The End of the Party

Пишува Петар Поп-Арсов

„Колку и да танцува наоколу низ рингот, во еден момент ќе дојде на домет на цврста тупаница и, знаете што, ќе биде спружен на подот и изнесен надвор од рингот.“

Вака некако, во слободен превод, почнува дваесет и шестата глава насловена “The Long Goodbye” или, повторно во слободен превод, „Долгото збогување“, од книгата “The End of the Party: The Rise and Fall of New Labour” од Andrew Rawnsley.

Andrew Rawnsley е одличен познавач на политичките состојби во Велика Британија. Во време на публикување на книгата е помошник уредник и главен политички коментатор на британскиот неделник Обсервер. Добитник е на низа престижни награди за неговото новинарство, вклучувајќи ги оние за политички новинар и колумнист на годината. Неговиот наградуван бестселер „Слуги на народот“ е објавен во 2000 година, по што следи објавувањето на “The End of the Party” во 2010 година.

“The End of the Party” е приказна која започнува од денот на втората изборна победа на Тони Блер и неговите Лабуристи во 2001 година. Содржината дава инсајдерски информации за сите клучни настани карактеристични за британската политичка сцена од тоа време. Дава информации и за личните и приватни несогласувања, разидувања, но и неверојатни помирувања меѓу клучните политички фигури, поранешните британски премиери и лидери на Лабуристичката партија, Тони Блер и Гордон Браун.

Врз основа на стотици интервјуа и доверливи разговори со оние кои биле во центарот на моќта повеќе од една деценија, книгата е преполна со анегдоти кои ги прикажуваат моќните поединци онакви какви што навистина се. “The End of the Party” дава дефинитивен приказ за подемот и падот на „Новите Лабуристи“.

Книгата особено претставува вистински десерт во делот кој го опишува заминувањето на Тони Блер од лидерската позиција во партијата и премиерската позиција во Британската влада. Заминувајќи од политичката сцена во еден многу, многу долг процес на збогување со лидерската позиција, притиснат од политичките закономерности, Блер му ја предава сета моќ и власт на дотогашниот негов Министер за финасии, Гордон Браун.

Уф! Звучи некако познато! Како да живеме во некое сценарио на филм кој веќе е снимен и прикажуван на големото платно насекаде во светот уште пред цела една деценија. Насекаде, освен кај нас!

Зарем Заев не реши да му ја предаде сета власт и моќ на својот партиски Министер за финансии? Или можеби сум грешка? Формално гледано Ковачевски не е министер, туку Заменик министер за финансии, што е право, право е, но гледано низ партиска призма, тој по ранг е првиот човек во Министерството за финансии од СДСМ. Невидливата десна рака на Заев и чуварот на државниот трезор.

Можеби споредбата со состојбите во британската политичка левица се несоодветни, но неизбежната аналогија со приказната прикажувана на големото британско филмско платно сепак добива своја логична пропорционалност на минијатурниот филмски екран во режија на македонските „левораки десноџепароши“.

Заев е политичар со одбројани недели и денови!
Така самиот вели. Во принцип сите политичари во демократските системи имаат одбројани денови, недели или години на својот политички живот. Особено се одбројани оние денови поминати на највисоките партиски и државни позиции. Нормално е дека Заев не може да биде исклучок од ова правило. Но, фактот што неговото пролонгирано збогување полека наликува на сапуница која слободно може да го земе насловот “The Long Goodbye”, остава простор за сомнеж во неговите искрени намери.

Да бидеме прецизни. Тој навистина формално го напушта лидерското место во СДСМ! Но, тоа е нивна партиска работа. Нас нè интересира премиерот на државата, а не партискиот лидер. Партискиот претседател ја води партијата во која доброволно членуваат заинтересирани граѓани, а нивните внатрепартиски случувања и превирања, независно што имаат импакт врз вкупната политичка клима во државата, првин се нивна работа, а дури потоа работа на сите останати граѓани. Премиерот кој што е номиниран од таа партија е ликот кој што ја интересира цела држава и кој што го засега секој граѓанин, неговата егзистенција, безбедност, образование, здравствена заштита, социјална сигурност и севкупниот просперитет.

Нас нè интересира заминувањето на Заев премиерот, не Заев лидерот на СДСМ.

Долгото и неизвесно заминување на Заев од премиерската позиција создава политичка, економска, но веќе и правна несигурност во земјата за која што велиме дека ги исполнува сите услови и стандарди за почеток на преговори со ЕУ. Најновата епизода во која Заев ја играше главната улога на преговарач за формирање на ново парламентрано мнозинство, кое што треба да избере нова влада, создаде дополнителна нејаснотија за правецот на движење на државата.

Каква влада ќе се избира? Кога ќе се избира? Кој ќе биде премиер? Новиот или стариот лидер на СДСМ?
Многу суштински прашања кои остануваат без конкретен одговор. Без конкретен одговор е намерата на новите партнери, Заев и Гаши, за спроведување на меѓународна ревизија на одредени судски предмети. Каква е таа меѓународна ревизија? Македонија е членка на Советот на Европа веќе дваесет и шест години и е дел од најистурената институција на оваа меѓународна организација, Европскиот суд за човекови права. Секој што е незадоволен од пресудите на македонските судови има можност да побара интервенција токму од Судот во Стразбур. Тоа е единствената меѓународна институција која може да врши ревизија на завршените судски предмети.
Македонија има обврски кон ова организација и кон целокупниот Систем на Европската конвенција за човекови права. Токму членството во оваа организација, прифаќањето и имплементацијата на нормите и стандардите креирани од нејзините земји членки, се сметаат како предворје за земјите кандидати за членство во ЕУ. Секое делигитимирање на превземените меѓународни стандарди и обврски, кои макотрпно се надградуваат веќе дваесет и шест години, ќе претставува сериозно загрозување на принципот на владеење на правото и пукање директно во сопствената нога непосредно пред одлуката на институциите на ЕУ за отпочнување на процесот на преговори. Тоа ќе биде силен аргумент во рацете на Бугарија која со радост ќе дочека еден ваков подарок. Подарок кој ќе претставува инфузија во вистински момент со кој ќе го аргументира своето ново вето кон Македонија.

Она што загрижува во приказната Заев-Гаши, е улогата на идниот, проектиран лидер на СДСМ и можен премиер, Ковачевски. Тој со своето присуство на преговарачката маса го верификуваше упадот на партијата во судскиот систем на државата. Ваквата верификација ќе претставува сериозен товар за регентот Ковачевски, кој со тоа самиот ја прифати улогата на лидер-намесник. Стилот на владеењето на Заев, неговите (не)познавања на политичкиот систем на функционирање на државата, неговото дисторзирано поимање на демократијата, владеењето на правото, човековите права, како и системот на поделбата на власта, се добро познати. Но, создавањето на континуитет на неговите политики, почнувајќи токму со партизација на судскиот систем, претставува исклучително лоша почетна референца за идниот партиски лидер и можен премиер.

Некој ќе рече дека коментарите за Ковачевски во оваа фаза се преуранети и можат да се сфатат како „прекумерна употреба на сила“. Впрочем секој заслужува да добие прва шанса и да покаже што знае и умее. Секој што влегува во игра има право на почетен сервис, на прв впечаток. За жал, Ковачевски некако неподготвено или можеби несвесно ја направи својата прва сервис грешка оставајќи мал простор за корекција во вториот обид.

По се изгледа дека Ковачевски сè уште не сфаќа дека покрај целосниот ремонт на партијата ќе треба да се зафати и со ремонт на државата, барем во периодот кој ќе го има пред себе, доколку го има. Неговата партиска кратковидост е толку очигледна што целосно потсетува на описот за Гордон Браун во “The End of the Party”, непосредно пред неговата инагурација за лидер на Лабуристите и премиер на Обединетото Кралство:

„Гордон не сфати дека не можете лесно да ја поправите државата како што можете да ја поправите Лабуристичката партија.“.

Кандидатот на Заев делува како да е шокиран и изненаден од положбата во која одненадеж се најде. Делува некако политички недефинирано, недоизградено, дури и неподготвено да им биде шеф на своите довчерашните шефови и партиски авторитети. Делува збунето и неискусно иако по години тој ќе биде највозрасниот човек кој за прв пат стапува на чело на СДСМ. Дури не наведува да си го поставиме прашањето зошто токму тој е избран за наследникот на Заев? Поради која причина Заев е толку сигурен во неговата лојалност? Што е тоа што му дава цврсти гаранции на Заев, човекот што детонираше бомби за македонските политичари, дека нема да му се случи некое непредвидено сценарио по неговото демисионирање, слично на она со поранешниот хрватски премиер Иво Санадер? Зарем некој верува дека Заев немаше по некоја бомба за коалиционите од ДУИ и за своите од СДСМ?!

Другите кандидати за партиски лидер на СДСМ нема да ги коментирам. Не би го коментирал ниту Ковачевски, но неговата папочна поврзаност со Заев е причината поради која го зафаќа центрифугата на текстот.

Токму тој, Заев, создавајќи услови за понатамошен опстанок на СДСМ како владејачка партија, го натовари идниот партиски кормилар со сериозен товар на „недозволени, запаливи и експлозивни супстанци“. Сосема е неважно дали тоа е сторено свесно или несвесно, или пак е сторено инстинктивно како резултат на инстинктот за преживување на еден инстинктивен политичар кој целата своја политичка кариера ја изгради на инстинкти. Во случајов важно е да се потенцира фактот дека Заев уште од самиот почеток успеа да го вгради генетскиот код на сопствената политика во новиот лидер на СДСМ. Новиот „генетски модифициран лидер“, веќе не претставува „лек за болеста“, туку политичка мутација на „основниот вирус“ од кој страдаме веќе пет години.

Политиката на Заев, водена врз база на инстинкти, ни дава за право да се сомневаме во чесните и искрени намери за неговото заминување од премиерската позиција. Затоа на Ковачевси уште во старт му беше вградена фабричка грешка која ќе биде темел врз кој ќе се потпира борбата за опстанокот на целосно згрешениот Заев.
Заев чека датум од ЕУ! Чека позитивен исход до крајот на годината и евентуално позитивен расплет на спорот со Бугарија. Заев сè уште „танцува во рингот“ со надеж дека ќе го избегне завршниот удар. Се надева дека неговите маневри ќе создадат притисок врз ЕУ која во улога на хуманитарна организација ќе му го даде спасоносниот датум. Тој не сака да си оди. Тој се надева дека луѓето ќе повикуваат по него: „Не оди си!“, за да може да каже: „Во ред, ќе останам!“.

Неговата неограничена подготвеност за отстапки и виткање на кичмата го прават исклучително еластичен политичар кој и пркоси на политичката гравитација обидувајќи се да го најде и исцеди она последно завртување на завртката до самиот крај. Подготвеноста за трговија со националните интереси, со мандатите и функциите на сопствените сопартијци и „пријатели“, е таа добро препознаена „еластичност“ од страна на сите со кои до сега преговараше за различни прашања. Последниот пример со отстапките дадени кон лидерот на Алтернатива ја потврдуваат тезата дека Заев е подготвен да „загине до последниот сдсмовец“ и „последниот Македонец“, поткрепувајќи ги стравувањата дека е подготвен да ги продаде и последните белези на македонскиот национален идентитет, само и само да не го заврши процесот на неговото долго збогување.

Останав должен да дадам слободен превод на насловот на колумната кој е позајмнен од цитираната книга од почетокот на текстот, “The End of the Party”. Може да се преведе како „Крајот на партијата“, а може и како „Крајот на забавата“. Во крајот на партијата ретко кој може да поверува и воопшто не е добро за демократијата да посакуваме крај на политичките партии во Македонија. Но, крајот на забавата на Заев, дефинитивно доаѓа! Независно од тоа што Заев посакува да биде „повикан на бис“, тој го игра својот последен танц во рингот. Заев ќе мора самиот да ја предаде борбата или неиминовно ќе налета на последниот директ… и, знаете што, ќе биде соборен и изнесен надвор од рингот!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *