August 18, 2022

БИТ ФЕСТ: СВЕЧЕНО ОТВОРЕНО 52 ИЗДАНИЕ НА РЕПУБЛИЧКИОТ ФЕСТИВАЛ НА НАРОДНИ ПЕСНИ И ИГРИ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“ БИТОЛА

Со орото „Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“, на Ракометното игралиште во Битола, свечено беше отворено 52 издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови”, на кое му претходеше дефилето на фолклорни групи и друштва од државата и светот низ Широк Сокак во Битола.

На свеченото отворање, пред присутните се обрати директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илиевски:

„Илинденски денови е фестивал во Битола, град што има доволно душа да го собере целиот свет, град што е стебло од каде расцутуваат цветовите на ритмите на звуковите од сите меридијани. За „Илинденски денови“ претесен е и Широк Сокак, кој се претвора во една сцена која мами од секоја педа да се заигра, запее, засвири. “Илинденски денови“ пречака гости и играорци од сите континенти, се запиша во мапата на ЦИОФ, затоа што во него трпеливи се вложувало со знаење и љубов, како аманет. 52 години расте и ни цвета нашиот фестивалски цвет. Нека ни цвета уште многу, многу години“, рече директорката Маја Андоновска Илиевски.

Фестивалот „Илинденски денови“ е дел од програмата на битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“, кое го организира општина Битола. На сите гости и учесници на фестивалот убав престој во Битола им посака градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски:

„Вечерашната фестивалска вечер е уште една потврда за големината и значењето на културата и традиционаланите вредности во Битола, како град со богато културно наследство. Под мотото од корените до цветот оваа година имаме фестивал преку кој во Битола се навраќаме на минатото и испраќаме пораки за заедништво и почитување на различностите. Фестивалот кој повеќе од половина век се гради и надградува промовирајќи ја историјата и културата е дел од програмата на битолското културно лето “Бит фест“, кое  веќе втор месец го реализира општина Битола. Сите овие настани, кои посебно во летниот период ја раздвижуваат Битола, носејќи го националниот фолклор низ битолските улици, заживувајќи ги различните фестивалски сцени, изложбени и концертни простори, придонесуваат за значајна промоција на нашите вредности во светски рамки, со посебен акцент на настаните кои произлегуваат или се поврзани со историски значајни периоди. Верувам дека, сите гости, кои во овој период се дел од културните случувања во Битола, ќе имаат убав престој во нашиот град, кој ќе им остави добри спомени и впечатоци, а понатаму ќе продолжат да бидат наши промотори во светот“, рече градоначалникот Коњановски.

Свое обраќање имаше и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, а фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски.

Покрај домашните ансамбли, дел од првата фестивалска вечер беа и ансамбли од Полска, Америка, Шпанија…Програмата на фестивалот „Илинденски денови“, продолжува до 30 јули, а настаните се одржуваат на повеќе локации во Битола: по Широк Сокак, во Магазата, низ Старата битолска чаршија, во Хераклеја и на Ракометно игралиште.

Дел од вечерашната програма е и Концертот на НУ Ансамбл за македонски народни игри и песни „Танец“ од Скопје и Влатко Стефановски, кој ќе се одржи во Антички локалитет Хераклеја со почеток од 21 часот. Двата големи македонски уметнички бренда ќе ја делат сцената на голем концерт, за кој аранжманите на антологиските ора „Пелистерско“, „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџиско“, „Пајдушко“ и незаборавните мелодии на „Елено, ќерко“, „Јано, мори, севдалино“, специјално ги напиша познатиот македонски композитор, аранжер и инструменталист, Дамир Имери.

Leave a Reply

Your email address will not be published.