Гарантираме нови работни места поддршка на бизнис секторот и инвестиции

Пеланет интервју: Никола Најдовски, кандидат за градоначалник на Општина Демир Хисар од ВМРО ДПМНЕ и Колицијата за обнова на Македонија

На овие избори граѓаните ќе и кажат на власта што мислат за скандалите, измамите, афери и за недомаќинското работење. Затоа треба сите заедно да се избориме и да создадеме нова иднина! Заедничка иднина со која ќе се гордеете, вели кандидатот за градоначалник на Општина Демир Хисар од ВМРО ДПМНЕ, Никола Најдовски.

Што им нудите на граѓаните како нова локална самоуправа и вие како иден градоначалник?
Јас и мојот тим, на моите сограѓани, им ветуваме дека ќе ја добиеме битката за да го ослободиме Демир Хисар од неправдите, пустошот и разнебитувањето кое му се случува во изминативе четири години. Ќе обезбедиме квалитетен и достоинствен живот за сегашните и за идните генерации демирхисарци и сите ќе бидеме горди на промените кои ќе ги доживее нашата Општина. Повикувам на единство и обединување на сите чесни луѓе, на сите оние кои веруваат во Демир Хисар и се подготвени со свој придонес да помогнат да ги вратиме вистинските вредности во општеството. Повикувам на единство и обединување со оваа нова и позитивна енергија која ја промовираме јас и мојот тим, составен од млади, образовани и амбициозни луѓе, кои ќе бидат вистински граѓански сервис во наредните четири години и ќе понудат навремени и квалитетни решенија на сечиј проблем и на сечија потреба.

Кои се вашите најголеми забелешки за досегашното функционирање на општина Демир Хисар?
Изминативе четири години, слободно можам да ги наречам „мрачни“ и „матни“, исполнети со лаги, манипулации, криминал, непотизам и неработење на локалната власт на СДСМ, период во кој не се реализирани најголемиот дел од ветувањата кои се дадени во програмата на актуелниот градоначалник со која тој победи на минатите избори. Кај локалното население владее апатија, недоверба во институциите, страв од партиски реваншизам.

Лоцирани ли ви се најголемите проблеми, а соодветно на тоа која е вашата понуда?

Мене и мојот тим не очекува многу работа, но ние на тоа сме подготвени и истовремено се обврзуваме пред граѓаните, со кои заедно и напорно работевме на Програма целиот овој период наназад. Ветуваме и гарантираме многу работа. На Демир Хисар му се потребни промени, „свежи“ сили кои ќе го влечат напред кон многу успеси, а најмалку му се потребни истрошени и недокажани кадри, кои титулата градоначалник ја „ловат“ само и само за да ја покажат својата моќ и да го достигнат врвот на својата долга и празна политичка кариера, за лична цел и сатисфакција. Најголемите проблеми се однесуваат на невработеноста на младите и инфраструктурата која што се наоѓа во оќајно лоша сосотојба.

Младите во Демир Хисар, што нудите за оваа категорија која се чини е најпогодена ?
Општината ќе работи активно на подобрување на условите за образование на младите, како и на привлекување странски инвеститори кои би отвориле нови работни места, се со цел намалување на иселувањето и задржување на младите во нашиот крај. Гарантираме модернизација на сите училишта согласно ЕУ стандарди и подобрување на условите за учење, проекти што ќе претставуваат дел од континуираната и системска грижа за подобрување на развојот на образованието и знаењето. Санација на постојните и изградба на нови спортски игралишта во подрачните и централните училишта на ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Даме Груев“ ООУ „Браќа Миладиновци“ и СОУ „Крсте П. Мисирков“; Поддршка на проекти за подобрување на енергетската ефикасност во училишните згради, замена на надворешна и внатрешна столарија и надградба на постојните системи за парно греење со системи за греење на пелети. Гарантираме стипендии за ученици и студенти од социјално загрозените семејства, избор на најдобар ученик „Првенец на генерација“ во сите основни и во средното училиште, избор на најдобар просветен работник во општината. Што се однесува до можностите за вработување или отворање на сопствен бизнис, наш капитален проект е „ИНДУСТРИСКА ЗОНА ДЕМИР ХИСАР 1“ – изработка на комплетна проектна документација за инфраструктурно уредување: водовод, електрика, одведување на фекални отпадни води, внатрешна сообраќајница и атмосферска канализација, како и почеток на постапна реализација. Со почетокот на работа на зоната, сигурен сум дека ќе се отворат нови можности за голем број нови бизнис идеи и вработувања за младите.

Инфраструктура и екологија
Планираните проекти од областа на комуналната инфраструктура се произлезени од потребите на граѓаните детектирани низ изминатиот период, а коишто го определуваат квалитетот на нивното живеење. Како резултат на нивните барања и потреби, гарантираме многу проекти од комуналната инфраструктура што треба значително да го подобрат нивото на квалитет на животот на граѓаните на Општина Демир Хисар (локални патишта, улици, фекални канализации, мостови, велосипедски патеки, паркиралишта, потпорни ѕидови и др.). Од позначајните, би ги издвоил: изработка на техничка документација за третман на атмосферските води долж ул. „11-ти Октомври“ во Демир Хисар; изработка на техничка документација за колекторски систем и прочистителна станица за третман на отпадните води од системите на Демир Хисар, Суводол, Кутретино, Слепче и Белче; инвестиции во подобрување на локалната патна и велосипетска инфраструктура, градење на места за рекреација и подобрување на локалниот јавен превоз – функционален и еколошки јавен превоз; дефинирање и определување на зони на смирен сообраќај; изработка на техничка документација и изградба на системи за третман на отпадни води во руралните населени места; поддршка на изработка и имплементација на регионални планови за управување со отпад; засадување на нови растенија покрај ул. Битолска со цел дополнително намалување на загадувањето и други.
Туризам
Демир Хисар иако располага со туристички атракции и нуди одлични можности за рекреативен, верски – манастирски и културен туризам, речиси и да го нема во туристичките понуди на тур-операторите во земјава и странство. Затоа, ќе основаме општинско туристичко биро и ќе креираме туристичка апликација – за почеток во рамките на постојниот службен портал на Општината, а подоцна како засебен туристички портал и апликација, со што и нашата општина ќе ја промовираме како атрактивна туристичка дестинација. На територијата на нашата општина се наоѓаат изворите на Црна Река во селото Железнец, кулата на Јордан Пиперката во селото Брезово – уникатна туристичка атракција и историска знаменитост, гордото историско Смилево, Слепче и Претечанскиот манастир, манастирот Свети Атанасиј во селото Журче, велосипедски адреналински патеки во планинските предели на Илинска планина и Бигла, Света – родното село на познатиот комита Ѓорѓи Ралев Скршениот. Во наредниот период, Општината ќе поддржува идеи и проекти за развој на туризмот на овој дел од Македонија.
Спорт
Спортот е многу важен за здрав раст и развој на младите, како и за рекреација на повозрасните наши сограѓани. Планираме реконструкција на постојните спортски објекти и градење на нови спортски центри за различни спортови, финансиска поддршка на локалните спортски клубови и подобрување и модернизација на училишниот спорт. Секое рурално населено место ќе има спортски терени за спортување и рекреација.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *