August 18, 2022

АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДОРКА КЕЈТ МАРИ БРНЗ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА БИТОЛА

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес имаше средба со американската амбасадорка во Македонија, Кејт Мари Брнз, која истакна дека се радува што е во Битола, град со прекрасна архитектура и големо културно наследство. На средбата се разговараше и за програмата на фестивалот „Илинденски денови“ кој е дел од БИТ ФЕСТ, спецификите на фолклорот и учеството на гости од Америка.

Градоначалникот и амбасадорката разговараа и за други прашања поврзани со подобрување на можностите за заштита и реставрација на објектите кои се културно наследство, како и забрзување на административните процедури за обезбедување на потребните дозволи, што посебно се однесува на забрзување на процедурите, во делот на надлежноста на институциите под централна власт.

Градоначалникот Коњановски ја истакна потребата на градот од создавање на поголем зелен простор, изградба на паркови, мултифункционален центар, нова противпожарна станица, како и подобрување на инфраструктурата, но ја нагласи и потребата од делување во насока на задржување на младите во Битола.

Амбасадорката Брнз рече дека Битола е сепак дел од солуцијата што нуди нов живот за младите преку културните настани кои насекаде може да се видат. На тоа градоначалникот додаде дека, токму тоа е неговиот најголем мотив да биде добар градоначалник и да ги оствари очекувањата на жителите на градот, притоа остварувајќи прогрес во наредните години.

Градоначалникот и амбасадорката, разговараа и за предизвиците на енергетската криза и за справување со можните најавени проблеми за зимскиот период, со оглед на тоа што Битола има доста ладни зими, како и за решенијата кои може да се имплементираат во следниот период.

Leave a Reply

Your email address will not be published.