October 4, 2022

Пелистер ја доби драмата со Татран и зачекори кон финалето во Струга

Македонскиот вицепрвак Пелистер стигна до втората победа на струшкиот ракометен турнир после тесната и драматична победа со 25-24 против Татран Прешов во второто коло во групата А, со што зачекори кон финалето во битка за трофејот на јубилејното 50-то издание на овој ракометен турнир.

На Пелистер му треба победа во последното коло против АЕК Атина за да го завери пласманот во финалето, а Вардар против Целје во директен дуел вечерва ќе се борат за првото место во групата Б и за пласман во финалето.

Пелистер и Татран одиграа егал меч во кој нијанси решаваа, а максимум два гола разлика беше во текот на мечот, на стартот за Словаците (5-3), пред крајот за битолчани (22-20), а пет минути пред крајот Татран успеа да израмни на 23-23 со серија од два гола после негативата (21-23) и мечот да влезе во неизвесна завршница, во која Танковски донесе предност, Давидовиќ израмни, па Сари вторпат ги донесе битолчани на минимална предност.

И во завршниот напад, екипата од Прешов не реализираше и Пелистер дојде до победата.

Во првиот меч денеска домаќинот Струга со беше демолиран од АЕК Атина со 30-15.

Leave a Reply

Your email address will not be published.