онаа „првата“, инстант телевизија, специјално формирана и дебело „лубрифицирана“ да ги брани „либералните“ политики на владата што замина. За среќа, како се формираа така се распаднаа. Исто како СЈО на „старлетите“.

На времето, „бардовите“ не убедуваа дека паднал режим, дека дошол животот, а зад кулисите се одвивале најкоруптивните сеанси, можеби и пред нивните очи. Токму тие, „бардовите“, оние кои претходно обвинуваа, распнуваа, судеа, пресудуваа и егзекутираа без да бараат докази, сега повикуваат на потребата од докази, целосни судски процеси и почитување на презумпцијата на невиност. Нема проблем, така треба да биде! Но, така да биде секогаш и за секого, а не само за нив и нивните!

„Бардовите“ се крајната алка од синџирот на исхрана во македонската коруптивен систем. Учествуваат во него. Онака од страна, индиректно. Да не ги „фати“ законот. Преку своите приказни создаваат продукти за масовна конзумација кои што како психотропна супстанца предизвикуваат халуцинации кај целата нација. Нивната одговорност не е ни малку занемарлива, ниту пак помала во споредба со останатите од нивната сорта во целиот систем.

Македонија има реален проблем, голем проблем! Тешка ќе биде борбата со постојаните ерупции на корупција! Можеби проблемот е кај нас самите?! Веќе сме инхибирани и навикнати на сеопштото загадување во кое што живееме и имаме проблем со сопствените критериуми и перцепцијата за тоа што е добро, а што не. Свесно или несвесно, се трудиме очигледното да не го видиме, а на она што го слушаме, да не го слушнеме! Можеби така ни чини! Можеби и ние сме заробени во севкупниот коруптивен вртлог, кој веќе станал составен дел на нашата ДНК спирала!

Македонија е пред сериозен предизвик. На Македонија нема да и бидат доволни само реформи во соодветните области во кои се детектирани слабости и недостатоци. На Македонија и е потребен целосен ремонт, обнова и „дератизација“ на целото дувло!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *