July 2, 2022

„Браћо, признајте ги браќата!“

Пишува: Петар Поп-Арсов
Ова беше содржината на еден од транспарентите истакнат на митингот за поддршка на македонската самобитност одржан на плоштадот во Куманово, некаде на почетокот на 1992 година. Тоа не беше обичен митинг. Имаше две спротивставени страни, македонска и југословенска (читај српска). Имаше физички контакт, полициски кордон за раздвојување, бркотница, размена на удари, тепање. Тепање… и еден транспарент со порака „Браћо, признајте ги браќата!“.

Порака која остави длабока трага во мојата меморија во време во кое Македонија беше „ни на небо, ни на земја“. Новоформирана држава од неполни шест месеци, со сè уште присутна ЈНА, без сопствена војска и валута. Новородена државна творба со неверојатна мешавина на признавања и непризнавања од своите непосредни соседи. Бугарија веднаш ја призна државноста, но не го призна македонскиот народ и македонскиот јазик, како ни ден денес. Албанија и самата беше во хаос, па нејзиното признавање во тој момент и не беше некое достигнување или нешто за што жалевме. Србија го признаваше македонскиот народ и јазик според политичките параметри уште од времето на СФРЈ, но никогаш ја немаше признаено македонската црква и духовната компонента на идентитетската посебност на македоскиот народ. Во превод, не ти ја признава црквата, не ти го признава народот. Грција не признаваше ништо!

И така тргна! Така тргна патешествието на македонската држава и народ кон заокружување на вековниот стремеж на генерации Македонци за формирање на сопствена држава која ќе живее во хармонија со сопствените браќа и соседи.

Се редеа признавања, интеграција во меѓународни организации, политички, спортски, културни. Обединетите Нации, Советот на Европа, ОБСЕ, ФИФА…мифа, УЕФА, ЕХФ, Олимпијади, Евровизија, фудбал, ракомет, кошарка…, Македонија ја имаше насекаде.

Трпевме и притисоци, санкции и блокади!

Се маткавме по ходниците на ЕУ институциите, и уште ќе се маткаме. Не може ЕУ толку да не одбива колку што ние можеме да бидеме упорни! Никогаш не бевме задоволни и секогаш сакавме повеќе, уште, уште малку. Бевме свесни дека носиме вина во себе за незавршените домашни задачи, но бевме свесни и поучени дека дури и завршените задачи за Македонија нема да бидат доволни.Сепак продолжувавме напред.

Влеговме и во НАТО!

Присуствувавме, учествувавме, понекогаш и победувавме на радост на сите дома, но за најголемата победа секогаш го сметавме нашето присуство, учество и спомнувањето на името Македонија во друштвото со останатите земји. Стана сосема нормално да нè има, да сме присутни и да посакуваме успех.

Со соседите ни одеше по принципот топло-ладно. Некогаш топло, некогаш ќе заладеше, пред сè во политичките односи. Но, она што беше најважно, односите меѓу обичните луѓе секогаш ја држеа онаа топла струја која даваше надеж за просперитет и мирен соживот на Балканот. Особено односите со Србија, српскиот народ и српската политика во овие дваесетина и кусур години од овој век беа особено коректни, добри и на периоди на исклучително високо ниво.

Односите добри, блиски, а секогаш во мислите провејуваше пораката од транспарентот „Браќо, признајте ги браќата!“. Порака која го поставуваше клучното прашање, кога конечно ќе дојде до црковно признавање на македонскиот идентитет со признавање на автокефалноста на Македонската Православна Црква?!

И еве, се случи и тоа!

„Сега браќа и сестри, кога дојдовме овде ви носиме уште една радост. Светиот архирејски Собор на Српската Православна Црква едногласно излезе во пресрет на молбата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Соборот на нашата цркваблагословува, одобрува, прифаќа и признава автокефалност.“

Браќата ги признаа браќата!

Оваа реченица изговорена од патријархот српски, Порфириј, треба да стави крај на сите несогласувања, неслога и поделби кои постоеја на црковно ниво. Чинот на признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија од страна на СПЦ ги затвора сите отворени прашања меѓу двата народа и дава сериозен импулс на сите балкански народи во целина за излез од сопственото „средновековие“ во кое се сè уште заглавени, дури и во дваесетипрвиот век.

Што е тоа кое што највеќе импресионира во реченицата изговорена од патријархот Порфириј? Македонска православна црква – Охридска архиепископија, името на нашата црква. Онакво какво што е! Македонско!

Тоа е тоа!

Во Македонија има верници, веруваме во Бога. Имаме цркви, манастири и свештеници. Имаме исклучителна православна-христијанска традиција и негување на обичаите. Македонскиот народ во минатото, вака или онака, бил дел од духовното православно единство и тоа не е нешто ново кое што го добиваме со автокефалноста на МПЦ. Некои од нашите стари биле дел од славната Охридска Архиепископија, подоцна некои биле егзархисти, некои патријаршисти и како верници не припаѓале на „расколничка црква“, како што тоа е случајот со нас современите Македонци. Но, никогаш до сега, ниту една генерација Македонци не припаѓала на црква со име Македонска која е признаена како автокефална и во духовно единство со останатите цркви. Токму и за тоа беше, и е целата борба уште од 1967 година кога МПЦ самостојно ја прогласува сопствената автокефалност.

Тука е најголемото значење на пораката испратена од патријархот Порфириј и најголемиот успех на архиепископот Стефан и Синодот на МПЦ, зачувувањето на македонското име.

До тука некако сè делува идилично и оптимистички.

Но, како понатаму?

Во овие моменти не би сакал да бидам сомничав или „неверен Тома“ и да навлегувам во длабока анализа на онаа втората реченица,која како фуснота на радосната вест беше изговорена од патријархот Порфириј. Не би сакал да ја расипувам сопствената радост,но, мора да се биде реален и буден.

„Браќа и сестри, во исто време, Светиот собор на нашата црква му стави на должност на Синодот и патријархот на Српската православна црква, заедно и во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да ги разработат сите техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување со официјален акт, а потоа ќе бидат известени сите помесни православни цркви по својот канонски ред и поредок и ќе бидат повикани да го прифатат автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.“

Дали тоа значи дека сепак е потребен некаков официјален акт за прогласување на автокефалност на МПЦ?Дали тоа значи дека обзнанувањето на признавањето на автокефалноста на МПЦ од страна на патријархот Порфириј во Скопје има неофицијален карактер? Недостасува ли акт кој што треба да помине низ техничко-организациона нивелација меѓу водачите и Синодот на двете цркви? Акт кој ќе ја официјализира радосната вест која во Скопје ја соопшти патријархот на СПЦ?

Не сакам да верувам дека името Македонска ќе се загуби некаде во техничко-организационата нивелација, но имајќи го предвид признавањето коешто претходно дојде од Цариград, во кое јасно беше посочено дека се исклучува терминот македонска и сите деривати на името Македонија, создава обврска кај сите денешни Македонци да веруваме во божјата волја и делувањето на црковните великодостојници, но и будно да следиме и помагаме со цел сите заедно да истраеме на нашиот пат кон целосна црковна автокефалност на Македонската црква. Во Бога верувам, се друго проверувам!

Се поставува прашањето кои се мотивите и интересот на СПЦ и патријархот Порфириј на таков експлицитен начин, јасно и недвосмислено да ја ословува МПЦ-ОА со полното име? Дали дипломатијата досега нашла формула која ги задоволува сите заинтересирани страни и сèона што ќе следува е само имплемтација на веќе договореното или можеби СПЦ на овој начин, изненадена од чекорот на Вселенската патријаршија која прва ја обзнани веста за враќањето во канонско единство на нашата црква, ги зацврстува позициите на сопствената црква и држава и не дозволува некој друг да ја преземе улогата на „најголемиот пријател“ на Македонија и македонскиот народ? Дали СПЦ, поучена од грешката на БПЦ, која пред некоја година ја одби молбата на МПЦ-ОА во барањето начин да се вклучи во канонско единство со православниот свет, на овој начин прави нов исчекор со кој ја доведува Србија како држава на водечката позиција на Балканот?

Многу прашања, одговорите набргу ќе следат.

Ова е прв сериозен чекор (под услов целосно и до крај да се реализира) кој имплицира дека големосрпската политика, која доминираше во деведесеттите години од минатиот век и во времето кога истакнувавме транспаренти со текст „Браќо признајте ги браќата“, дефинитивно е заменета со разумна политика која не останува само во сферата на бајки и декларативност. Токму тие големодржавни политики ја направија Србија најмала и најневлијателна во последниве сто и кусур години.

Денес ја гледаме Бугарија заглавена и заробена во тој филм, филмот на големодржавните политики. Тааго напушти филмот на мир и пријателство на Желју Желев и влезе во агресивниот филм на Милошевиќ. Има свежа поука како завршуваат таквите филмови и кој е начинот за излез од нив. Бугарија е длабоко заспана во големобугарскиот сон кој што сега го сонува! Тоа е само еден обичен сон! Време е за будење!

Мое е само да им порачам „Братя, признајте ги браќата“!

За ваше и наше добро!

Останува да ја видиме и дочекаме разрешницата на ова поглавје од македонската историја. Останува да видиме каков ќе биде ставот на блокот грчки црквиво однос на името на МПЦ и дали во оваа политичко-верска операција секоја страна ќе го добие она што го сака во интерес на доброто, мирот и единството на сите?!

„Браћо, признајте ги браќата!“ – Република (republika.mk)

Leave a Reply

Your email address will not be published.