ТРИ ДЕНА БИТОЛСКИТЕ РОМИ ЈА ПРОСЛАВУВААТ ВАСИЛИЦА, БИТОЛСКИОТ КАРНЕВАЛ ПОСТАР ОД ВЕВЧАНСКИОТ

Активностите за прославата на празникот Василица, од страна на Ромите од битолскиот Баир, се одвиваат неколку денови и се традиционални и стари со векови. Тие со славење почнуваат на 12 Јануари, кога се палат првите огнови во градот. Екипа на ”ПелаНет”, оваа година, за празникот Василица, гостуваше кај Џевдет Џеловски Џеко, Претседател на Здружение на Роми ”Ромска ѕвезда” од Битола, кој годинава покани и претставници на повеќе здруженија од градот, па така, во неговиот двор, на василичарскиот оган, покрај Роми, присуствуваа и Македонци, Турци и Албанци. Трпезата беше богата, во нејзината подготовка, покрај домаќините, учествуваа и претставниците на поканетите здруженија. Се јадеше, се пиеше, се вртеше мазник со паричка, се печеа колбаси на огнот. И секако, на убавата музика, гостите завртеа и по некое оро.

Денеска, на 13 Јануари, наша екипа повторно беше меѓу битолските Роми. Вториот ден, главни ѕвезди беа една група БАБАРИ од Битола, придружувани од музичари од Струмица. Тие тргнуваат од населбата Петочна вода низ улиците од Баир, ги посетуваат ромските куќи, а домаќините ги даруваат со храна и пари, возрасните и со чашка ракија, помладите коледарчиња со јаболка и костени. Во Битола, годинава според бројот на присутни, слободно може да се рече дека се организира вистински карневал!
”Традицијата и културата на ромскиот народ продолжува да се негува и почитува, бидејќи и самите родители, дедовци, прадедовци, ја почитувале оваа традиција, организирајќи вакви карневали во минатотот. Порано, учествувале повеќе групи, но, поради пандемијата, а со цел продолжување на традицијата, оваа година имаше само една група БАБАРИ”, појаснува Џевдет Џеловски Џеко, Претседател на Здружението на Роми ”Ромска ѕвезда”.

Утре, на 14 Јануари, БАБАРИТЕ ќе се прошетааат низ чаршијата и другите делови од градови. И во другите градови Ромите ја слават Василица, ама сите се согласуваат дека во Битола се слави најмасовно и со најмногу адети. Според зборовите на нашите домаќини, битолскиот василичарски карневал е постар од Вевчанскиот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *