АЈДЕ ЗА ВОЗВРАТ ДА БАРАМЕ РЕПАРАЦИИ ОД БУГАРИЈА

  1. Ja испративме старата година (да не даде Горнион да се повтори) и веќе сме во 2022 – полни со надежи и очекувања (а што ни преостанува друго!?), но приликите сепак предупредуваат на претпазливост во очекувањата!

   Реалностите се многу грди: поскате струјата, парното, горивата, храната, а се најавуваат и нови поскапувања во повеќе области. Економската криза се продлабочува и не се гледа крајот на проблемите на граѓаните.

  Македонија наскоро ќе добие нова влада со неколку кадровски измени од претходниот состав, но неизвесно е прашањето за политиката на владата – како таа ќе се справува со секојдневните проблеми на граѓаните, посебно каков став ќе завземе за надминување на блокадите што ни ги наметна Бугарија.

  Новиот премиер на источниот сосед Кирил Петков остава впечаток – судејки по првичните изјави, дека ќе биде поумерен во барањата кон нас, или подобро речено во  у с л о в у в а њ а т а  кон Македонија, но дали во праксата ќе биде така е неизвесно, заради црвените линии што ги усвои бугарското Собрание, за кои постои консензус во бугарското општество.

   Претседавањето со лицемерната ЕУ од први јануари го превзеде Франција која небаре се залага за решение на проблемите меѓу Македонија и Бугарија, но лично се сомневам дека ќе има некој напредок заради јасната подршка на званичен Париз на Бугарија, а и заради незаинтересираноста за проширувањето на ЕУ, која тема претседателот Макрон не ја ни спомена во своето новогодишно обраќање кон нацијата. На Макрон во април му претстојат претседателски избори и темата проширување на ЕУ не е популарна за француските гласачи.

   Како човек не сум песимист ни мрачњак, и се трудам да бидам реалист и објективно да ги гледам работите, а тие, за жал, не ми изгледаат розови.

   И да додадам: не ја отфрлам можноста новиот премиер Димитар Ковачевски евентуално сепак да воведе некакви умерени промени во политиката на домашен план, а можеби и на надворешен план бидејки тој не беше обработуван од длабоката држава за уништувачката мисија на сопствениот народ и држава, што беше случај со неговиот претходник ЗЗ, кој слепо извршуваше буквално се што бараа од него тие што го доведоа на власт.

   Сепак, мислам дека предвремени избори се лекот за нашите премрежија. Оваа власт  н е м а  легитимитет и понатаму да ја раководи државата!!!

   За надминување на бугарската блокада најчесто (зло)употребуван термин е компромисот, што значи спремност за некакви понуди или отстапки од двете страни. Не знам што нуди, или на што е спремна, македонската страна, но блиска ми е помислата, на пример, да се реактивира барањето Бугарија да ни плати репарации за сите зла и штети што ни ги направија како окупатори во Втората светска војна (се проценува дека станува збор за 20 милијарди долари). И да си ги побараме да ни се вратат сите реликвии што ги испокрадоа од црковниот трезор од Св. Богородица Перивлепта во Охрид и од други македонски цркви и манастири. Мислам дека нашата позиција во преговорите ќе биде далеку, далеку посилна!!! 

   Но, не ни преостанува ништо освем да почекаме и да видиме како ќе се одвиваат работите.

2. Наместо новогодишна честитка, албанскиот премиер Еди Рама упати донекаде ултимативна порака (!), демек ако Бугарија продолжи да ја блокира Македонија (за почеток на преговори за членство во ЕУ), до крајот на јуни, дека неговата влада ќе побарала одвојување од пакетот на двете земји-кандидати (Албанија и Македонија) за заедничли почеток на тој процес. Според Рама, Албанија се наоѓала во “апсурдна ситуација поради блокирањето на Македонија од страна на Бугарија” и најави дека ќе барал мислење од граѓаните (на Албанија) дали да побараат одвојување од Македонија и неговата земја сама да почне преговори за членство во ЕУ!? Таквата одлука, според Рама, би била “тешка и од стратегиска природа”. Еди Рама е искусен политичар и уверен сум дека и самиот е свесен дека ефектот на таквиот потез би бил една голема н у л а! Пред се, нејасно е дали Еди Рама ја дал оваа изјава за домашна употреба (евентуални избори во Албанија,

билдање на сопствениот рејтинг и сл)? А ако мислел дека ќе импресионира некого во Брисел и дека работите ќе тргнат напред, самиот е во тешка заблуда.

Врз Бугарија е извршен и добива на интензитет притисокот и од САД, и од Гермаија (голем сојузник на Софија), од сите страни, но засега има само скромни најави за евентуално омекнување на ставовите од новата влада на дипломецот од Харвард, премиерот Кирил Петков. Велам скромни и неубедливи бидејки тврдам дека Бугарија не е сама во ваквата блокаторско-негаторска политика кон нашата земја!!! Има членки во ЕУ што не сакаат проширување, тоа е неспорен факт, а други пак не сакаат некоја од двете земји-кандидатки да ги видат во исто друштво со нив. Холандија, на пример, е одлучно против Албанија да биде членка во Унијата, а Италија пак инсистира Албанија задолжително да ги почне преговорите и тоа во пакет со Македонија!!! Со еден збор, или двете истовремено, или ниедна.

Бугарското вето е невиден апсурд бидејки во критериумите за прием н е м а билатерални прашања какви што сака да наметне и протурка Бугарија. Но, гледаме им поминува. Додуша со благи осуди од дел од членките, но сепак им поминува.

Повеќе пати сум пишувал дека зад бугарските блокади стојат интересите и нa други земји-членки, во прв план Грција, која органски не може да прифати дека на планетава постои земја што се нарекува Македонија и народ што се вика македонски!!!

  1. Извесен Фејзи Азири, учесник во монструозното петкратно убивство кај Смилковското езеро во април 2012 година се обрати неодамна до јавноста со писмо од зад решетките во скопскиот затвор Шутка (Замислите каква слобода и демократија: робијаши и убијци слободно да комуницираат со јавноста!? Па ова го нема ни во Шведска, ни во Америка), во кое тврди дека Никола Груевски, Сашо Мијалков, Трајко Велјановски, Гордана Јанкуловска, Синиша Алексовски, Горан Грујоски и Илија Смилевски се нарачатели на петкратното убиство кај Смилковското езеро во април 2012 година!? И не само тоа, дотичниот бара случајот да го испитала меѓународната заедница!? Колку да ја задоволиме љубопитноста на јавноста, ќе цитирам само дел од писанието на Азири: „Груевски го нарачал петракното убиство на 12 април 2012 година, пред празникот Велигден, со цел да испровоцира меѓуетнички конфликт во државата и да го привлече вниманието на меѓународната заедница за неуспехот за членство во НАТО и ЕУ. Исто така, и за да го одвлече вниманието за финансиските скандали”, а планот, наводно, го реализирал Сашо Мијалков!? Случајот со монструозното убиство кај Смилковското езеро доби повторна судска постапка на 23 февруари минатата година и за виновни со доживотни казни затвор ги прогласи Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, кои се кријат на Косово и Агим Исмаиловиќ, 15 години казна затвор одреди за Фејзи Азири, а девет години затвор доби Хаки Азири. Се е познато за овој крволочен настан што сосема јасно имаше за цел да предизвика етнички судир (на таа карта Западот игра с е к о г а ш, кога сака да изнуди нешто од Македонија). Се, освем најважното – м о т и в о т!!! Десетина пати сум пишувал за тоа, а го објавив мојот став и во книгата “Незаборавник”, и ќе го повторам и овој пат: Убиството беше извршено еден месец пред самитот на НАТО во Чикаго, на кој Македонија важеше за најподготвена кандидатка за прием членство во Алијансата. Но тоа, некому очигледно не му беше по воља да се случи пред земјата да го промени името на државата!

М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор

Среда, 05 Јануари 2022

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *