Девет дневна “Зимска приказна“ по повод Новата година на платото пред Офицерски

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, на денешната прес конференција, информираше за програмата која ќе се реализира во Битола, по повод дочекот на Новата година. Во своето обраќање до јавноста, Градоначалникот Коњановски нагласи дека програмскиот концепт, наречен „Зимска приказна“, оваа година на уникатен начин ќе ја исполни празничната атмосфера во градот:

-Месец и половина измина од преземањето на мандатот како градоначалник на Општина Битола и од старт, заради доаѓањето на празниците и заради ставот да гледаме реално на проблемите, а не да се луксузираме, со моите соработници си го поставивме ова прашање: Дали Битола треба “да светка” во енергетска криза? Секој разумен човек, во вакви мигови треба да размислува рационално. Оттука и одлуката, да се осветли едноставно и елегантно само Широк Сокак со лед светилки. Но, има уште едно важно прашање.  Граѓаните низ годините ја потенцираа важноста од пренамена на средствата наменети за украсување и скапа програма за цели кои ќе бидат од општа корист. А украсувањето да биде со потребната доза на естетика за град како Битола.  Прослави да има, граѓаните заслужуваат, но сумите да бидат разумни.  И тоа ќе го направиме.  А да не беше енергетската криза, сигурно украсувањето само на главната улица ќе го проширевме и на територија на целата oпштина, но сепак во рамки на некој оптимум и естетика. Затоа годинава одлучивме, да наменеме средства за програма во висина од 1.2 милиони денари, која заради преголемиот интерес на распишаниот конкурс на кој мотивиравме битолски музичари и артисти да се пријават ја зголемивме за 20%. 

-Не очекувавме толкав интерес, но најавата дека сакаме локалните артисти да добијат свој простор во година кога нивните настапи беа малку и ограничени заради здравствените протоколи, само покажаа колку е важна нашата поддршка. И тоа особено не радува. Планираме 9 дневна празнична програма на платото пред неодамна реконструираниот Офицерски Дом, со што промовираме нова локација за убави настани, овој пат под отворено небо, заради уште еден предизвик со кој живееме веќе втора година, а тоа е здравствената Ковид криза. Планираме да направиме поинакви незаборавни празнични спомени во Битола, низ таа ЗИМСКА ПРИКАЗНА-проект кој во Битола ќе донесе празична магија со еден ваков прв организиран празничен маркет на подароци, сувенири, храна, пијалаци, музика и фина забава. Настанот е наменет за сите жители на градот, на околните општини и на гости кои ќе ја посетуваат Битола пред празниците, со намера истиот да прерасне во туристички производ на кој можат да се приклучат и хотелиери и угостители и други пратечки индустрии и да расте низ годините што доаѓаат. Значи гледаме стратешки и ова е само старт.

-Зимска приказна е 9 дневен настан, на кој ќе се презентираат сите битолски музички и сценски артисти со своја програма. Ќе биде поставена бина во таа недела, со озвучување, ќе се постават 14 штандови и 3 дрвени куќички во кои предност ќе имаат битолски компании кои ќе сакаат да ја искористат шансата за своја промоција, но и продажба на производи и услуги, со што ја поддржуваме локалната економија налик на вакви празнични маркети ширум светот. Да се вратам на конкурсот кој побуди голем интерес и на програмата која ја добивате вечерва прво вие, како медиуми кои заслужуваат веста да ја соопштат на јавноста. Низ бројки: 57 различни проекти, во кои ќе има музички групи, битолски диџеи, театарски претстави, учесници на детски музички фестивали, работилници….или некаде збирно над 60 часа активна програма. Целта ни беше да се понуди уметничка програма на бината за сите возрасти, а компаниите кои сакаат да спонзорираат имаат можност целиот комплекс да го користат за тим билдинг средби или подарување и програма за децата на вработените во своите компании. Влезот на ЗИМСКА ПРИКАЗНА ќе биде се разбира бесплатен за сите, со тоа се очекува вистински бројна публика. Програмата ќе започнува од 17.00 часот секоја вечер до полноќ, а во викенд ќе има целодневна програма. Планирана е и специјална програма за Дочекот на Новата Година. Да создаваме заедно нови празнични спомени… Битола заслужува ЗИМСКА ПРИКАЗНА“, рече Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *