МОДЕРНАТА МИЛА ГЕБЕЛС

Деновиве, по низата скандали со т.н реформа во образованието во нашата држава, како гром од ведро небо одекна веста по социјалните медиуми дека се работи на укинување на македонскиот јазик односно да бидам попрецизна, промена на придавката „македонски“ со мајчин јазик.

Па се прашувам, на кому му смета изучување на македонски јазик? За каква реформа поточно се работи? Следуваше твит каде се демантира пишувањето на професорката, НО си велам, како може да демантира госпоѓата министерка нешто што е надлежност на УКИМ а не на МОН?

И тука, веднаш ми проаѓа низ мисли видеото во една политичка кампања на еден професор, исто македонист, кој жолчно ја бранеше тогашната опозиција а сега позиција дека Македонија и македонски и ништо друго? Па и кога ќе ми текне, дека министерката додели стипендии за книжевност, ама само за книжевност а не за македонски јазик, некако работите почнуваат да ми стануваат појасни.

Тргнав да ја видам програмата на деканката на Филолошкиот факултет, поднесена при нејзината кандидатура за вториот мандат што го доби минатата година и имаше и што да се види. Суштината е во тоа што во нејзината програма се предвидува Катедрите на Филолошки факултет, меѓу нив и Катедрата за македонскиот јазик и јужнословенски јазици, да се преструктуираат во посебни единици односно во студиски области. По напишаното значи ќе нема Катедра по македонски јазик и јужнословенски јазици. Срамно, тажно и непромислено!

Но, повторно деманти од секаде а никаде суштинско објаснување, што всушност се планира. Па ајде да видиме документи и факти. Според последните акредитации кои ги добил Филолошкиот факултет во 2018 година, за учебната 2018/2019 се со важност од 5 години. Значи, логично би траеле до учебната 2022/2023 година по пример на Решението кое го има добиено овој факултет.

Прашањето е, зошто сега такво обновување, во 2020/2021 година, кои се тие програми, што се планира и зошто порано? Одговор никој не даде, нити пак очекувано е да даде. Сепак, огромни суми на пари се дадени за добар ПР и успешно спакуван пакет на „успешен сладок функционер.“

Да не се разбереме погрешно, како човек кој имал можност да студира надвор од Македонија, сум за реформи во образовниот процес што поскоро, но сум против, за избрзани и недвосмислени промени без јавна дебата и без мислење на научната фела во државата. Не сакам партиски избрани директори да ја фалат реформата, туку сакам академици, професори, просветни инспекторати и научни истражувачи да ја предложат новата реформа која ќе биде подобра за сите.

Не сакам да гледам арогантни функционери како почитуваната министерка на онлајн дебатата која беше организирана од страна на просветни работници, каде мошне дрско пред да се одјави кажа да си образложат сите загрижени за Концепцијата, но реформата била поддржана од министерства и меѓународна заедница!? Сакам стручни лица да ја поддржат а не да се бара алиби и реализација на веќе зацртани реформи, кои не се поддржани од научната фела.

Сакам да видам научно истражување во кое се детектирани недостатоците во образовниот процес за секоја измена и дополнување да биде издржана или целосно променета.

И немојте веќе со ефтини манипулации дека никој нема да остане без работа и дека реформата почнува од 1 до 4 одделение. Се што ќе недостасувало ќе биде надополнето со дополнителни активност? Осакатуваме илјадници ученици и идни генерации кои треба да бидат столб на оваа држава. До кога?

Сето ова ме потсеќа на денот кога на берлинскиот плоштад нацистите го организирале првото јавно горење на повеќе од 25.000 книги што наводно не одговарале на германскиот дух. Овој пат, во помодерна историја „горат“ книгите кои не „одговараат“ на добрососедските релации ама само еднонасочно. Гори македонскиот јазик, гори македонската литература, горат трудовите на илјадници професори од нашата земја кои часови и часови посветиле на научно – истражувачка работа.

Но, силно ќе светне денот и за македонскиот народ, по примерот на „Зборникот“ на браќата Миладиновци. Непокорот е во секој од нас, можеби забавен но никогаш заборавен а лажните митови за успешни функционери ќе се срушат како кула од карти. За брзо!

Викторија Трајков д-р на економски науки

Ставовите искажани во рубриката Колумна се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *