Кампања на Заев за релативизација на корупцијата!

Пишува: Воислав ЗАФИРОВСКИ

Заев му најде мошне помпезна министерска позиција на лицето што се одзива на името Љупчо Николовски – министер за борба против корупцијата и вицепремиер во владата.

Ова за прв пат се случува, во Владата да се именува министер за борба против корупцијата, а и со него, Македонија се подлабоко пропаѓа на сите листи кои ја бележат перцепцијата за корупцијата, но и според меѓународните организации и владите кои ги следат состојбите со корупцијата.

Тоа што зачудува е фактот дека Заев очигледно не ја познава поставеноста на институциите задолжени за борба против корупцијата, па од тука, во обидот да покаже дека е посветен на справувањето со овој проблем, поставува министер за борба против корупцијата, а најновата измислица во оваа насока е кампањата на Владата – „Се е јавно, корупцијата не се исплати“.

Ајде со ред. Во Република Македонија постои Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која ја избира Собранието. ДКСК согласно Законот за спречување на корупцијата е надлежна да донесе Државна програма за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Таа програма е обврзувачка за сите институции во државата, бидејќи ги опфаќа и се однесува на сите сегменти на општественото, економското и политичкото живеење и како таква се дава на спроведување во владата, во Собранието и во сите институции на централно и локално ниво. Законот не дава право ни на владата ниту на Собранието да ја преиспитува таа програма, едноставно таа произведува обврски за сите во нејзиното имплементирање.
Колкава е политичката воља за отворена бирба против корупцијата, говори фактот дека ДКСК секоја година кубури со средства за остварување на нејзините надлежности, вклучувајќи ги превентивните кампањи, но и истражувањата на формите и обемот на корупцијата, кадровски е не екипирана, а објективно во своето работење во најголема мера е зависна од добрата воља на извршната власт. Ова е особено значајно од аспект на лимитираните можности за пристап до базите на податоци на институциите кои се надлежни за гонење, откривање, документирање и натаму проследување на случаите на констатирано сомневање за корупција до надлежното обвинителство. Тука се пред се’ полицијата, финансиската полиција, управата за перење пари, царината, Државниот завод за ревизија, УЈП, катастар и други, со кои ДКСК има богата историја на преписки кои многу често се губат во фиоките на администрацијата.

Да констатирам, превентивната улога – улогата на кампањи, истражувања и планирањето на мерките за спречување на корупцијата, според законот е изворна надлежност на ДКСК. Репресивниот дел е обврска и законска надлежност на институциите – а пред сите МВР, Министерството за финансии, Министерството за правда, Министерството за транспорт и врски и Министерството за економија. Сите тие силни министерства имаат надлежни министри избрани од Собранието, па од тука зачудува и функцијата на Николовски…тој ги координира министерствата, дели задачи, изготвува програма?! Навистина не е јасно што прави, кога со закон јасно е разграничено кој за што е надлежен и кој што задолженија има. Николовски до сега откри неколку килограми путер кој под ниту еден основ не може да го третирате како дело од корпусот на коруптивните дела. Граѓаните веднаш тој путер му го “намачкаа на глава”.

Затоа сега, во пресрет на локалните избори тој заедно со Заев се сетија да промовираат кампања против корупцијата, нешто за што ексклузивно е надлежна ДКСК.

Токму од тука и сомневањето дека оваа т.н. кампања е некаков обид на Владата, после бројните скандали во кои директно беше инволвирана, истите да ги релативизира, а за таа цел да ги искористи своите медиумски инсталации да проперат некоја пара сега пред изборите. Јавна тајна е дека власта со години наназад купува гласови, што со роба, што со социјални пакети, но и со кеш пари.

Заев неодамна изјави дека не е пронајдена корупција меѓу министрите, замениците, директорите, дека корумпирана е администрацијата. Не знам дали човекот се прави наивен или стварно не разбира што е корупција.

Токму затоа, кусо за потсетување – корупција е евро за црквата, евро за Вицето; корупција е рекет со Јанева, макар што сомнително е зошто обвинителството до ден денес не смее да праша кај кого завршија парите; случаите со Ден Дончев, Лидија Димова, Лазе Велковски, Ременска, Рашковски, Вице Н, тендерите на Муковски; корупција е и собирањето на судиите и обвинителите на бацираче во кабинетот на Заев; корупција е комично предвидливото напредување на обвинителите, уставните судии… ни на обложувалница е неисплатливо да се стават, однапред се знаат; корупција е издавањето пасоши на белосветски криминалци со лажен идентитет; корупција е командирот на полицијата да го фатат во мрежа на шверц на марихуана; корупција е молчењето за дивоградбата на Шилегов; корупција е што Кичеец наместо во затворот во Струга се развозува низ Македонија со своето возило во придружба на припадник на АНБ и при тоа е учесник во сообраќајна незгода во која едно лице го изгуби животот; корупција е барањето и гонењето на свиркачите и како милуваат во МВР да кажат кртовите, а не носителите на носителите на функции кои директно се обврзани да знаат што им се случува во институциите, а не знаат или знаат и молчат…но во обата случаи подеднакво се одговорни. Простор за коруптивни решенија остава и хиперпродукцијата на закони без поширока, јавна дебата, како владта популарно вели со европско знаменце.

Очигледно за владиниот врв ништо не е свето, па од тика ни транспарентно, а корупцијата е мошне исплатлива работа, а во земјата владее општо беззаконие и селективна правда.

Во голема заблуда е Заев дека може одговорноста за сите коруптивни скандали во самиот врв на Владата да ја сподели со Николовски, не, Заев е најодговорен за тие состојби, впрочем сите горе спомнати ликови беа негови најблиски соработници и невозможно е тој да не знае за нивните сомнителни активности, а наивно и многу глупаво звучеше одбраната на своите пулени на јавна сцена, односно упатените јасни пораки до надлежните, гледајте како ќе го решите случајот или вие ќе бидете решени.

Да завршам, на Македонија не и треба за декор лицето што се одзива на името Љупчо, за тој да води антикорупциска кампања, има други надлежни за тоа – според законот тоа е ДКСК. Ефективната и ефикасна борба со корупцијата започнува со чистење и ветреење на клучните играчи, а тие не се во администрацијата, туку на истата маса на која седи и Заев. НВО беа во право кога реагираа за медиумските кампањи што ги организираше Владата на Груевски, но сега некако се молчеливи, или се смртно исплашени од актуелнава власт, повеќе отколку од онаа на Груевски, или чекаат некоја трошка од колачот… а колачот, тој ќе се крши пред изборите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *