ПРИМОПРЕДАВАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ФУНКЦИЈА ВО БИТОЛА

Во Општина Битола, градоначалничката Наташа Петровска денес официјално му ја предаде функцијата на новоизбраниот градоначалник Тони Коњановски. На примопредавање на градоначалничката функција, Петровска на новиот градоначалник Тони Коњановски, му подари пенкало за да потпишува значајни договори за Битола, клучевите од кабинетот и општински информатор за реализираните проекти во периодот од 2017-2021 година, додека Коњановски ѝ подари букет рози. „Согласно изборните резултати од последните локални избори, денес го имаме примопредавањето на градоначалничкиот кабинет со почитуваниот Коњановски. Изминатите 4 години како градоначланик заедно со моите соработници покажавме дека можат да се водат здрави политики и покрај тоа што тргнавме од општина која што беше во исклучително тешка ситуација. Од оваа временска дистанца може да кажеме дека навистина сме успеале да го исплатиме сето она што сме го имале како наследени долгови, но не само тоа, сме успеале да изградиме, да направиме многу во интерес на граѓаните и што е претставено во последниот информатор 2017-2021. Само оваа година од основниот буџет на Општина Битола досега имаме исплатено над 10.000.000 евра, од кои најмногу за инфраструктурни зафати. Во моментов имаме буџетски стабилна општина, со над 4.200.000 евра, од кои што најмногу се наменети за проекти од интерес на граѓаните. Подготвена е и проектна документација за дел од проекти за кои се склучени договори, некои се во извеедба, а некои пред воведување во работа. Во периодот кој што следува, треба да влезат дополнителни над 2.000.000 евра од продажба на градежно земјиште, кои покажуваат дека може да се стави инпут на сериозна количина на средства. Она што го оставам на мојот наследник, почитуваниот Коњановски, е стабилна финансиска општина и општина со изготвени проекти. Во оваа прилика искрено му честитам на Коњановски, му посакувам добро здравје нему и на неговата фамилија, затоа што да се биде на оваа позиција е потребно здравје, енергија и пред сè, поддршка од најблиските. Огромна благодарност до сите граѓани на Општина Битола, до вработените во општината, до сите јавни претпријатија и институции, до моите соработници, но најголема благодарност искажувам до семејството, кои што во изминатите 4 години ми ја даваа поддршката во мојата активност. На сите кои што се занимаваат со политика, им порачувам да имаат здравје и мудрост, бидејќи мудроста е многу битна кога носите одлуки кои што и тоа како влијаат на животот на останатите за кои што ги водите политиките. Од оваа позиција, како градоначалник излегувам многу побогата со пријатели и искуство, со кое стојам на располагање и на граѓаните на Општина Битола, во интерес на извршувањето на градоначалничката функција на градоначалникот Коњановски, затоа што овде сме и постоиме само за интересот на нашите граѓани“, рече досеташната градоначалничка Петровска. Градоначалникот Коњановски ѝ се заблагодари на Петровска и посочи дека ќе работи со сите искусни и професионални лица во општината. „Пред сè благодарам на топлиот и срдечен прием, онака како што доликува на Битола, град со традиција, како граѓани, како комшии. Им се заблагодарувам и на вработените за приемот. Она што Вие го кажавте госпоѓо Петровска го слушав од збор до збор внимателно и ќе настојувам да го продолжам она што е веќе започнато. Ви посакувам лично здравје Вам и на семејството и секако, Вашите искуства кои ги имавте во текот на четиригодишното работење, ќе настојувам да ги применам и нема да се двоумам да се слушнеме, да се консултираме за се што сте го имале како искуство. Тоа доликува на цивилизирани граѓани, граѓани на Битола и Битола само така ја препознавам како град во кој треба заедно сите да живееме. Од локалната самоуправа, од вработените, очекувам поддршка и многу работа, тоа можам да им го ветам, без делби, без фаворизирања, како што беше во нашата изборна програма и мене, што ме оцртува како човек. Ќе ја користам помошта на секој оној што знае, што е стручен, што сака да работи, без делење и фаворизирање. Тука сме да направиме многу за граѓаните, има што да се сработи, да се продолжат проектите што се започнати. Ќе ја видиме финансиската состојба и со заеднички сили, со тимот кој ќе ми помага и со вработените, да направиме градот да ни биде подобар. Јас сум се стремел секој да остави камен плус во мозаикот. Она што е направено да се испочитува, меѓутоа со мотив да се надогради и да се направи чекор напред. Тоа граѓаните го очекуваат од нас, тоа го барат и го бараа во предизборниот период, а јас им благодарам за искажаната доверба. Им посакувам на сите добро здравје во оваа ковид криза која повторно нè зафаќа во градот. Да се надеваме дека Битола, што е моја желба и на сите кои што се околу мене, ќе ја направиме подобро и посреќно место за живеење, да ја вратиме довербата во човекот, да ја вратиме насмевката на граѓаните колку што можеме, да ги направиме посреќни, тоа им го должиме и нив и на нашите деца, на сите кои ни го дале гласот и довербата. Активностите почнуваат веќе од денес, а за сè граѓаните ќе бидат благовремено информирани. Тргнуваме во нови победи, но нови успеси, заедно со Вас“, посочи градоначалникот Коњановски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *