НИ МПЦ-ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА НЕ ГО ПРИЗНАВА ПОПИСОТ

                                            (ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ 164)

1. Во Македонија сеуште се силни (негативни) реакции на презентираните “официјални” резултати од фамозниот попис на населението што ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС). Ниту една од помалите партии – освем владеачката коалиција СДСМ-ДУИ, не ги признава резултатите, а со остри реакции се јавија речиси сите етнички заедници – турците, србите, босанците, ромите….. Дури и МПЦ – Охридска Архиепископија и владината Комисија за верските заедници не го признаваат пописот од 2021 бидејки според очигледно наштиманите резултати драстично е намален бројот на православни со вметнување (или подобро речено: наметнување) на графата “христијани”, без да се прециззира на која вероисповест им припаѓаат – православни, католици, унијати, саботари и сл.

   И македонците ширум светот не ги признаваат резултатите од пописот и ги отфрлаат со голема огорченост и незадоволство и го  сметаат за “етнички наместен инжењеринг наместо статистичка операција што се вика попис”! Кампањата што оркестрирано ја водеше власта пред “пописот” придонесе најголем дел од македонската дијаспора да не излезе да се попише електронски, а како главни причини се наведуваат: бришење на македонскиот народ од пописните листи и негово претопување во етничка заедница; неусогласеност на методологијата со пописните стандарди на Евростат и ООН; недоверба во системот. Клучен проблем за иселена Македонија сепак се чини беше непопишувањето на нерезидентните македонци, недоволна транспарентност на податоците, никаква надворешна и експертска контрола врз пописот и верификација на внесените информации; попишување со матични броеви на починати лица; недоверба во набрзина присобраните и недообучени попишувачи.
    Остра беше реакцијата и на МПЦ – Охридска Архиепископија што ја искажа со службено соопштение. Бројот на православни е за над 20 илјади помал од бројот од последниот попис пред 21 година!?
    Во званичните резултати од операцијата наречена попис има толку многу небулози и интервенции по службеното објавување на податоците на 30 март. Во жонглирањето со бројки впечатлива е и промената за бројот на атеисти во РМ кај кои првичната бројка од 355 лица е избришана, а по корекцијата е внесен бројот 8764, што претходно беше во графата Евангелско-протестантски христијани,

   Во новата табела се избришани, или не се прикажани лицата чија верска опрделба е помала од 500 попишани лица. Од Државниот завод за статистика ова го објаснуваат поради направената корекција во табелата и ограничениот простор!?

   Резултатите од “пописот” беа објавени на 30 март од кога почна лавината реакции пред се за бројноста на припадниците на етничките заедници. Па така, незадоволство изразија српската заедница, турската, македонските бугари како и многу политички партии. Турција и Бугарија незадоволството од пописните резултати го манифестираа дури со институционални реакции/соопштенија преку министерствата за надворешни работи.   Колку за потсетување, особено на сонародниците во дијаспората, пописните резултати го покажаа следново: 1. Вкупното попишано население изнесува 2 097 319 лица, а вкупното резидентно население изнесува 1 836 713 лица. Вкупното нерезидентно население во кое спаѓаат државјаните на Република Северна Македонија отсутни во странство повеќе од 12 месеци и странците времено присутни во Република Северна Македонија помалку од 12 месеци, изнесува 260 606 лица (што ни од далеку не одговара на реална состојба, забелешка моја).

   Бројот на лицата за кои податоците се преземени од административни извори (од други бази на податоци)изнесува 132 260 или 7.20% од резидентното население.

  Во вкупно попишаното население, 54.21 % се изјасниле како Македонци, 29.52 % како Албанци (вклучувајки ги и оние од дијаспората), 3.98 % како Турци, 2.34 % како Роми, 1.18 % како Срби, 0.87 % како Бошњаци и 0.44 % како Власи.

  Во вкупното резидентно население во Република Северна Македонија, 58.44 % од населението се изјасниле како Македонци, 24.30 % како Албанци, 3.86 % како Турци, 2.53 % како Роми, 0.47 % како Власи, 1.30 % како Срби и 0.87 % како Бошњаци.  Според најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ, “пописот” е некомплетен а Државниот завод за статистика “направи упад и промена на бројките. Тој е нецелосен и со многу неправилности и не ја покажува реалната слика за населението во државата”. Партијата најави дека по промената на власта ќе спроведе комплетен електронски попис.
2. Министерството за надворешни работи и Владата на РМ почнаа со полна пареа да работат на пополнување на дваесете празни амбасадорски места. Фрчат имиња на знаeни и незнани личности кои како кандидати “поминале на влада”, но за некои навистина постојат резерви дали заслужуваат да бидат номинирани.
    Според мене, најспорни се именувањата за амбасадорските места во ЕУ и Отава. За амбасадор во ЕУ е номинирана поранешната градоначалничка на Тетово и тоа по неуспешната кандидатура за трет мандат на  таа позиција, но изгуби на локалните избори и што е уште поразително: одкога не доби агреман од американците за амбасадор на Република Македонија во Вашингтон. Дотичната дама остави вистинска пустош зад себе во повеќенационално Тетово кое се дави во отпад, а не го реши ни снабдувањето со вода за пиењне во повисоките делови од градот. Општинскиот буџет е испразнет за повеќе милиони евра народни пари, но новопечената амбасадорка си водела сметка за семејството и си вработувала блиски роднини кои воопшто не оделе на работа. Женава како лојален партиски кадар и покрај сите фалинки во професионалната кариера како градоначалник ќе замине во Брисел, но тие што ја предложиле не воделе сметка дека и таму веќе им се познати нејзините професионални “дострели” како градоначалник. Да праќаш за амбасадор лице со такво СиВи е навреда за самата ЕУ и не сум сигурен дека таа ќе може да биде многу корисна во афирмација на земјата што ја праќа и ја плаќа – Република Македонија!?
   Спорна според мене е и номинацијата на немакедонец за амбасадор во Канада! Не сум национално оптеретен и немам ништо против никого, но при номинацијата на лица за така високи позиции во дипломатијата  м о р а  да се води сметка за спецификите на замјата каде тоа лице се праќа. Конкретно, Канада е земја со можеби најголемата македонска иселеничка заедница во светот, главно организирана во Македонски православни црковни општини и многу сум љубопитен како ќе функционира комуникацијата помеѓу и амбасадор-муслиман со бројните македонски православни цркви (само во Торонто ги има четири што се лојални на МПЦ-Охридска Архиепископија)!
   Дали ваквото именување е направено случајно (што не верувам) или е дел од сценариото за разнебитување на Македонија по сите основи, вклучувајки и дистанцирање на дијаспората од матицата земја, не знам, но можам да претпоставам.
   Не смее да не се земе во предвид дека македонската дијаспора е специфична, особено во Канада и Австралија, каде имаме голем број сонародници-македонци по потекло од Беломорска Македонија. Принципот “братство – единство” едноставно не функционира во дијаспората. Иселениците се слободни луѓе со сопствени погледи како граѓани на земјите на иселувањето и ваквото именување на амбасадор неминовно ќе придонесе за понатамошно дистанцирање на дијаспората од Републиката која важи за своевиден Пиемонт за сите македонци ширум светот без разлика од кој дел на поделена Македонија потекнуваат.

М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор

Leave a Reply

Your email address will not be published.