Филипче не дава оставка, ќе почекал да заврши истрагата

Од одговорност ниту бегам, ниту ќе бегам, но чекам да заврши истрагата, рече попладнево министерот за здравство Венко Филипче на првата прес конференција по синоќешниот пожар во кој изгоре тетовската модуларна ковид болница при што загинаа четиринаесет лица.

„По завршувањето на истрагата ќе ја донесам одлуката дали ќе поднесам оставка. Навистина тешко може да го опишам чувството и сочувството кое што го имам со семејствата. Не бегам ниту од одговорноста на наодите на истрагата, ниту од моралниот аспект, но нека заврши истрагата“, рече Филипче.

Тој не навлегуваше во други детали за истрагата, прецизирајќи дека во моментот на избувнувањето на пожарот во модуларната болница имало 26 пациенти, двајца лекари и четири медицински сестри. Обдукуцијата открила и која е возраста на загинатите чии тела беа однесени во судска медицина.

„Починатите се на возраст од 29 до 79 години. 12 пациенти кои беа во модуларната болница сега се хоспитализирани во болницата во Тетово и се во стабилна здравствена состојба. Нема починати здравтсвени работници“, рече Филипче.

Министерот додаде дека вчера и денеска вршеле увид во целата документација за набавка и за поставување на модуларната болница, но дека треба да се утврди и на кој начин била раководена по предавањето во употреба.

„Го доведуваа во прашање квалитетот и безбедноста. Она што тука го имам со мене, тоа е целата документација за набавка и поставување за модуларните болници и сето тоа е со запазени строги стандарди и постапки и вакви проекти поддржани од Светска Банка. Истрагата треба да утвди дали по предавањето во употреба истиот бил квалитетно употребуван“, рече Филипче.

Инаку, на денешната вонредна седница Владата донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава. Претседателот Стево Пендаровски кој беше во посета на Тетово рече дека во рок од пет дена ќе се заврши истрагата и ќе има повеќе информации. Пендаровски додаде дека засега нема индиции дека пожарот во Тетово е подметнат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *