Како селото Дедели стана симбол на владеењето на Заев!


Пишува Воислав ЗАФИРОВСКИ

Наскоро претстојат локални избори во Македонија. И покрај законските рокови за изборна кампања, таа веќе подолг период е во ек. Впечатокот е дека се води кампања која има врска со се, но не и со проблемите на локално ниво.
Така валандовчани беа фасцинирани од премиерот Заев кој на средба со граѓаните им го опишувал чувството макар и на видео линк, на иста маса да се седи со највисоките претставници на земјите членки на НАТО, нашите сојузници.

Какво е чувството кога ним им се обраќате со своите ставови, а Бајден, Макрон, Меркел ве слушаат и запишуваат (фаќаат прибелешки од обраќањето на Заев). Сличен напад на интелигенција имаа уште неколкумина министри од Владата на Заев – Шеќеринска, позеленетите Османи и Груби, а од некоја глувчја дупка се појави и Бучковски со став дека ако до сега ги прифатевме бугарските барања, ќе сме ги почнеле пристапните преговори со ЕУ…паралелата би била – ако силуваната доброволно се согласела на однос, немало да биде силувана, во случајот силувачот е жртвата, не е обратно?!

Во исто време некој други ја претставуваат вселенската програма на Македонија, а од Владата, вклучително со премиерот Заев, за дневно политички потреби почнаа храбро да го препознаваат и името Македонија, па во настапите и гласно го изговараат, без она срамно и понижувачко северна, нашата земја, нашата држава…аирлија!

Очигледно е дека власта е многу исплашена, дека е мошне потресена од едно општо незадоволство меѓу граѓаните од лошите политики на Владата, пред се заради силуваната промена на името за што кога го бараше мандатот, Заев даде и писмени гаранции дека тоа нема да го стори доколку граѓаните не се согласат. Но не е само тоа, оваа Влада ќе остане запаметена по многу мега корупциски скандали, по директното мешање во судската власт; по гонењето на укажувачите и кртовите во институциите, наместо по гонењето на отворените криминални активности на поединци на високи позиции во институциите; по лошото менаџирање на пандемијата со корона вирусот, по обидите и од оваа здравствена криза со многу заразени и висок процент на починати да се извлече личен интерес – од екстремно високите цени на респираторите до мешетарењето со вакцините; по лошото менаџирање со справувањето со пожарите во Македонија и неодговорниот однос на премиерот и дел од владата кои си заминаа на одмор во тој период; ќе биде запамтена како Влада која бележи најлоши економски резултати од осамостојувањето до денес; а ќе биде запамтена и по тоа што македонските граѓани не можат да дојдат до лична карта и пасош, но затоа белосветски криминалци по кои трагаат Европол и Интерпол, без проблем, во скратена постапка добиваат пасош со лажен идентитет и замислете никој од наредбодавците не одговараше, одговараа само извршителите без обвинителството и судот да утврдат за колку пари го правеле тоа.

Има уште по многу нешта по што ќе се памти оваа Влада, но за жал по ништо добро! Како едвај да чекаа да ги дознаат кандидатите за градоначалници од најголемата опозициска партија за да им пуштат инспекции од сите можни институции по налог на лицето кое се одзива на името Љупчо…срамота.

Но да се вратиме на суштината, многу им е битно и многу се среќни луѓето од с. Дедели што сме членка на НАТО, што Бајден и Макрон фаќале прибелешки од обраќањето на Заев. Другите работи може да чекаат, не им значи тоа што патот до таму е оштетен и тесен, што училиштето во селото е во очајна состојба, што нема амбуланта, што нема пошта, што едно комбе на два часа сообраќа од селото до градот, што при постоење на можности нема ниту еден преработувачки капацитет, тоа што немаат наводнување за нивите, а и субвенциите за културите и стоката што ја одгледуваат, можат да чекаат. Битно Македонија стана членка на НАТО, најмоќниот воен сојуз во светот…додуша војнички поразен од Талибанците во Авганистан, но тоа е затоа што овие им попуштале!

Овие локални избори очигледно добиваат два фокуса. Од аспект на Владата – да ги оправда досегашните генерални политики и да ги задржи позициите во локалната власт. Од аспект на опозицијата, фокусот ќе биде да се освои локалната власт во најголем дел од општините со што би се делегитимирала актуелната власт за потоа да се оди на брзи предвремени парламентарни избори.

Се чини опозицијата има полесна задача, особено во поголемите урбани средини, каде што локалните власти во изминатиот период не само што не реализираа дел од тоа што го ветуваа, туку врзувајќи се со урбаната мафија воведоа пракса на неконтролирана урбанизација; лошата сообраќајна инфраструктура и отсуството на еколошки проекти со депонии на секој чекор, што се препознатлив белег на актуелните локални власти меѓу граѓаните.

Најголемиот број на имиња на кандидати за градоначалници веќе се објавени. Наскоро и официјално ќе започне и кампањата, се надевам дека сите ќе излезат со понуда која ќе има влијание на квалитетот на живеење во сите населени места во општините.

Кој и да победи на овие избори, кој и да ги оствари своите целите, опозицијата или позицијата ќе биде се’ исто ако не се променат методите на работа, ако не се стави прв приоритет да бидат потребите и интересите на граѓаните што живот им значат. Очекувањата на граѓаните се дека и во кампањата кандидатите ќе се фокусираат на приоритетните проекти, но не како до сега, да се бара и добие довербата, мандатот да се преседи, за на крајот да пролистаат што ветувале во кампањата за да нашминкаат некоја улица, да поднаправат некој дрвен мост или некому да донираат фрижидер, кафемат со џезве и филџани.

Актуелната власт во изминативе години јасно ги дефинираше своите лесномислени приоритети, по секоја цена членка на НАТО и почнување на преговорите со ЕУ, а тоа што во градовите не се дише заради аерозагадувањето, дека администрацијата станува огромно чудовиште кое го јаде реалниот сектор, лошите услови за нормално живеење, е тоа ќе го решава откако ќе станеме членка на ЕУ… а можеби ни тогаш, бидејќи тогаш нема потреба да се бафтаме со микро проблеми, тогаш ќе бидеме дел од големото добро утро, и кога нашите лидери ќе се обраќаат, Меркел и Макрон ќе фаќаат прибелешки!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *