ДАЛИ ПРЕОВЛАДА ДИЛЕТАНТИЗМОТ ВО АВГАНИСТАН

ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ – 134

  1. Се поизвесно е дека темата Авганистан ќе доминира на насловните страници и ударните вести на мас-медиите ширум планетава уште многу, многу долго. А како и не би биле!? Сега се соочуваме со нов развој на настаните! Од една страна се групираат остатоците од авганистанската армија што побегнаа во соседните земји пред налетот на талибанците (што е предвесник на граѓанска војна), а од друга страна на сцена стапија и веќе жнеат жртви припадници на туѓи, уште поекстремни терористички групи, со цел да докажат дека токму тие се “правите” претставници на исламот, а не самите талибанциte. Премногу нејаснотии има во она што се случи и допрва ќе се случува во Авганистан! Во прв план, самото повлекување на американците и предавање на огромна количина оружје и опрема и комплетно опремени НАТО бази!? Американците минатата година постигнаа договор со талибанците за повлекување од Авганистан до крајот на август оваа година, а администрацијата на Џо Бајден брзаше по секоја цена тоа да се заврши до 11 септември, кога се навршуваат 20 години од нападот на кулите близначки во Њујорк и нападот на Пентагон (Министерството за одбрана) во Вашингтон. Но, не можам да одолеам од чуството дека и во преговорите во Доха минатата година, но и во самата операција на повлекување на амерканските и останатите НАТО трупи, сепак преовладува дилетантизам, односно дека зад сето тоа стојат и раководат цивили (дипломати и слични профили), а не стручни и обучени воени лица!? Според Google, американската армија, морнатица и воздухопловство имаат 816 активни генерали и адмирали и многубројни воени академии и студии од воената област и се сомневам дека воопшто, или можеби онака – површно, биле консултирани за воените аспекти од договарањето и егзекуцијата на договорот со талибанците!? Секојдневието и немилите сцени од евакуацијата од аеродромот во Кабул се неспорна потврда за тоа. Би ги прашал надлежните во Вашингтон: Зошто паралелно со процесот на повлекување на НАТО и САД од базите ширум Авганистан истовремено не им ги предадоа на одбрамбените сили на Авганистан (на број помеѓу 300.000 и 360.000) за истите да бидат нивна база за борба против талибанците, а за нивна обука и опремување потрошија трилиони долари изминативе 20 годиони од НАТО ангажманот во таа земја? Зошто??? Па одбрамбените сили (војската и полицијата) на Авганистан се почуствуваа предадени, излажани и напуштени и не треба да чуди што се предадоа на далеку помалубројните талибанци фанатизирани да ја превземат контролата во земјата! Епилогот набргу го видовме на аеродромот во Кабул каде луѓе очајно се обидуваа да се уфрлат во некој лет и да спасат жива глава, свесни што ги чека под власта на талибанците! Во сиот хаос што завладеа по 15ти август кога беше рокот за почеток на операцијата за повлекување, и НАТО сојузниците речиси беа препуштени сами на себе да се грижат за евакуацијата на своите граѓани. Ген-секот на НАТО Јенс Столтенберг јавно изјави дека ниту тој, ниту Алијансата не чуствуваат одговорност за настанатрите состојби и последиците бидејки не беа ни консултирани за американските намери и потези. Не требаше да се чека долго па светот да се увери дека Авганистан многу бргу ќе постане и база на најекстремните исламистички организации. Во четвртокот (26. август) бомбаш-самоубиец се ушињал меѓу народот што чекал пред влезот во аеродромот и активирал елек-бомба од која загинаа 169 цивили и 13 американски маринци. Сличен напад бил спречен со проектил од американски дрон кој ликвидира двајца потенцијални самоубијци и полн џип со експлозив. Се прашувам: од каде се појавил тој дрон кога сите постројки американците им ги отстапиле нежно, без борба, на талибанците???
  2. Кога расправаме за темата Авганистан, логично се поставува прашањето како тие успеаја од 30.000, кога почна НАТО операцијата пред 20 години, да пораснат на 80 до 100.000, колку што се претпоставува дека се на број денес!? Некој очигледно имал интерес да ги помага и да инвестира во нив, зарем не!? Впрочем, талибанците се сметаат за една од најбогатите бунтовнички групи во светот!? Обединетите нации проценуваат дека годишниот приход на Талибанците од 2011 година наваму е околу 400 милиони долари, но можно е оваа сума да е зголемена до крајот на 2018 година на дури 1,5 милијарди долари годишно. Како “донатори” на талибанците најчесто се споменуваат Пакистан, Иран и Русија, но и арапски земји од Заливот, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар, што се сомничат дека се најголемите донатори.
    Авганистан е најголемиот светски производител на опиум, од кој се произведува хероин. Се проценува дека годишна вредност на извозот опиум во светот е помеѓу 1,5 до три милијарди долари, а годишната заработка на Талибанците само од трговијата со дрога се движат помеѓу 100 и 400 милиони долари. Патем, се смета дека Талибанците заработувале десетици милиони долари годишно од оданочување на камионџии кои ги снабдуваа меѓународните сили стационирани во различни делови на земјата. Авганистан е богат со минерали и скапоцени камења. Вредноста на рударската индустрија во Авганистан се проценува на една милијарда долари годишно.
  3. Од истокот (од Бугарија) ништо ново! Завалиите не можат ни да состават влада и по трет пат во една година ќе одат на парламентарни избори, а нам ни покажуваат мускули и не уценуваат во стилот: или ќе ги прифатите нашите услови – или нема почеток на преговори за членство! Што би рекол народецот наш: Да ти пукне душата! Ако нашето членство во ЕУ зависи од една Бугарија (и официјално најсиромашна и најкорумпирана земја во ЕУ), тури му пепел! Треба да се освестиме и да се помириме со фактот дека една Бугарија не е факторот што пресудува дали ќе почнеме или ќе треба да почекаме за почеток на преговорите. Самата ЕУ е во таква ситуација што човек не треба ни да има сериозни очекувања. Имено, Блокадата за почеток на преговори ни ја прават Франција, Германија и Холандија (можно е уште некои членки) кои не сакаат проширување! Унгарија и Полска, па донекаде и Италија се закануваат со напуштање на Унијата и да не редиме понатаму! Затоа и ја најдоа Бугарија, во улога на дворски шут, да ја одигра валканата работа на Унијата со блокирање на почеток на преговори за членство со Македонија и Албанија. Оној мрачен тип Каракачанов одамна го нема во јавноста со мизантропски пароли против Македонија! Неговата улога во меѓувреме ја превзеде шарлатанот, циркузант, комедијант или што е веќе Слави Трифонов. И тој завалијата најави онака – комедијантски, но сурово дека одлуката за бугарското вето немало да се промени (па и ние можеме да ги блокираме бугарите во НАТО! Сега сме рамноправни со нив). Според Трифонов, сегашната позиција на Софија била исправна и се додека односот на Скопје и Македонците кон Бугарија не се променат, немало да се промени ниту бугарската одлука за ветото. – Не мислам дека бугарската позиција по ова прашање треба да се промени. Каква што е сега треба и да остане. Топката е кај нив и тие мора да направат нешто за да ја променат нашата одлука. Ние долго време имавме прекрасни односи со нив. Нивната реакција не беше таква – вели Трифонов.
  4. Вундер-министерот за надворешни работи Бујар Османи не престанува со својата шоу-политика. После егзибицијата што ја направи со неговата визитација на Мадрид за да лобира Шпанија да го признаела Косово, сега измисли и нови категории во самото МНР: дипломати за соработка со дијаспората, или како веќе ги нарекува. Ај што во Законот за надворешни работи н е м а таква категорија дипломати, на Бујар изгледа не му е познато дека амбасадори номинирани во земји каде има наша дијаспора, имаат о б в р с к а да воспоставуваат контакти и да негуваат соработка со иселенички организации и асоцијации! Па ред е некој тоа да му го објасни. Од друга страна, зошто мултиплицирање на функции? Покрај дипломати, економски промотори, па воени аташеа, дипломати за дијаспораста – што уште не ќе измислат!? Некои позции од наведените не се спорни, но Македонија нема средства за вакви иновативни кадровски решенија како дипломати за дијаспората. Од друга страна, нашата држава нема амбасадори во дури 23 земји, многу амбасади се недоекипирани и тоа би требало секако да го загрижи Бујара, а не да измислува нови функции. Го прашувам Бујара: да не ќе да е сепак во прашање да се вдомат на девизни јасли негови, или нечии миленици? Би сакал да чујам негова реакција за оваа дилема?
  5. Во Македонија пристигна првата група Авганистански државјани кои беа евакуирани од Кабул. Пристигнаа 149 од вкупно 750 лица кои треба да ни дојдат во наредниот период. Било договорено тие да останат во земјата најмалку(!?) 90 дена, а нивните апликации и крајни дестинации допрва ќе биле процесуирани!? Власта апелира граѓаните да покажат солидарност кон овие граѓани, но како ќе заврпи оваа операција никој не може да претпостави!

Мр. Мартин Треневски, Поранешен министер и амбасадор

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *