Македонија го победи Исланд и за прв пат ќе игра бараж за Светско

Само една година откако имавме историскот учество на ЕП, македонската фудбалска репрезентација покажа дека може и до Катар 2022.

По убедливата победа над Ерменија, македонските фудбалери прикажаа уште една моќна партија и со триумф над Исланд од 3:1 го заверија долгопосакуваниот бараж за Светско кој се игра во март идната година. Завршуваме втори на табела за прв пат откако играме квалификации за пласман на големите натпреварувања. 

Имаме 18 бода и скор од 5 победи, 3 нерешени и 2 порази, како и гол разлика 23:11. Непоимливо до сега, после сите порази и патења низ годините.Германија е убедливо прва, а Романија трета со еден бод помалку.

Избраниците на Боби Милевски тргнаа агресивно против Исланд, а Трајковски во 7 минута му даде извонредна топка на Алиоски кој го отвори резултатот. Само во првите 45 минути, нашите фудбалери имаа 12 удари од кои 6 во рамките на голот, како и еден поништен погодок со ВАР.

Офанзивната игра отвори шанси и за втор погодок, а најблиску до него беше Милан Ристовски кој во 26 минута изби сам пред гол. Само неколку минути претходно две прилики имаа и Велковски со глава од корнер, како и Барди кој лидерски ги држеше конците во играта. Во финишот од првиот дел се редеа уште шанси. Најпрвин повторно Ристовски имаше можност да зголеми, а потоа Чурлинов даде гол кој не му беше признат поради офсајд.

Вториот почна лошо за нашиот тим, бидејќи Торстенсон го израмни резултатот во 54-та минута, по што Исланд беше во налет и имаше шанса за целосен пресврт. Но разочараноста на полните трибините траеше само 10 минути кога Елмас повторно ја врати Македонија во водство.

Исланѓаните на прес конференцијата во Скопје најавија дека ќе се обидат да и ја расипат забавата на Македонија, но на 4 минути до крајот добија уште еден шамар од Елмас.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *