РАСИЗМОТ НА ДЕЛО ВО ВРВНИОТ СПОРТ

ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ – 153

Оваа цртичка и отровна стреличка одлучив да ја посветам на спортот, попрецизно речено: на злоупотребите на спортот зa политички цели. Конкретно, за илустрација: во Мелбурн беше уапсен и пет дена малтретиран по затвори светскиот тениски ракет број 1 Новак Ѓоковиќ; а се погласни се заканите за бојкот на претстојните зимски олимписки игри во Пекинг и сл.

За мене особено провокативен (од новинарски аспект) e случајот со првиот тениски ракет во светот (цела една деценија и повеќе) Новак Ѓоковиќ. Човекот кој дури девет пати го освоил големиот (гренд слем) тениски тулнир во Мелбурн и на покана на организаторите на турнирот со уредна австралиска виза издадена од австралиската амбасада во Белград, си ги спакувал куферите и оп, по пристигнувањето во Мелбурн му ја поништуваат уредната виза, со часови го малтретираат (демек испитуваат) на аеродромот, за на крајот да заврши – во затвор за илегални емигранти!

Дека сета оваа заврзлама е политички монтирана – немам апсолутно никаков сомнеж! Наместо да го искористат светскиот шампион и деветкратен победник на турнирот во Мелбурн како бренд за популаризација на самиот турнир, за тенисот воопшто, па и за максимално привлекување на гледачи на тениската арена, некои тамошни политичари инценираа случај кој, на нивна штета, доби невидени глобални размери и осуди во целиот спортски и демократски свет!

Нема да навлегувам во стилот “кој рекол – што рекол”, но сета оваа рошомонијада ми укажува на една работа, а тоа е дека станува збор и за еклатантен пример на прав расизам на дело! Во ситуација кога Ѓоковиќ важеше за апсолутен фаворит за победник на турнирот, а со тоа и да постане единствен тенисер во светот кој освоил дури 21 гренд-слем турнири, некому самата таа помисла многу му пречеше и за да не дојде до тоа – од авион – Ѓоковиќ дирекно во затвор. Во општото лудило што владее ширум светот “супериорниот (ариевскиот) запад” не може очигледно да свари: како тоа некој си Балканец да победува девет пати на елитниот турнир во Мелбурн, со можност тоа да го стори и по десетти пат и да постане најдобар тенисер на сите времиња со освоени најголем број гренд-слем турнири!? Тоа за политичарите во Мелбурн и во Канбера, но секако и вон Австралија, очигледно е недозволиво!?

Колку за потсетување, Ѓоковиќ – Балканецот, беше елиминиран и од ланскиот гренд-слем турнир ЈуЕс-Оупен, заради смешен, тривијален и ненамерен “инцидент”, а неколку сезони по ред е исвиркуван и на познатиот турнир во Вимблдон. Да не заборавиме дека и медиите во Холандија пред десетина и повеќе години се исмеваа и на самиот физички изглед на Балканецот Ѓоковиќ – каква му била главата и слично во тој стил!. Ќе потсетам и на инцидентот со светската шампионка – тенисерката од Балканот Моника Селеш, која сред тениски турнир во Германија со нож во грбот ја прободе еден Ариевец (Германец) кој не можеше да прифати дека оваа Балканка (Селеш) е подобра од ариевката (Германката) Штефи Граф!

Па да прашам: што се сите вакви манифестации ако не излив на расизам и нетрпеливост дури и во врвниот спорт кон секого што потекнува од Балканот??? Австралија практикува мултикултурализам подолго од половина век, тоа не е спорно (Терминот мултикултурализам го промовира професорот на Австралискиот национален универзитет во Канбера од полско потекло Јержи Зубрицки). Но на политиката на мултикултурализмот и претходеше брутална асимилација на новодојдените доселеници (особено по 1945г.) кога веднаш по пристигнувањето со бродовите им даваа англосаксонски имиња и нов идентитет. Бројни нацисти (од Германија, Украина, Романија…) беа згрижени и најдоа безбедно скровиште, далеку од правдата, на петтиот континент – со новиот идентитет, се разбира, со цел како искусни војници да се најдат (ако затреба) во првите редови за евентуален воен судир со надоаѓашкиот брутален сталинизам.

И уште нешто за австралиската мултикулултура. За разлика од космополитска Канада, која и самата е земја на доселеници, малкумина на петтиот континент се свесни за еден принцип, или подобро речено практика, која е појака и од уставот и законите на Австралија, а тоа е дека процентот од вкупното население на континентот мора да се 60 % од англосаксонско потекло, а останатите 40% – се останати! И, не може да има отстапување од тој принцип, за што се грижи Федералното биро за статистика во Канбера. Ете така стојат работите!

Случајот Ѓоковиќ многу ме асоцира и на еден настан во далечната 1988 година кога австралиските подземни служби монтираа инцидент пред генералниот конзулат од тогашна Југославија во Сиднеј. Имено, распадот на Федерацијата беше многу очигледен, а за да помогнат и тие да се забрза тој процес, австралиските служби инсценираа сериозен инцидент: младо момче, Хрват, влезе во дворот на конзулатот и се обиде да го запали државното знаме. Чуварот испукал еден куршум в о в о з д у х (!!!) за да ја исплаши веќе навлезената толпа (имаме непосреден сведок и очевидец на настанот кој живее во Скопје), а подземните австралиски служби одглумеа дека, наводно, од пукањето бил ранет еден демонсрант – на телевизиите го покажаа “ранетиот” како се смешка во болнички кревет (па ако си ранет со куршум не ќе да ти е до смеење, нели!?). Следеше затворање на конзулатот и протерување дипломати од обете страни, Но пропагандниот ефект сепак беше постигнаат на штета на обете страни!

Пропагандниот ефект и во случајот со апсењето и малтретирањето на Ѓоковиќ со фашизоидни методи несомнено е постигнат, но најмногу на штетa на “демокреатска” Aвстралија, бидејки се множат реакциите и осудите и од пошироката домашна јавност, од локалните медиуми и голбално со осуда на однесувањето и на локалните власт на државата Викторија чиј главен град е Мелбурн, но и на федералната влада во Канбера бидејки ваков скандал навистина е без преседан.

Во меѓувреме, после пет дена малтретирања по затвори и центри за емигранти, Ѓоковиќ на суд ја доби битката со политички (и не само политички) монтираниот случај и од притвор веднаш истрча на терен за да тренира и да си ја поврати формата пред почетокот на гренд-слем турнирот закажан за 17ти јануари.

Но има уште еден екстремно важен детал врзан со скандалот во Мелбурн. Имено, според правилата: доколку некој тенисер е 10 пати победник на турнирот, неговата биста м о р а да биде поставена пред “Род Лејвер” тенискaтa arena што, сосема извесно, некому ептен многу му пречело дека тоа може да биде бистата на Балканецот Нован Ѓоковиќ

М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *