ПОСЕТЕТЕ ЈА ПРЕСПА – КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ВО ПРЕСПАНСКИОТ РЕГИОН

DCIM/291MEDIA/DJI_1103.JPG

Преспанскиот регион во целина е бисер на македонската културна и административна историја. Уште од антиката, Преспа била значајна крстосница на римската сообраќајница Виа Егнација, а топонимот Претор (lat. Praetor – управител на административна единица) отворено говори за важноста што ја имало местото како седиште на управител на римска провинција. Во средновековието, Преспа била бастион и престолнина на Самоиловото Македонско царство, кое тука ги имало своите најсветли моменти и својот трагичен крај. На подрачјето на Преспа регистрирани се 130 археолошки локалитети од различни периоди од развојот на материјалната култура, потоа 1000 археолошки експонати, 500 монети, како и 450 експонати од етнолошко наследство.
Во Преспа постојат 95 цркви и манастирски комплекси, како и 1024 икони. До денес опстојуваат сакралните објекти од периодот 11-17 век: Св. Илија во с. Грнчари (12 век), Св. Ѓорѓи во с. Курбиново (12 век), Св. Сава во с.Претор (14 век), Св. Богородица во с.Сливница (17 век), Св. Петка во с.Брајчино (14 век) и Св. Атанас и Св. Архангел во с. Долно Дупени (14 век).
Како еден од позначајните споменици на исламската култура е Хаџирамадановата џамија, изградена во 1592 година.

По својата традиционална селска архитектура препознатливи се селата Брајчино, Љубојно и Долно Дупени со куќи изградени од камен кои сé уште го отсликуваат духот на едно минато време.
Од градската архитектура посебно се издвојува зградата т.н. Сарај – споменик на културата во Република Северна Македонија изградена во почетокот на 20-тиот век во времето на Младотурската револуција, во стилот на неокласицизам по пример на француската архитектура.
Ресенската керамичка колонија, сместена во Домот на културата „Драги Тозија“ е членка на Интернационалната Академија за керамика при УНЕСКО. Керамичката колонија, секоја година организира работна сесија за еминетни уметници од светот и истата се одржува во с. Отешево.
Во с. Подмочани се наоѓа една од најбогатите етнолошки колекции во Северна Македонија, сместена во Етнолошкиот музеј на Јоне Ефтимовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *