Македонија меѓу џиновите


Што е деловна тајна?

Компаниите користат различни пристапи за да ја оптимизираат користа од нивните иновации, како на пример преку таканаречените “формални“ права на интелектуална сопственост како што се: патенти, трговски марки и индустриски дизајни. Но, сепак, најчесто се одлучуваат да го заштитат знаењето и информациите, што имаат бизнис вредност и компетитивна предност за компанијата, што не се јавно познати, а кои во иднина компанијата има намера да ги заштитува. Ваквиот know-how и бизнис информации, кои се понов вид на интелектуална сопственост, се нарекуваат “деловни тајни“, а во правната терминологија се подведуваат и под поимите “недостапни информации“, “бизнис доверливи информации“ или “тајно know-how”.
Цениме дека е потребно да се потенцира дека постои разлика помеѓу “деловна тајна“ и “доверлива информација“. Секоја деловна тајна е доверлива информација, но не и обратно. Нашата домашна легислатива не содржи дефиниција за тоа што преставува деловна тајна, оставајќи на секое правно лице да одлучи кои информации ќе ги третира како деловна тајна.
Деловните тајни ги заштитуваат технолошките и нетехнолошки иновации. Во однос на технолошките иновации заштитени со деловна тајна, што се воедно и зачетоци на интелектуална сопственост, се вбројуваат: нацрт верзија на сценарио (идно авторско право), технолошки експеримент (иден патент), необјавени апликации за патент, информации во однос на нов бренд (идна трговска марка); бизнис планови, бизнис стратегии, маркетинг планови и планови за извоз; листа на информации за клиенти и листа на доставувачи; техники на канцалариско работење; и сл.
Откако деловната тајна ќе стане достапна за јавноста, секој може да има пристап до неа и ја користи по волја. Најчести практики чија цел е неовластено прибавување на деловни тајни се: кражби, неовластеното копирање, економска шпионажа, повреда на договорите за доверливост, без разлика дали тие повреди доаѓаат од внатрешноста или се однадвор.
Иако во Република Македонија не постои (а треба да постои) еден унифициран закон за заштита на деловни тајни, заштитата на деловни тајни е регулирана со поединечни закони и подзаконски акти кои воедно ја креираат и законската рамка за надомест на штета во случај на неовластено оддавање и прибавување на деловни тајни и тоа преку вонсудско спогодување или поведување на граѓански спорови, или пак кривичен прогон.
Член 281 став 2 од Кривичниот Законик го казнува оддавањето и неовластено прибавување на деловна тајна, при што за битието на кривичното дело бара истовремено исполнување на три законски поврзани елементи: првиот, постоење на податоци што со пропис или со одлука на орган на управување се прогласени за деловна тајна; вториот, деловната тајна да е соопштена од повикано на неповикано лице; и третиот, со оддавањето на деловната тајна да се предизвикале или можеле да се предизвикаат потешки штетни последици на субјектот на деловната тајна.
Поради тоа што поимот доверлива информација е многу широк и под него може да се подразбере секоја информација со која се или ќе се запознаат две договорни страни, со член 281 став 2 од Кривичниот Законик се санкционираат само оние доверливи информации кои се издигнати на рангот на деловна тајна.
Законот против нелојална конкуренција го казнува неовластеното користење на техничка документација, кое кривично дело го извршува секој оној којшто за целите на конкуренцијата или за лична корист неовластено ќе искористи или ќе пренесе модели или упатства од техничка природа, а особено: скици, цртежи, планови, прототипови, пресеци или други слични документи што не претставуваат правно заштитени права од индустриска сопственост.
Законот за работни односи во член 35 став 1 нормира дека како деловна тајна се сметаат податоците кои со посебен акт работодавачот ќе ги определи како деловна тајна, а пропишува и обврска на работникот за чување на податоци што се сметаат за деловна тајна на работодавачот.
Уредбата за канцелариско и архивско работење донесена од Владата на Република Македонија го регулира начинот на работата и правилата за постапување со документарниот материјал и архивската граѓа што се создава во работата, покрај во приватниот сектор и во претпријатијата и другите правни лица. Според оваа Уредба, видот на тајноста на актите може да биде државна, воена, службена и деловна тајна. Според степенот на тајноста, актите се определуваат како строго доверливи, доверливи и за интерна употреба. Видот и степенот на тајноста на актите го определува одговорното лице во претпријатието.
Законот за трговски друштва и Законот за банките исто така содржат одредби релевентни за заштита на деловните тајни.
Во пракса, во деловниот свет, деловните тајни се најчесто користени форми на заштита на интелектуална креација и иновативен know-how од бизнис секторот, но сепак се цени дека тие се најмалку заштитени во рамки на Европската унија, наспроти правната рамка во други земји како Швајцарија, Америка и Јапонија. За таа цел Европската комисија на крајот на минатата година достави предлог директива до Европскиот парламент и Советот на Европската Унија за заштита на неоткриени know-how и бизнис информации (деловни тајни) од неовластено прибавување, користење и откривање. Ако се усвои ваквата европска директива, тоа може да доведе или до промени на постоечката домашна законска регулатива или пак донесување на посебен закон за деловни тајни, а сѐ со цел зајакнување на заштитата на деловните тајни.
Затоа, во Република Македонија, итно треба да се превземе иницијатива да се направи еден унифициран закон за заштита на деловните тајни на домашните и странските компании што веќе работат во нашата земја, а исто така и сите останати што имаат намера да инвестираат во Македонија да добијат до знаење дека нивната интелектуална креација или бренд е целосно заштитена. Само на тој начин пред странските инвеститори ќе покажеме дека сме сериозна држава за странски инвестивии и дека не треба да се плашат за своите вложени финансиски средства.
Во деловниот свет, во моментов, се одвиваат тектонски поместувања поврзани со крадењето и шпионирањето на деловни тајни и крадење на истите. Така, на глобално поле, имаме голем судир меѓу САД и КИНА каде има соочување со организирана кражба на интелектуална сопственост и нелегална конкуренција на светско ниво.
За САД крадењето на американската интелектуална сопственост во корист на странските фирми ги лишува американските компании од плодовите на нивната креативност, а американските работници од нивните работни места. Има напори од некои државни фактори во Кина за незаконско стекнување на интелектуална сопственост на компании или институции со седиште во САД. Ова е ставот на американската администрација и е целосно оправдан бидејќи Кина со „Кинеската иницијатива“ ̶ програма организирана,финасирана и спроведена од кинеската влада низ целиот свет, а посебно нагласена и засилена со кинеските закани врз националната безбедност во САД.
Специјалниот претставник на Конгресот и директорот на националното разузнавање на САД веќе треба да изготват список на кинески државни претпријатија кои имаат корист од кражба на интелектуална сопственост, да се утврди дека странците преку купување и инвестирање во фирми стануваат вмешани во кражба на интелектуална сопственост. Се бараат построги закони и нивно спроведување за инциденти за наводна кражба на трговски тајни од поединци или ентитети поврзани со компании во кинеска сопственост или на кинеската влада.
Американските компании инвестираат многу во напредно истражување и врвна технологија. Кражбата на трговските тајни е штетна за националната безбедност и економијата на слободниот пазар.
Наспроти тоа, Кина инвестираше во човечки капитал, инфраструктура и истражување во сопствените граници и во странство. Стана главен инвеститор во технолошки фирми и промовираше истражување и студии во странски институции. Кина, исто така, ги ослабе внатрешните регулаторни бариери за бизнисите што им овозможи на домашните фирми да процветаат. Кинеската политика е да извлекува технологии од западните компании, користат субвенции и нетарифни бариери за конкуренција за да се изградат национални мулти компании и брендови, а потоа да создаде заштитен домашен пазар за своите компании и да им даде предност додека се натпреваруваат на глобално ниво. Кина сега има пари и вештина да користи голем дел од деловните тајни што ги стекнала законски или незаконски.
Покрај идентификувањето и гонењето на оние кои се вклучени во кражба на трговски тајни, хакирање и економска шпионажа од „кинеската иницијатива“, потребно е идентификување и на сите странски директни инвестиции и кредити кои се закана за целиот легален бизнис низ светот.
Соединетите Држави, како промотори на слободниот свет, ќе треба да соработуваат со други земји за да ги спречат кинеските инвестиции или вмешаност додека не го сменат начинот на стекнување на интелектуална сопственост и не ги заштитат своите домашни фирми од конкуренцијата. Со претставниците од Европската унија и другите држави, како на пример со „Западен Балкан“, ќе треба да ги зајакнат контролите на кинеските инвестиции и кредити.
„Јапонците така се чувствуваат. Австралијците се чувствуваат така. Европејците се движат во таа насока, така што однесувањето на Кина предизвикува загриженост кај сите“, се вели во соопштението на американската администрација.
Доколку Македонија сериозно размислува да биде плодна почва за странски инвестиции, треба да се приклучи кон овие процеси и да заземе законски став, да се понуди на американската бизнис заедница што има инвестиции и фабрики во Кина, дека слободно можат да размислат и одлучат за дислокација на нивните компании од Кина во Македонија, а нивната интелектуална сопственост и деловна тајна ке биде ригорозно заштитена од кражба и поткрепена со закон. Се надеваме, дека на ваков начин, Македонија ќе биде сериозно перципирана за идните странски вложувања посебно од американските компании.

Пишува: Никола Блајбершник

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *