121 година „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински

Пораките упатени кон македонските деца-сираци, искажани од Чернодрински пред 92 години, би требало денес да одѕвонуваат и во ушите на македонските првенци, кои коленичат пред портите на Бугарија, пазарејќи се со македонските национални идеали, кои од векутума-века биле свети за секој Македонец.

Македонската драма има плодна и богата традиција. Нејзиниот развоен пат може да се проследува низ долг временски период, бележејќи повеќе фази, тенденции и процеси. Првите никулци во оваа област ги среќаваме во обредните игри, во кои, низ дијалошка форма, со многу ритуали и гестови се пренесуваат одредени пораки. Според Кирил Пенушлиски, обредните игри поминале низ повеќе фази сè додека од нив не се издвоила народната драма.

Својата организирана форма театарот ја остварува во манастирските и црковните училишта, каде што се изведувани световни поуки, со исклучителен морализаторски карактер. За првата театарска претстава, одржана во манастирот „Свети Јован Бигорски“, нужни информации среќаваме во книгата на И. Христов (Солун, 1909), која е посветена на овој центар и на неговото историско, религиско и културно значење.

Македонската драма и театар својот вистински претставник во периодот меѓу 19 и 20  век го има во името и делото на Војдан Чернодрински. Неговата појава е од особено значење за целокупната наша литература. Всушност, делото на Чернодрински, со своите специфики претставува вистински меѓник за нашата литература, толкувана и согледувана од денешен аспект.

Војдан Чернодрински достојно го најави расцветот на македонската драма, поставувајќи ги основните и цврсти темели и на македонскиот театар. Неговата дарба и нагласеното љубопитство во литературата претставуваат верно сведоштво за долговековното опстојување на Македонецот низ историските ветрометини. Бележејќи ги тешкотиите и крвавите настани во Македонија и вешто оформувајќи ги во литературни пораки, Чернодрински означи една неодминлива етапа од развојот на нашата литература. Затоа, со право неговата појава е прифатена од сите негови истражувачи и проследувачи како основоположничка, историски неодминлива, литературно високо вреднувана.

Речиси целиот свој живот Чернодрински го минува во емиграција, каде што со многу страст, љубов и енергија ја шири вистината за судбината на Македонија, притоа возвишувајќи го чувството за самосвест и бележејќи ги судбинските мигови сврзани со македонскиот народ. Неговиот кружок „Македонски зговор“, кој го формира по примерот на „Младата македонска книжевна дружина“ на Даме Груев и Петар Поп Арсов, го означува првото организирано театарско живеење.

Во целокупниот драмски опус на Војдан Чернодрински доминантно место зазема макотрпниот и тежок живот на македонскиот народ, проткаен со сите свои трагични белези и специфики. Низ игривоста и песната, низ милозвучниот македонски народен говор, тој ја отсликува судбината на покорениот народ под турско ропство. Неговото дело претставува верна слика на времето, зашто настаните речиси секогаш се земени од стварноста. Затоа, тие се и потресни и уверливи. Во повеќето дела тој го нагласува чинот на опстојувањето, кој постојано е проткаен со болка и тага, со плачот на мајките, со црнилата на жените, со погибијата на народот, со постојаното раслојување.

Во делото на В. Чернодрински се отсликани безброј судбини, автентично и едноставно оттргнати од секојдневието на народот. Тоа претставува еден од неодминливите сегменти во целокупната македонска драмска литература. Во овој поглед, особено драмата „Македонска крвава свадба“ со своите пораки и со својот висок естетски досег, останува како верно сведоштво за творечката големина на Војдан Чернодрински.

Како што убаво забележува Јован Бошковски, „содржината на Македонска крвава свадба е речиси откината од животот на народот за време на турското ропство“. Токму затоа, појавувајќи го чинот на создавањето на ова капитално дело за македонската литература, Чернодрински во предговорот едноставно и скромно ќе рече:

„Што напишав јас? – ништо не напишав. Јас го препишав од сè уште ненапишаната крвава историја на Македонија она кое читателот ќе го прочита, а гледачот ќе го види в театар. Крвожедноста на нашите Турци-бегови, готовноста на Македонците да умрат, но верата да не си ја менуваат, и машкоста на Македонецот јуначки да им се одмазди на оние крвници кои ја извалкаа или ќе се обидат да ја извалкаат семејната му чест, ете, во тоа главно се состои содржината на пиесата. Успеав ли? Дали точно напишав? – не знам…“.

Возбудливиот творечки чин, верно отсликуваната реалност, јасно прифатливата народна мудрост и народниот говор, придонесуваат за нагласената комуникативност и прифатливост на ова дело меѓу широките народни маси. Со секое ново сценско видување Македонска крвава свадба и по 121 година претставува возбудливо четиво. Ова дело има длабоки корени во битот на македонскиот народ, та затоа тоа честопати предизвикува голем емоционален одглас кај публиката.

Националната мисија на Војдан Чрнодрински е значајна и пред Балканските војни. Со неговата трупа тој со голем успех ги обиколил Македонија, Србија и Бугарија и организирал повеќе претстави пред населението. Таа негова активност, најдобро е илустрирана во прилогот објавен во српскиот весник „Народна борба“. Во текстот јасно се нагласува дека: „при претстојното гостување трупата на Војдан Чернодрински ќе се претстави со пиеса напишана на македонски народен говор… Се надеваме дека нема да го пропуштите големиот настан и да дознаете за животот на многустрадалните Македонци и да го чуете нивниот милозвучен јазик…“ 

Во прилогов посебно ќе ја издвоииме и посетата на Војдан Чернодрински на Домот за сираци во Софија во 1929 година, што го носел името „Битола“, а го основала по Првата светска војна, Македонката Захарија Василева Шумљанска. Во таа пригода, нашиот славен писател, на сто и дваесетте македонски сираци им подарил примероци од новото издание на драмата Македонска крвава свадба и им ја упатил следнава порака: „Се надевам дека по прочитувањето на книгава секој питомец добро ќе го запомни прочитаното и никогаш не ќе го заборави јазикот на кој е напишана, јазикот на кој зборувале неговите прадедовци, родители и роднини и на кој ќе зборуваат, и покрај физичкиот и морален терор на сегашните поробители на татковината Македонија, сите идни поколенија што ќе ја населуваат нашата света земјa“.

Пораките упатени кон македонските деца-сираци, искажани од Чернодрински пред 92 години, би требало денес да одѕвонуваат и во ушите на македонските првенци, кои коленичат пред портите на Бугарија, пазарејќи се со македонските национални идеали, кои од векутума-века биле свети за секој Македонец.

Раде Силјан

https://www.mkd.mk/kolumni/121-godina-makedonska-krvava-svadba-od-vojdan-chernodrinski

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *