Кој го советува Советот на Европа?

Пишува: Петар Поп-Арсов

Советот на Европа, најстарата и најголемата меѓунардна организација на европскиот континент. Со седиште во Стразбур и со недефинирана визибилност, често пати се поистоветува и меша со Европскиот совет и воопшто со институциите на ЕУ и самата ЕУ. Советот на Европа не е ЕУ, ниту пак само ЕУ е Советот на Европа, иако нивната поврзаност и испреплетеност има и физичка и суштинска димензија. Дури и објектите во кои се сместени седиштата на Советот на Европа (Palаis de l’Europe) и Европскиот Парламент на ЕУ се меѓусебно физички поврзани. Советот на Европа како организација е нешто многу пошироко од ЕУ, пред се во смисла на земјите членки кои се дел од организацијата. Тука е целата ЕУ, тука се земјите од поранешниот Советски сојуз, тука се Турција, Норвешка, Швајцарија, Исланд, земјите од Западен Балкан, тука е и Македонија.

Тоа е организација на меката сила, на Европскиот суд за човекови права. Тоа е организација на бројните мониторинг механизми кои се грижат за почитувањето на превземените обврски од страна на земјите членки. Невизибилна, „тивка и повлечена“, но насекаде присутна. Таа е тука, кај нас, во Македонија, во соседните земји, насекаде низ Европа. Не ја забележуваме, но живееме со неа, со стандардите креирани во Советот на Европа. Тоа е организација во која се изготвени широк спектар на паневропски конвенции, кои за разлика од политичките документи на ОБСЕ, се правно обврзувачки и затоа формираат заеднички правен простор на европскиот континент. Европската конвенција за човекови права, нејзиниот систем, како и целокупниот систем на сите други конвенции, повелби, одлуки и останати правни акти кон кои сме се обврзале како држава, се дел од нашето законодавство и нашиот правен систем. Тие се дел од нашето секојдневие, правилата на игра кои што владеат и кои што сме ги прифатиле како правила кои што ги детерминираат вредностите на европската цивилизација создавани по Втората светска војна.

Втората светска војна, клучниот мотив при создавањето на најголемата паневропска организација. Создадена за да превенира конфликти и повторување на разорните ефекти на воените судири на европско тло, особено оние кои што имаат континентален и глобален карактер. Фокусирана на развојот на демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права, Советот на Европа како организација „од далеку“ делуваше на превенирање и дестимулирање на појавата и развојот на недемократски, авторитарни или диктаторски режими во земјите членки. Не дека ваму или таму, повеќе или помалку, немаше појава на „цврста рака“ која добиваше „доверба“ на изборите во некоја од членките на Советот на Европа, но се беше некако во рамки на некоја „нормала“, одржлив дијалог и заложби за доследно придржување кон вредностите кои што беа прифатени од сите европски земји.

Постоеја разлики, несогласувања, спротивставени позиции меѓу земјите членки, но се се решаваше во рамки на дијалог со активна партиципација на дипломатско, експертско и политичко ниво. На сите можни нивоа и области, освен на воено! Советот на Европа нема механизми или ингеренции кои задираат во ресорот одбрана. Советот се занимава со мир, не со војна. Советот е организација на дијалогот, компромисот, консензусот и заедничките решенија засновани врз принципи и вредности. Тоа не е организација на ископани ровови, срушени мостови на поврзување и дигање на железни завеси.

Барем така беше до вчера, или до пред една недела да бидеме попрецизни.

Русија веќе не е членка на Советот на Европа!

Самата најави напуштање, а останатите, да не „изедат корпа“, побрза самите да ја раскинат дваесет и шест годишната врска која започна во 1996 година. Русија беше исфрлена од Советот на Европа! Со право, заслужено или можеби тоа беше неизбежен исход без можност на избор како последица од развојот на целокупната ситуација во Европа и војната во Украина?!

Не велам дека требаше да биде поинаку. Веројатно немаше можност за поинакво решение во моменти на трка со времето за да се покаже политичко единство на европскиот континент. Самата Русија со своето однесување не остави ниту милиметар простор за поинаква одлука. Во услови кога и покрај се поголемата ескалација на судирот во Украина, сè уште постојат нераскинливи врски на енергетски план меѓу Европа и Русија, тие ги раскинаа своите односи на планот на заштитата на човековите права, владеењето на правото и развојот на демократијата. Толку е Советот, тоа се неговите ингеренции. Демократија, владеење на правото и заштитата на човековите права. Други „опипливи“ аргументи кои сопствената мека сила ќе ја донесат на ниво кое што ќе ја дестимулира Русија од понатамошните дејствија во Украина, едноставно нема!

Каде всушност е вистинската сила на Советот на Европа и што ќе се постигне со отстранувањето на Русија од организацијата? Тоа се вистинските прашања на кои треба да се даде одговор со цел да се добие вистинска слика за очекуваните резултати од исфрлањето на Русија од Организацијата.

Да почнеме од почеток.

Членството во Советот на Европа започнува со исполнување на првиот задолжителен услов, ратификацијата на Европската конвенција за човекови права. Русија, како дел од оваа конвенција, по автоматизам беше дел и под ингеренции на Европскиот суд за човекови права. Тоа подразбираше и обврска на оваа земја сопственото законодавство да го усогласи со одредбите од Конвенцијата со што Рускиот правен систем, во делот на заштитата на човековите права, беше компатибилен со Системот на конвенцијата и заедничките европски вредности и стандарди. Секој граѓанин на оваа земја, кој имаше чувство дека му се повредени човековите права, имаше право да изрази незадоволство и да поднесе жалба до Судот во Стразбур. Без оглед на тоа што Русија важеше за една од земјите со најголем број тужби пред Судот во Стразбур, значителен дел добиваа своја разрешница во функција на заштитата на индивидуалните и групните права на руските граѓани. Тоа беше прифатено од Руската Федерација и нејзин избор по сопствена волја.

Сега веќе тоа го нема!

Секое прекршување на човековите права останува да се решава во рамки на рускиот правосуден систем, без можност за контрола, субсидијарност и еден вид на постапка во втор степен пред Европскиот суд за човекови права. Исфрлањето на Русија од Советот на Евроапа ја остава заштитата на човековите права во оваа земја во ексклузивна надлежност на нејзините судски инстанци.

Дали е тоа добро?

Паралелно со заштитата на човековите права се доведува во прашање и начелото за владеење на правото. Не велам однапред дека ова начело нема повеќе да се применува во Руската Федерација, далеку од тоа, но отсуството на европски механизми кои ќе укажуваат на недоследности и слабости неминовно ќе придонесе за дисторзија и на ова поле во рамки на руското општество. Правната несигурност, поткрепена со економските проблеми во услови на војна и санкции, дефинитивно ќе ескалира и ќе придонесе за поголема радикализација во руското општество. Со тоа и демократијата ќе биде на удар, која што со сигурност ќе биде премостена и заобиколена со изговор за брзо и ефикасно решавање на слабостите во системот на функционирањето на правото и правдата. Неминовно ќе следи потреба од уште „поцврста рака“ која ќе мора да ја држи руската држава, вклучително и рускиот правен систем во компактна целина. Дури постојат и стравувања за повторно воведување на смртната казна, која со исклучок на една земја, Белорусија, речиси беше искоренета од казненото право на европскиот континент.

На европскиот можеби да, но да бидеме целосно доследни мора да кажеме дека смртната казна сè уште е на сила во некои од сојузните држави на САД. Чисто како дигресија и илустративна споредба.

Да не зборуваме за медиумските права и слободи, како и функционирањето на граѓанскиот секторот. Тие веќе се на удар и без самиот чин на исклучување на Русија од Советот на Европа. Самата војна во Украина налага таков тип на мобилизација во сите општествени сфери во Русија, при што секое напуштање на воспоставената рамка веќе се казнува со конкретни законски казни воведени последниов месец. Примерот за санкционирањето со затворска казна на употребата на терминот војна е доволна поткрепа на ова тврдење и доволен показател за сето она што може да се очекува во иднина.

Затоа се поставуваат прашањата, дали Русија требаше да биде исклучена од Советот на Европа? Дали со тоа директно му се помага на режимот на Путин и му се прави услуга во справувањето со внатрешните слабости кои природно со себе ги носи демократијата како систем во услови на војна?! Дали исклучувањето на Русија од Советот на Европа дополнително ќе ја маргинализира и досега маргинирализираната политичка опозиција во Русија, која можеби има поинаков став во однос на војната во Украина?

Русија не е само Путин, ниту пак само Путин е Русија! За жал, Европа преку својата најголема и најстара организација, Советот на Европа, зазеде таков став. Постави знак на ексклузивна еднаквост меѓу Путин и Русија. Каде е тука рускиот народ и граѓаните на Русија? Не сакам да верувам дека на европјаните така им чини, а Путин им дојде како „кец на десетка“ за да можат да го истурат целиот свој гнев и фрустрации врз рускиот граѓанин. Ако мотивот за исфрлањето на Русија од Советот на Европа беше да се ослабне власта на Путин со намера да се поттикнат внатрешни процеси за рушење на владејачката номенклатура, тогаш дефинитивно се работи за несериозна проценка на состојбите во оваа земја.

Исфрлањето на Русија од Советот на Европа нема да го погоди ниту Путин, ниту Лавров ниту било кој друг истакнат функционер на Руската Федерација. Ќе го погоди само рускиот граѓанин, демократијата и владеењето на правото во оваа земја и ќе придонесе за дополнително зајакнување на аргументот на силата. Тоа што Европа испраќа порака до руските граѓани дека тие повеќе не се дел од европското семејство нема да биде ни од далеку доволно стимулативно за да се придвижат процеси во оваа земја кои ќе придонесат за деескалација на војната во Украина. Можеби другите мерки и санкции да, но исфрлањето од Советот на Европа дефинитивно не!

Русија не смееше да биде исфрлена! Таа требаше да биде оставена самата да ја напушти Организацијата со што ќе докажеше дека се откажува и ги напушта европските вредности и стандарди, лишувајќи ги сопствените граѓани од цивилизациските придобивки на европскиот континент од завршувањето на Втората светска војна до денес.

Редоследот на настаните што се случи во голема мера го амнестира руското раководство и во значителен степен ја префрлаат одговорноста врз Советот на Европа кој како организација е востановена да се грижи за човековите права на секој европски граѓанин, вклучително и руските. Барем така беше до вчера!

Од изнесеново се наметнува најнепосакуваниот заклучок. Ставот на Советот на Европа кон Русија е целосно компатибилен со целите на актуелната руска политика, како и со целите на сите оние кои што преферираат војна наместо мир. Руското бркање и ослободување од обврските и одговорностите кон европските стандарди и принципи во голема мера ќе ги замени демократијата и правото и со војничкиот пристап во решавањето на разликите и проблемите. Зарем не беше тоа целта на сите оние кои што ја испровоцираа и започнаа војната? Ова е уште еден пораз на политиката и дипломатијата на оваа изгубена генерација на европски политичари!
Кој го советува Советот на Европа?

Leave a Reply

Your email address will not be published.