Вечер на руска музика во Битола-петок во 19 часот во Завод, музеј и галерија Битола

 Петок во 19 часот во салата на Завод, музеј и галерија Битола ќе се одржи „Вечер на руска музика“ на која  ќе настапат пијано дуо Билјана Димовска и Татјана Божиновска и пијано дуо Маја Божиновска и Горјана Стојановска.

Нема достапен опис

Концертот е организиран од Здружението на уметници и педагози Арс Ад Астра, во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во Р. С. Македонија и Почесниот конзулат на Руската Федерација во Битола, а поддржан од Општината Битола.

Здружението на уметници и педагози Арс Ад Астра – Битола, е формирано со цел да придонесе за збогатување на културниот живот во нашиот град, да се привлечат поголем број на приврзаници и љубители на класичната музика. Факт е дека нашиот град отсекогаш бил лулка на културата и уметноста, надалеку познат по своите епитети- Град на пијаното и Град на конзулите и како таков заслужува да има што повеќе настани кои ќе го збогатат културниот живот во истиот, со зголемување на интересот и љубовта кон класичната музика.

Полните сали, воодушевеноста на присутните, громогласните аплаузи на истите, се доволен показател дека Битола, како град со богата културна историја, заслужува да има настани од ваков тип. Од друга страна пак, младите уметници и младите луѓе се оние кои се иднината на едно општество, па со цел да се едуцираат, да се издигнат на едно повисоко интелектуално ниво, би ги привлекле воопшто да ја засакаат и да го зголемат интересот кон класичната музика, а воедно и да уживаат во прекрасните звуци со кои изобилува класичната музика. Ваквите настани во изминатиот период, заради епидемиолошката состојба во која беше целиот свет, ги имаше во мал број и со тоа сметаме дека со овој настан ќе дадеме придонес кон враќање и оживување на културните настани во градот.

Имено, акцентот на вечерашниот настан е руската класична музика, која има навистина плејада на композитори кои твореле неповторлива музика низ вековите, а наша должност како уметници е да ја пренесуваме и да ја шириме љубовта кон истата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *