Во недела да докажеме дека тврдењето на српскиот криминалец Голубовиќ е далеку зад нас!

Пишува: Воислав ЗАФИРОВСКИ

Првиот круг избори за локалната власт во Македонија е зад нас. Победата ја ожнеаја кандидатите на ВМРО ДПМНЕ, кои со чиста совест и чесна понуда на реално остварливи проекти, без водење црна кампања ја побараа и ја добија довербата од граѓаните.
Во вториот изборен круг влегуваат со огромна предност која ја навестува убедливата победа на овие локални избори.
Победата е уште поголема, ако се имаат предвид притисоците, уцените, поткупот, заканите и сериозната злоупотреба на државни ресурси, особено на полицијата и инспекциските служби, кои безмилосно и непрекинато на терен работеа и работат со цел да одработат за партиите на власт.

Се разбира, ОБСЕ и ОДИХР тоа по интервенција на опозицијата го нотираше, но во рубриката незначителни (се прашувам што би биле за нив значителни) недоследности и нерегуларности.

Партизираното и неспособно Јавно обвинителство за цело време како да беше во подрум, како да не е од Македонија, и покрај надлежностите што ги има за постапување за криминални дејствија и по допрен глас. Во случајов беа документирани и спомнати голем број имиња на командири на полициски станици, нивни заменици, началници на надворешни канцеларии на криминалистичката полиција, возач на советник на минестерот Спасовски и полициски службеници, но Обвинителството молчи како некој во уста да им ставил врел компир.

Актуелната власт на локално и централно ниво, очигледно не ја разбра пораката од граѓаните во првиот изборен круг. Тоа беше крик на народот кому му е дојдено преку глава од секојдневните скандали на Заев и Заевчињата, од бранењето и отвореното застанувањето зад криминалци, до тргувањето со светиите на Македонскиот народ, идентитетот, јазикот, културата, историјата… но за да се разбере крикот, треба да се има демократски слух и капацитет, кој во случајов кај актуелната власт, очигледно отсуствува.

Сублимирано, граѓаните уште во првиот изборен круг ја делегитимираа локалната власт на Заеви и непосредно, демократски, но не и во фер атмосфера (од горе спомнатите причини) порачаа дека слободата им е поважна од притисоците и злоупотребите на хибридниот режим; доста им е од закани и заплашувања со војни судири или големи социјални немири; дека не сакаат манипулации со народната волја изразена на најдемократски начин; дека не прифаќаат внатрешни политики базирани на лажни ветувања спротивни на економските логики; одбиваат да прифатат раформи во образованието кои се прават со политички интервенционизам, а не како резултат на релевантни параметри и индикатори добиени од крајните корисници – економските оператори и стопанството во целина; не сакаат здравствен систем во кој се плаќа не само лекувањето туку и провизиите за мешетарите; дека не сакаат водење надворешни политики диктирани од надворешни ликови, со што Македонија стана монетка за поткусурување на интересите на сите во опкружувањето, стана база на меѓународни, дипломатски скандали, без сопствена политика и стратегија за запазување на националните интереси на Македонската држава и нација.

Пораката што граѓаните ја испорачаа до новите локални власти, но многу веројатно во брзо време и до идната централна власт е дека тие сакаат да бидат слободни и да ги уживаат во изворна смисла на зборот сите човекови слободи и права гарантирани со уставот; сакаат вистинска и многу повеќе непосредна демократија, не демократија креирана во четири очи и зад затворени врати; бараат правна сигурност, лесен пристап до правдата и заштита од надлежните институции на сите нивоа; бараат водење достоинствени политики во сите сфери на живеењето, особено во економската и политичката сфера, во кои тие ќе бидат третирани како креативен субјект, не како статистичка бројка; квалитетно и конкурентно образование на сите нивоа, со реформи во системот што ги бараат економските субјекти, а не политичките елити; бараат ефикасен и ефективен здравствен систем, во кој интересот ќе биде здравјето на граѓаните, а не висината и износот на провизиите; порачаа дека инсистираат на ефикасна борба против корупцијата и криминалот во сите негови појавни облици, без разлика од каде и од кого доаѓа; бараат правосуден систем втемелен на принципите на правото, правичноста и правдата, во кој секоја институција надлежна за гонење на криминалот, ќе го спроведува законот, а не нечии желби и нарачки; бараат систем во кој ќе има енергетска стабилност за стопанството и граѓаните на долг рок, а не неизвесност; граѓаните инсистираат на здрава животна средина; бараат и да се престане со злоупотребата на европското знаменце за носење закони по скратена постапка и без јавна, широка дебата, бидејќи токму тие прописи ширум ја отвораат вратата за криминал и корупција, пошироко и од тоа што Мукоски може да ја отвори собраниската и неказнето да помине; бараат реципроцитет во надворешната политика, во која ќе се раководат од суштинските интереси на Македонија и градење партнерски односи со сите пријателски земји, а не валкани игри и договори на штета на Македонија, бараат Република Македонија, не северна!

Со една реченица кажано, новите власти што ќе дојдат на кое било ниво, локално или централно, ќе имаат Сизифовска задача, да сработат се она што со чесни исклучоци, до сега не е сработено, да ја вратат довербата во државата Македонија на сите нивоа, довербата која е разнишана како никогаш до сега, што за последица го апострофира масовното исселување на нашите граѓани ширум светот.

Властите треба на дело да ја оправдаат довербата, бидејќи изборите само тогаш и на тој начин имаат смисла. Ако се продолжи во ист стил на работа, џабе ќе бидат изборите и добиената доверба, ако се’ се сведе на симни се Мурто да се качи Курто, тогаш самиот демократски процес на избори се девалвира, ја губи вредноста, ја губи смислата, а со тоа и потребата од играње демократија. Ова особено, бидејќи граѓаните освен изборите, немаат друго демократско средство да го покажат своето мислење и својот став кон актуелните власти за нивното работење или не работење.

Решението е во одговорна, високо морална власт, власт со интегритет и достоинство, а сето тоа се докажува и оправдува со посветена работа и реализација на дадените ветувања.

Време е да се стави крај на сите транзициски нечесни игри, конечно да излеземе од транзицијата и да зачекориме по развоен пат, каде секој граѓанин ќе понесе права, обврски и одговорност за сопствената иднина, но и за иднината на заедницата во која живеат, без страв и сомнеж дека државата е механизам за правење пари и богатење на елитите во општеството.
Избраните и тие што ќе бидат избрани во вториот круг од локалните избори, а многу скоро и оние што ќе дојдат во централната власт, ќе ја имаат и одговорноста да ја оправдаат смислата на самиот демократски изборен чин.
Граѓаните ја имаат надежта, останува избраните да ја оправдаат довербата и очекувањата, како услов да не’ биде, работите да тргнат на подобро и да се врати пред се достоинството и животот за сите, не само за елитите.

Непосредно пред вториот изборен круг во кој искрено очекувам ВМРО ДПМНЕ да однесе убедлива победа, длабоко во себе верувам дека тврдењето на Кристијан Голубовиќ, еден од најпознатите српски криминалци, дека на времето, криминалците бирале кого и што ќе му украдат, а денес народот избира кој ќе го краде, е нешто што е зад нас и никогаш повеќе нема да се случи!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *