Проширување на Европската Унија со земји од Западен Балкан е прилично нереално

Пишува: Михаел Мартенс, Виена

Да се биде тука, без право на глас

Во муабети во текот на викендот може да се спомне, но на крајот никој не верува во такво нешто: Проширување на Европската Унија со шесте земји од Западен Балкан – или барем со некоја од нив – во текот на наредната деценија, се смета дека е прилично нереално. Веќе со своите сегашни 27 членки, ЕУ се соочува со блокади во изнаоѓањето на консензус во надворешната политика, во буџетските и другите политики, при што, многу прашања се решаваат со голема мака и тие во голем обем го попречуваат функционирањето на самата Унија. За сојуз со 33 земји ова уште повеќе ќе ја отежне состојбата.

Можете ли да си замислите што ќе се случи доколку Србија како земја членка ќе има право на вето за прашања што се однесуваат на третманот на ЕУ со Русија?

Но, на ЕУ не може да ѝ биде сеедно како ќе се развива регионот непосредно во нејзиниот двор којшто е целосно опколен со ЕУ членки. Затоа со секоја од државите од тој регион, ЕУ пред повеќе години склучи билатерален пакт за стабилизација и асоцијација. Овие спогодби се сметаа како меѓуфаза на патот кон целосно членство. Бидејќи членството стана нереално, се поставува прашањето: Што ЕУ и нејзините членки сега може да им понудат на земјите од Балканот и што тие може да направат за од една страна, реално, и од друга страна, регионот да остане доволно атрактивен за да се спречат автократски скршнувања на владите и да се задржи курсот на реформските процеси или воопшто да ги заживее овие држави.

Еден рецепт којшто постојано се повторува гласи: „Ќе ги примиме сите балкански земји како целосни членки на Европскиот внатрешен пазар“, со други зборови: „Целосно економско учество во ЕУ, без право на политички глас“.

Во оние кои што го туркаат овој процес спаѓа и долгогодишниот европратеник Елмар Брок, којшто е дел од раководството на ЦДУ. Во неговата кариера, којашто трае речиси четири децении како европратеник – од 1980 година – Брок самиот беше сведок на шест проширувања на Европската унија. Дојде до промена на расположението веќе подолго време, при што: францускиот претседател Макрон е во право кога бара реформи во ЕУ пред да се продолжи со натамошното проширување на Унијата. Дури и ако на некоја балканска држава ѝ успее да ги задоволи барањата на Европската комисија за исполнување на условите за членство, малку веројатно е да се очекува дека зачленувањето на некоја земја ќе биде ратифицирано во Европскиот парламент и во сите национални парламенти. Наместо тоа, се очекува дека сѐ повеќе одделни членки на ЕУ ќе искажуваат причини за одложување на овој процес.

„Разочарувањето коешто притоа неизбежно ќе настане кај земјите од Западен Балкан, ќе им го отвори патот на Русија, Турција, Арапските земји и Кина, да го зајакнат своето растечко влијание во регионот. Тоа во никој случај не може да биде европски интерес.“ – вели Брок.

Затоа се неопходни „реалистични меѓу-решенија“ коишто на граѓаните во регионот ќе им овозможат да се стекнат со забележливи предности коишто може да бидат соодветно прифатени од постоечките членки на ЕУ. Затоа постои едно докажано решение: „Членство во Европскиот економски простор или на кратко ЕЕП. Притоа, земјите во ЕЕП ќе добијат целосен пристап до Европскиот пазар и сите права и обврски кои што важат согласно законодавството на ЕУ, но тие нема да бидат членки на институциите на ЕУ. Ова функционира на обострано задоволство со Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.“

ЕЕП беше воспоставен во 1994 година, за одредбите на Внатрешниот пазар на ЕУ да ги прилагоди на земјите од Европската слободна трговска зона – ЕФТА. Шведска, Австрија и Финска по успешно завршените преговори за нивни прием во ЕЕП продолжија понатаму и станаа членки на ЕУ. Другите земји, како што беше Норвешка, се одлучија против ваквиот последен чекор. „Припадноста во ЕЕП претставува еден вид база. Онаа држава која што ќе сака да продолжи понатаму кон потполно членство, може тоа да го прави но, и не мора. И бидејќи за пристапување кон ЕЕП, неопходно е да се исполнат до 70% од неопходните критериуми за целосно членство во ЕУ, патот не би требало да биде толку тежок.“

Приговорите што балканските земји би ги искажале на оваа понуда да се пристапи кон ЕЕП, тврдејќи дека тоа е „членство од втора класа“ и дека треба да се одбие, Брок ги отфрла, тврдејќи: „Најпрвин опцијата за целосно членство, реално говорејќи поради различни причини повеќе години во иднина е малку веројатна, при што натамошните стремежи кон истото може да доведе до нови разочарувања“. Од друга страна пак, членството во ЕЕП би било исто така еден значаен и реалистичен чекор којшто за земјите учеснички ќе донесе големи економски бенефиции и кај луѓето од балканските земји ќе доведе до значајни подобрувања на нивната состојба.

Но дали економиите на земјите на Западен Балкан се дораснати на конкуренцијата на Европскиот внатрешен пазар? Дали не постои опасност да дојде до затворање на цели гранки од индустријата каде што богатите европски концерни доминираат на пазарот, доколку дојде до целосно отворање на пазарите на стоки и услуги? Тоа може да се реши со „асиметрични решенија“, објаснува Брок. „Тоа значи дека пазарите нема веднаш целосно да бидат отворени, на одредени гранки ќе им се овозможи меѓуфаза од повеќе години и заштита“. За тој период може целно да се изврши поддршка на зајакнување на конкурентната способност на засегнатите гранки преку фондовите на ЕУ. Брок исто така укажува дека сите источноевропски држави кои што со своите слаби економии пристапија кон ЕУ, оттогаш па досега, доживеаја робусен дури и бурен економски раст. Тоа може да се очекува исто така и за шесте земји од Западен Балкан.

И покрај тоа што овие идеи на Брок веќе повеќе години се шират, не може да се каже дека ќе може да бидат вградени во јавниот дискурс на земјите од Западен Балкан. Во тие земји, барем оние т.н. „проевропски сили“, сѐ уште со нетрпение говорат и чекаат на целосно членство во ЕУ. ЕУ во лицето на својот претставник за проширување Оливер Вархељ, го поддршува овој став и постојано укажува на тоа дека целосното членство е реалистична понуда која што земјите кандидатки можат со сопствени сили да ја достигнат.

Михаел Мартенс е влијателен германски новинар. Откако завршил средно училиште заминал во Чикаго, Илиноис (САД) една година. Од 1995 до 2000 година работел – поддржан од Форин Офисот – како уредник на разни руско-германски весници во Бишкек, Алмати, Киев и Санкт Петербург. Во 2001 година работи во редакцијата на „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“. Во 2002 година е испратен во Белград како дописник за Југоисточна Европа. Од 2009 до 2018 година е одговорен за Турција и известува од Истанбул, а од 2015 година од Атина. Од 2019 година известува за југоисточна Европа, со седиште во Виена.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *