НА ХОРИЗОНТОТ СЕ ПОЈАСНО СЕ НАЅИРА НОВА МАКЕДОНСКА ПРОЛЕТ

1. Првиот круг од локалните избори што се одржаа во Македонија на 17ти октомври, кога ќе се сумираат резултатите, недвосмислено најави дека на политичкиот хоризонт во земјата е на повидок нова македонска политичка пролет. Иако во моментов кога го пишувам текстов при крај е броењето на гласовите во некои поодалечени гласачки места, сосема е јасно дека во Македонија е зрела климата за сериозни политички и секакви други промени во нашето општество.

Бројките од гласањето се менуваа од час во час и тоа во прилог на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а зошто е тоа така, изборите ги карактеризираат неколку битни работи.

Прво и најважно, сосема јасно е дека на народот му дојдеоа преку глава предавствата што ги направи Заев и неговите подржувачи во текот на изминативе четири години од кога ги донесоа на власт; второ, ароганцијата на градоначалниците на СДСМ кои се однесуваа како апсолутни владетели без да имаат елементарно чуство на одговорност кон граѓаните; трето фамозните тендери преку кои до вчера обичните градоначалници – “голтари”, преку ноќ постанаа милионери. Но мислам дека на народот му прекипе и силеџиството со злоупотребите на институциите на власта (полицијата, обвинителството и судтсвото во целина…) се со цел да сејат страв и покорност кај оние што не мислат како нив, а за да ги примораат да размислуваат и делуваат како нив.

Македонија стана земја на политички затвореници (случајот со малтретирањето на бизнисменот Орце Камчев; драконските казни затвор за уставобранителите од случувањата со упадот во Собранието на 27 април 2017 и уште многу други. Впрочем, токму заради ваквото однесување на власта Македонија се најде речиси на врвот на листите на многу меѓународни организации за нарушување на човековите слободи и права и за драстично опаѓање на степенот на демократија во земјата. Но власта на Зоран Заев како да не ја свати пораката на меѓународната заедница дека токму заради драстичниот пад на вредностите во сите категории за оценка на демократијата и слободите во земјата, Македонија не само што нема да добие датум за преговори за членство во ЕУ, туку нема ни на повидок такво нешто во блиска иднина! А да не збориме за корупцијата на сите нивоа власт што доби димензии на епидемија без што речиси е невозможно да се добие ни елементарна услуга.

Е па господо властодршци-Заевисти, меѓународната заедници ги гледа и педантно ги следи сите ваши баханалии и не сака такви како вас во своето друштво. Претпоставувам дека токму вашата аздисаност до лудило е и причината што меѓународната заедница не застана зад вас во овие локални избори, како што го правеше тоа до сега на разни начини и со разни средства за да ве подржи (бидејки им требавте за да ги исполните – слугантски, како што го правевте до сега) сите нивни сценарија и желби! Никој не сака да има работа со криминалци кои шверцуваат дроги, даваат пасоши на меѓународното подземје, и преку ноќ се најдоа на челната позиција за производство на наркотици во Европа. Белким ќе го разберете сето тоа, но мислам дека сега веќе е предоцна!

А кога сме кај изборите, да сумираме дека според до сега изброените гласови ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалници во 22 општини во првиот круг на гласање, од тоа во дури шест скопски општини, што значи дека сега Скопје е во целост ВМРО-вски град (дури кандидатката за градоначалничка Даниела Арсовска убедливо води во вториот круг пред противкандидастот од СДСМ со пет-шест илјади гласови), а опозицијата има свои кандидати во дури 35 општини во вториот круг избори, вклучувајки и за главниот град Скопје и клучната општина Центар, каде убедливо води кандидатката на опозицијата подржана од ВМРО-ДПМНЕ Наташа Котлар. Втор круг ќе има во 46 општини и во градот Скопје.

Добрите познавачи на политичките прилики и аналитичари во Македонија тврдат дека одличните резултати од гласањето во првиот круг гарантираат убедлива победа на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и во вториот круг. Тоа ќе биде и главен аргумент на опозицијата да инсистира и на предвремени парламентарни избори догодина, на пролет, што ќе значи почеток на македонската политичка пролет.

2. Иако изборите се оценети и од партиите и од бројните домашни и странски набљудувачите како слободни, фер и демократски, сепак Македонија не би биле тоа што е ако не беа регистрирани одредени инциденти и прекршувања. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека МВР ги превзело сите неопходни мерки изборите да поминат во најдобар ред, но сепак забележени се “поситни” инциденти што наводно не влијаеле на изборниот процес.

Сериозно прозвучи информацијата дека, наводно, власта пуштила на слобода 85 криминалци од затвор и дури им дала оружје за да прават инциденти (веста била доставена до Американската амбасада, која пак ја проследила на Македонската полиција), но инциденти од таков вид не се регистрирани.

Во некои електронски медиуми се појавија фотографии со вреќи компири и гајби со зејтин -спремни за поткуп на гласачи во посиромашни општини, а на одредени локации се делени банкноти во денари или девизи со нагласка на примачот за кого да гласа.

3. Иако двете најголеми партии и коалиции прогласија победи, во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата објавија дека во дури 22 општини нивните кандидати победија во првиот круг на гласање, а СДСМ и нивната коалиција освоија девет градоначалнички места во првиот круг.

Се на се, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата (или подобро речено граѓаните на Македонија) им нанесоа на противниците од досегашната власт во земјата своевиден “нок аут” (nock out) и се апсолутен победник во првиот круг на локални избори.

Ова донекаде и беше очекувано после сите предавства на националните интереси од страна на Зоран Заев и неговите подржувачи, нивната сервилност и спремност да прифатат буквално се што бараа Грците со капитулантскиот договор од Нивице (Преспа) и таканаречениот Договор за пријателство со Бугарија. Но “меѓународната” очигледно бргу свати дека нејзиното ангажирање да го донесе Зоран Заев на власт беше криво сватено дека нему и на неговите им се може се и покрај услугите кон странците, се дадоа во невиден криминал и корупција со тендерите, трговија со легални македонски пасоши за белосветски криминалци и мафијаши и друго семожни беззаконија за што почнаа да пишуваат и реагираат и угледни весници во повеќе земји. Втор круг гласање ќе има во 46 општини и во Градот Скопје.

4. Новина на овие избори е воведувањето на специјалните “фингерпринт” (fingerprint) апарати за проверка на идентитетот на гласачите, т.е за да неможе поединец да гласа повеќе пати.

Фингерпринт апаратите – за чија набавка се потрошија 11 милиони евра, беа набавени на инсистирање на опозицијата. И покрај тоа што се работи за најсовремена технологија, тие апарати колку што беа полезни, исто толку им го загорчија животот на избирачките комисии. Заради недообученост на комисиите, во многу случаи апаратите не реагираа и не ги препознаваа отисоците на гласачите. И јас кутриот го доживеав тоа. На десниот показалец апаратот не реагираше, пробавме со левиот показалец – исто, па и по трет пат – сега со десниот палец – пак ништо и работата ја завршивме на класичен и вообичаен начин со земање податоци од личната карта.

За следните избори (да се надеваме предвремени парламентарни избори на пролет догодина, да се надеваме дека изборните комисии ќе ја совладаат оваа нова фингерпринтерска технологија!?

М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *