July 2, 2022

НАВОДЕН КУЛТУРЕН ЦЕНТАР – ПОДМЕТНАТО КУКАВИЧКО ЈАЈЦЕ

                                              (ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ 173)

1. Два настани ја одбележаа неделата што измина. Дома, вниманието на јавноста го привлече пожарот во институцијата што званична Бугарија kукавички ни ја подметна пoд нос, среде Битола, што во почетокот ја претставуваа како читална, библиотека, па за на крајот да испадне некаков си “културен центар” со името на злосторникот и сатрап на бројни македонски патриоти Иван-Ванчо Михајлов. Вториот настан беше секако врачувањето на томосот за афтокефалност на МПЦ-ОА од страна на СПЦ, што беше уприличено среде Белград.

   Чудно совпаѓање е пожарот во Битола. Се случи во саботата, на 4ти јуни, истиот ден кога во Скопје дојде бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчевска, наводно во обид “да се испеглале разликите помеѓу нејзината земја и РМ пред самитот на ЕУ на крајот на француското претседателство”. А што ќе пеглаат македонскиот МНР Бујар Османи и Генчовска е неизвесно, бидејки јавноста е лишена од елементарни информации што воопшто е на преговарачката маса!? Судејки од досегашниот развој на настаните, двете страни се длабоко закопани во своите ровови и напредок – барем така се чини, е речиси невозможен. Бугарите не само што не отстапуваат од своите санстефански заблуди, туку во континуитет лансираат и нови барања, неприфатливи за македонската страна со очигледна цел да се оневозможи било каков договор!

   Каков ќе биде епилогот од ова драмолетка со Бугарија можеме да претпоставиме, а тоа е дека се минимални, или скоро никавки, шансите за отстранување на бугарското вето за почеток на преговорите за членство на Македонија и Албанија во ЕУ за време на француското претседателство што истекува на крајот на месец јуни. Но нешто што особено иритира е неспорното сознание дека блокадите и непријателството што Бугарија ги манифестира кон Република Македонија не се автентични (не се: Made in Bulgaia), туку – ако ја гледаме големата слика на проблемот, кристално јасно станува збор за политички став на Брисел, за што не треба да имаме никаков сомнеж. Актуелниот претседавач Франција во неколку наврати со потезите на претседателот Макрон го попречи напредокот на Македонија и Албанија кон ЕУ, а да не забораваме дека има и уште неколку членки што се скептици, па дури и противници, на проширувањето на Унијата. Можеби токму тука лежи одговорот зошто Бугарија го прави тоа што го прави иако и самата ни од далегу не беше спремна за членство, што го оствари благодарејќи на нејзиниот стар сојузник – Германија. И сега истата таа Бугарија глуми пркос на најголемиот дел од 27 земји – членки од кои повеќето сепак го подржуваат процесот на проширување на ЕУ и почеток на преговори за членство на Македонија и Албанија. Од Бугарија – и се е можно!?

   Ниту војната во Украина очигледно, ниту “ладењето” на граѓаните од регионот на западен Балкан, посебно на Македонија и Албанија, а ниту можноста за дестабилизација на регионнот се чини не се доволен мотив Унијата да го промени својот став и барем донекаде да ги релаксира состојбите. А досегашната пракса на проширување на ЕУ покажа дека во минатото сепак постоеле можности со политички инжињеринг и конкретно влијание на заинтересирани членки некои работи да се реализираат. За мене најочигледен пример е приемот на Кипар во членство (во големото проширување кога беа примени дури 10 земји, главно поранешни републики и сојузници на Советскиот Сојуз), иако земјата (Кипар) нема контрола на скоро половина од сопствената територија, што е многу важен, ако не и клучен предуслов за членство во Унијата!!! Колку за потсетување, членството на Кипар беше буквално изнудено од страна на Грција која ја услови Унијата со најава за вето на приемот на 10те земји, доколку не биде примен и Кипар. Значи сепак се можело, доколку се сака. За жал, за нас нема кој да притисне и да се заканува со вето, за што можеби сме виновни и самите ние бидејки за 30 години независност не успеевме да изградиме стратегиско партнерство со ниту една земја-членка на ЕУ!

   И повторно за подметнатиот пожар во Битола. Не верувам дека власта ќе го открие сторителот на инцидентот (камерите покажуваат маскирано лице на велосипед кое ја испрскал вратата од објектот со лесно запалива течност. A во меѓувреме МВР соопшти дека потпалувачот сепак бил откриен и уапсен, а тоа да ти бил пејачот Ламбе Алабаковски), но пораката секако е јасна и гласна. Македонската јавност го доживеа отворањето на тој клуб како невидена провокација од бугарска страна, а бугарите го презентираат инцидентот (пожарот) како недвосмислен доказ за “говор на омраза”!? Не исклучувам дека е можно тоа да е дело на трета страна што не го сака напредокот на Македонија кон членство во ЕУ.

    Како и да е, македонската сага продолжува!

2. Во неделата (5ти јуни) во Белград на Поглаварот на МПЦ, Архиепископот г.г.Стефан му беше врачен томосот (актот) за официјално признавање на афтокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од страна на Српскиот патријарх Порфириј. Со овој чин, според добрите познавачи на црковните прашања, се финализира процесот на легитимирање на МПЦ-ОА како афтокефална  црква, рамноправна со сите останати православни цркви православната екумена и сега преостанува истото формално да го потврди и Вселенскиот патријарх Вартоломеј со издавање на томос. И што е многу важно, патријархот Порфириј потврди дека СПЦ нема никакви побарување кон МПЦ-ОА и таа (МПЦ-ОА) сама ќе одлучува за сите прашања од нејзина јуриздикција. На 12ти јуни во Цариград е закажано заедничко сослужување на македонските владици и Архиепископот г.г. Стрефан со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Цариград (Истанбул), што би требало да се смета како големо финале за македонската православна црква и македонскиот православен народ кон самостојност и рамноправност со сите православни цркви во светот.

   Се очекува СПЦ и службено да ја информира цариградската патријаршија (и сите православни цркви во светот) за давањето на томосот со што ќе бидат отстранети сите формалности на трнливиот пат на МПЦ-ОА кон афтокефалност.

   Дали патријархот Порфириј сепак ќе го направи она што од него се очекува да го направи (давање на томосот за афтокефалност на МПЦ-ОА) што – според каноните е привилегија и право  с а м о  на Вселенскиот партијарх останува да видиме. Но тој сепак ќе мора да го стори тоа бидејки неговата позиција сериозно е загрозена од настојувањата на Руската православна цркве која (како најбројна со верници) настојува да го превземе приматот во православието и да се претставува како вселенска патријаршија или како што во минатото милуваше да се нарекува “трет Рим”.

   Од името на Св. Синод на МПЦ-ОА задоволство за добивањето на томосот за афтокефалност од СПЦ изрази владиката Тимотеј кој го оцени тој чин како “Дел од процесот за добивање томос од цариградската патријаршија”.

   Афтокефалноста на МПЦ-ОА јасно е дека веќе е скоро свршен чин за што не треба да има никакви сомнежи и останува само да се доработат или допрецизираат некои формалнсти што се од рутински карактер – така барем сметаат експертите за црковни прашања.

   Ја користам приликата да апелирам на надлежните на некои цркви down under, конкретно во Сиднеј, да ги почитуваат одлуките на Св. Синод на МПЦ-ОА, нејзината обновена афтокефалност и напорите за нејзино целосно признавање од сите останати православни цркви!!!

Сега драги македонци ни е потребно единство можеби како никогаш до сега! Крајно време е да се вразумиме, да ги надминиме суетите и личните интереси и заедно да работиме за интересот и добробитта на нашата мајка црква – Охридската архиепископија што не одржа низ вековите како православен народ!

М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ,  Поранешен министер и амбасадор

Leave a Reply

Your email address will not be published.