August 18, 2022

Леон Стефановски: Влез во избугарена ЕУ? Не благодарам. Веќе сме на Балканот.

Исповед кон ТАТКОВИНАТА

Не знам дали да зборувам од прво или второ лице. Дали кога е во прашање татковината сме заслужиле да зборуваме во прво лице? Татковино, ти ова не го заслужуваш. А ние не те заслужуваме тебе.

Блаже Конески во една прилика рекол: “ Какви порази сме морале да издржиме, какви срамови, какви поруги. Боже, умот дури ми се свртува. “ Дојде ден, дојде време во кое подобро е човек да има мрачна дупка во меморијата од колку да го живее овој срам. Срам на модерното време. Модерно за некој, но во секој случај не за секој.

Во својата татковина по дифолт треба да имаш идентитет. “ Лична карта “ со кој гордо ќе шеташ низ целиот свет. ” Лична карта “ која секогаш гордо ќе ја прикажуваш триумфирајќи во тешките моменти на твојот пат. Во твојата татковина имаш нешто кое стои зад тебе. Предците, културата, историјата, јазикот, семејството. Но имаш и нешто кое е пред тебе. Иднината. Во која мораш да цврсто да ги негуваш тие работи крај себе. Во туѓа земја имаш само иднина. И кога ќе погледнеш зад себе немс да видиш ништо. Во нашиот случај најстрашно е што немаме иднина. А немаме ни ” лична карта “ со која би те идентификувале во таа туѓа земја.

Велат дека нема поголема радост од тоа да ја гледаш својата татковина како расне во моќна ,просперитетна, пријателска, развиена и слободна земја. Јас за жал можеби би наликувал на евроскептик или песимист но не гледам ни една особина да ја краси нашата татковина од погоре наведените. Никој не се труди тоа да се промени, да ја краси, туку скоро секој се труди да ја згнаси.

Оваа колумна ја посветувам на татковината. Не заради тоа што сакам да глумам фејзбук патриот. Туку заради тоа што чувствувам потреба од исповед. Од исповед кон она што се случуваше изминатите децении и она кое се случува сега. А за жал кое во најголем дел и нанесувало рани нејзе.

Голем дел од еврофундаменталистите се во крајна контрадикторност од моментот кога се појави францускиот предлог. Тие се борат што побрзо да се прифати предлогот. Сакаат старт на преговори по секоја цена. Всушност дел од националните интереси ги перципираат како пазарно Балканска економија. Што е контрадикторноста? Одиш до степен на национална катастрофа без приота да го почитуваш основното човеково и Европско право а тоа е правото на самоопределување. Па ти човече не можеш да бидеш еврофундаменталист. Ти можеш да биде евро-пазарџија и ништо друго.

Еврофундаменталист би застанал на масата и би преговарал колку ќе биде потребно. Нека биде тоа и со години. Ќе преговара се додека не ги заштити сите позиции на својата земја. А ако тоа не биде можно. Во даден момент ќе стане и ќе ја напушти таа маса. Со самопонижување и прифаќање на ултиматуми не може да владеат Европските вредности. Посебно во време кога ЕУ наместо да го интензивира процесот на Европеизација, таа за Балканизира, или грубо речено, се БУГАРИЗИРА. А ако бидам уште погруб ќе речам се ИЗБУГАРИ.

ЕУ се Бугариза или се Избугари. А Бугарија никако да се Европеизира. Со тоа што Бугарија не се Европеизира а ЕУ се Бугаризира. Си го поставувате прашањето. Дали во ЕУ владеат оставштини од некое минато време?

Дали Европската Унија може да направи одредена инклузивност еднаква на оние критериуми кои самата ги бара во преговорите со земјите кандидати? И уште едно нешто што е суштинско а често го забораваме. Прифаќајки го Француско-Бугарскиот предлог е предлог во кој нема ни трошка репроцитет. Тоа е возило кое нема гуми а треба да влечи напред. Прифаќајки го овој предлог илустративно ако сакате е исто како да кажеме дека иако тоа возило не се движи ние сепак ќе го напуштиме, и со точак ќе пробаме да го извозиме патот. Се’ ќе беше во ред ако со тој точак требаше да поминеме некоја кратка релација. За жал со точак не се минуваат стотици илјади колометри. Ќе рече некој: “ Како Македонци и тоа го правиме, и со точак би отишле до таму каде што треба.” Но во истиот момент јас би ви посочил дека не треба да го заборавиме ” добриот “ комшија кои веќе скоро 20 години живее во “ странство “ а сепак пред својот дом оставил шајки. Шајки со кои отидоа гумите на возилото. Шајки со кои ќе отидат и гумите на точакот. Шајки со кои ќе отидат сите сонови за Европското патување.

Клучно е што околу сето ова во најголема мера е обединета Македонската јавност. Без разлика дали личното убедување на граѓаните се наоѓа лево или десни на идеолошкиот спектар. Без разлика на професија, религиско убедување, националност итн. Само еден дел е на страната на Француско-Бугарскиот предлог. А тоа се властодршците и јавната “ експертиза ” кој де-факто е нејзина испостава.

И да, пред да преминеме на анализа во делот на предлогот. Мислам дека доблест е да се поздрават сите Македонци кои имаат различна етничка припадост од Македонската а јавно се борат против предлогот. Рамо до рамо го сочувствуваат овој важен момент. Браќа и сестри, колку сте, толку сте, токму сте! И јас како граѓанин барем во мое име ви се заблагодарувам за тоа.

Добро беше прашањето на новинарката до Шарл Мишел за тоа зошто ЕУ само се турка во дупка на контрадикторност која оди до тоа, во ЕУ јавно да можеш да кажеш на кој пол припаѓаш, кога во истиот момент таа Европска Унија или една од водечките земји, а тоа е Франција, ти испраќа предлог кои фрла тотална сенка на определбата на една нација како Македонска и на нејзините граѓани Македонци кои зборуваат Македонски јазик.

Страшно е што оваа мала група експерти кои пробуваат да ја релативизираат работата секогаш ќе прават слика дека напатениот Македонец кој протестира е небањат, дека е анти ЕУ, дури и ќе му залепат политичка етикета. За нив револтот секогаш ќе биде неразумен. Но се разбира што ќе ти е национална чувство кога може да добиеш некој грош. Или малку повеќе.

И уште нешто кое барем за мене е нелогично а се однесува на делот со тие експерти. Се прашувам кога ќе сфатат дека левичарите или есктремните либерали никогаш не водат политика како оваа наша Влада. Дека токму тие левичари низ целиот свет во изминатиот век правеа тешки револуции и одбиваа секаква послушност. “ Ултиматум- НЕ БЛАГОДАРАМ! “ Повеќе ме асоцира на една таква слобода одколку на нешто друго. И да, тој што пцуеше починат родител е многу поблиску до еден левичар или до тоа како изгледа пркосот на вистинските левичари. Можеби тоа мене или вам кои ја читате мојава колумна не ви се допаѓа. Ама мислам дека тоа е факт.

Останува уште делот со предлогот. Мал осврт на тоа зошто овој предлог е исклучително штетен за нас како Македонци и за нашата држава. Најдобро според мене цела проблематика ја објаснија два политичари од наша страна. Димовски и Димитров јазик искршија за да посочат на сите штетни моменти од сето ова.

Многумина не знаат каква е опасноста од тоа што во рамката се состои и билатералниот спор во преговорите со ЕУ. Спорот се состои во преговарачката рамка. Вториот момент е тој што нема никаков реципроцитет во овој предлог. Читајќи го тоа може да се забележи. Иако има многу двосмислени формулации.

Значи кое наша барање се состои во предлогот. Што манипулирате со тоа дека јазикот е “ чист “ во предлогот? Да чист е, нема фуснота, да ќе биде под палката на ЕУ. Ама кој ќе ни гарантира дека нема повторно да не’ ни стват вето? На секое од поглавјата можат да ни речат, стоп Македончиња, нешто ИСКАМ!

Понатаму нема реципроцитет ни во моментот со малцинствата. Како тоа земја што не разликува етнички заедници ќе ме условува мене да вметнувам заедница во највисокиот правен акт на државата!? Зарем не е срам после сите пресуди да се зборува за тоа дека овие 3.504 граѓани кои се изјаснуваат дека имаат блгарски происход, зарем не е срам да велат дека тие биле подискриминирани од нашите Македонци во Пиринска Македонија?

И на крај. Каква атмосфера ќе се формира во Македонија, во Бугарија или во ЕУ? Еве да речеме дека ќе го отфрлиме предлогот. Кој тука “ победува “? Може да се рече никој, бидејќи ние уште од старт сме ранети, а ранет човек не победува! Ние сме изгубиле време со тоа што не условиле и понижиле. Бугарија уште нема да сфати дека никаде не може да оди со трул национализам во 21 век. А во ЕУ ќе се влоши ионака безнадежната ситуација со ЕУ проширувањето. ЕУ ќе стане симбол на непринципиелна политика. Ќе стане симбол на распад а не на обединување. За ЖАЛ. Тоа е факт и ништо помалку.

Јас лично ќе присуствувам на сите места на кои ќе можам да го искажам својот револт. На сите места на кои ќе можам да и’ се спротивставам на оваа Влада. Не заради тоа што сум човек кој умее да мрази. Туку заради тоа дека треба да им текне дека треба да работат за нас, за народот. Што очигледно нема никогаш да го направат. Што очигледно нема никогаш да го имаат тоа национална чувство.

И по некој стих од песната “ Жална врба “.

“ И чедата свои ги споменува
Кои паднаа за слобода
А никој не ја дочека. “

Никој не ја дочека. Ни еден Македонец никогаш до сега. Секогаш под притисок, секогаш условувам но сега во најмала рака јасно го крева својот глас против овие удари од ЕУ односно Бугарија. Ултиматум- НЕ БЛАГОДАРАМ!

Ако мислењето значи дека постоиш, јас ќе продолжам да мислам. Да пишувам. Да живеам. Да се борам. И сето тоа да го правам како Македонец од Македонија кој говори на чист Македонски јазик!

Ставовите искажани во рубриката Колумнa се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.