Јубилејно десетто издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“

Во Битола од 11. до 13. ноември ќе се одржи онлајн јубилејното десетто издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.

Поради здравствената криза со коронавирусот фестивалот ќе се одржи онлајн на јутјуб каналот на „Бабец театар“ и веб-сајтот www.babecteatar.com.

Фестивалот е во организација на „Бабец театар“ од Битола а финансиски е поддржан од Комерцијална банка АД Скопје.

Логистичка поддршка за фестивалот дадоа Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР.

На онлајн изданието на фестивалот ќе бидат емитувани пет претстави кои во минатите изданија на ИДТФ „Битолино“ ја освоиле наградата Гран-при за најдобра претстава.

„Шампионската едиција“ ќе започне со претставата „Не можеме да останеме на ова“ во продукција на Тијатротем театарот од Истанбул, Турција со почеток во 19:00 часот.

Наредниот ден со почеток во 18:30 часот ќе биде прикажана претставата „Валкано крило“, една од најнаградуваните претстави во историјата на детскиот театар, во продукција на Зуазола куклената компанија од Сантјаго, Чиле, а во 19:30 часот децата ќе имаат можност да ја погледнат претставата на театарот Мала сцена од Загреб, Хрватска со наслов „Смешно чудовиште“.

Последниот фестивалски ден ќе започне со претставата „Четири басни и Кралицата“ во продукција на Рути Тамир театарската компанија од Модин, Израел со почеток во 18:30 часот а официјално фестивалот ќе го затвори Државниот детски театар на Портите на Нарва со претставата „Малиот принц“ во 19:30 часот.

„Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот тука првенствено мислам на нашите актери од Театарската школа Бабец и на сите деца кои уживаат гледајќи ги нашите претстави. Брендот „Бабец театар“ кој 11 години успеа да опстане како професионален детски театар со 20 премиери и над 45.000 продадени влезници и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката имаше можност да погледне 59 претстави од 34 театари кои во Битола допатуваа од 24 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и ќе направиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата.“ – велат од Бабец театарот.

Оттаму додаваат дека „Бабец театар“ и покрај финансиската и здравствената криза ќе продолжи да создава театарски претстави кои пред се ќе бидат достојни за презентација пред публиката, претстави кои ќе допрат до секое дете и претстави кои засекогаш ќе останат сеќавањата на децата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *