Како ДКСК, ОБСЕ и ЕУ џабе се расфрлаат со пари за наводна борба против корупцијата!


Пишува Воислав Зафировски

Читам и слушам од медиумите дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) потпомогната со средства од канцеларијата на ЕК и мисијата на ОБСЕ во Македонија, ќе спроведува нова кампања за подигање на јавната свест за штетноста од корупцијата… Веднаш да кажам, џабе фрлени пари и уште една манифестација на немоќ нештата да се мрднат од мртва точка.

Во далечната 2011 година ДКСК на сопствена иницијатива започна еден скромен проект за влегување во основните училишта со популарни предавања за корупцијата, низ детски жаргон и примери за нејзината штетност и влијанието врз поединците и општеството воопшто.

Целта на ДКСК беше да се анимираат најмладите за овие проблеми, бидејќи токму корупцијата е таа што им ја краде иднината, токму таа е просторот во кои гаснат еланот и соништата за подобро утре. Свеста за корупцијата се гради од најмали нозе, од градинките и училиштата, во време пред да ја отворат вратата на реално валканиот и нечесен свет.

Проектот беше мотивиран од констатацијата на ДКСК дека проблемот со корупцијата не е во поединците, не е инцидентен, туку дека се крие во корумпираниот систем, систем кој креира институции што го шират и озаконуваат коруптивниот простор во сите сегменти од животот, во кој до гуша сме во глиб и сите заедно со секој изминат ден се подлабоко тонеме .

За какво тоа подигање на јавната свест ќе води кампања ДКСК, за што ќе се потрошат значајни европски пари, кога системот е коруптивно креиран и сетиран.

Еве ги и фактите.

Македонија за премиер има човек кој е аболициран за криминал тежок 6/7 милиони евра, човек кого цела јавност го виде како отворено, без срам и грижа на совест побара мито, онаа позната – едно евро за црквата, едно за Вицето. И што се случи, Обвинителството го преквалификува делото, а судот донесе ослободителна пресуда.

Македонија за премиер има човек кој целата јавност имаше можност да го види и слушне како на отворена сцена ги бранеше специјалната обвинителка Јанева за случајот Рекет и еден од неговите најблиски соработници – генсекот на владата Рашковски за набавката на софтверот за потребите на МВР. Тоа не беше нивно бранење, тоа беше упатена порака до надлежните, а тие Обвинителството и судот експресно и соодветно реагираа.

Денес Јанева се уште е во домашен притвор, наместо во затвор затоа што Апелациомиот суд нејзиниот предмет го развлекува како панаѓурска армоника, а Рашковски исто така после изјавата на премиерот експресно од Шутка беше пратен во домашен притвор, та дури во првото соопштение заборавија на јавноста да кажат дека воопшто ја разгледувале и одлучувале за понудената кауција од негова страна.

Македонија за премиер има човек кој целата јавност го виде со кого и со какви ликови соработува.

Кога жив го фатија Лазе Велковски како, злоупотребувајќи ја сопствената позиција како директор на БЈБ со службен џип, возач и обезбедување ја испрати ќерка си на шопинг во Грција, премиерот го разреши од директорската фотеља, но го постави за началник на Одделот за организиран криминал во МВР и тоа замислете, со една бесрамна изјава, дека ако така лесно се ослободувал од неговите најблиски, ќе останел без соработници. Ова значи дека за него не е битно што Велковски сторил кривично дело, тој му е еден од најблиските соработници и да парафразирам, ако го прати таму каде што му е местото, ќе нема со кого да соработува, тогаш веројатно ќе мора да ангажира некој друг што е стручен, со интегритет и што е чесен.

Истиот тој премиер, јавно манифестираше правна неписменост во случајот со Мијалков во обидот да го сокрие неговото бегство, како и начинот на кој Камчев е ставен и држан во притвор. Наводно подготвувал бегство од државата, што како “факт” го заклучиле од Службена белешка на оперативец од АНБ, која принципиелно нема никакви законски надлежности за тоа.

Не не ми е целта да бранам некого, најмалку Камчев, во прашање е правен принцип, целта ми е да покажам како се инструментализираат и злоупотребуваат државните институции за лични пресметки и дискредитација на оние кои не им се вклопуваат во системот што тие го етаблирале.

Дури и од Амбасадата на САД експресно го повлекоа Извештајот од Стејт департментот за состојбата со организираниот криминал и корупцијата во Македонија, за потоа корегиран, со избришани цели делови повторно да го објават. Но, тоа што сакаа да го сокријат, јавноста го виде и не се изненади, бидејќи во Извештајот, оној вистинскиот, првичниот, немаше ништо ново што јавноста не го знае.

Дека системот продуцира корупција и коруптивно однесување е неспорно, особено што бројни институции, комисии, агенции… се измислија за озаконување на корупцијата, особено во сферата на вдомувањето и залебувањето на партиските лепачи на плакати, неспособните партиски кадри, а во таа насока и воведениот балансер, за елиминирање на способните, стручни, компетентни кадри, кои со знаењето и вештините може да им ги измешаат партиските математики.

Така, слободно може да се провери колку конкурси се поништени од Агенцијата за администрација и зошто? Одговорот е – затоа што никој не се јавил или благовремено не договорил кој кандидат да се прими; може да се провери колку Македонци се имаат декларирано како Албанци, Турци, Роми…само да се вработат, бидејќи балансерот за тоа работно место не предвидел способен и стручен кадар, туку ја предвидел само неговата националност; може да се провери колку преземања се направени на лица по институциите спротивно на позитивните законски норми; може да се провери колку лица со години, далеку од законскиот лимит од шест месеци, работат со договор за дело, без пензиско и здравствено осигурување и за плата далеку под минималната, за 9 до 11.000 денари. Ќе бидете вчудоневидени!

Токму затоа имаме мамутска, тромава и неспособна администрација која седи на грбот на работниците од реалниот сектор.
И за што зборува ДКСК – за подигање на свеста на граѓаните?! Чинам не треба да ни кажуваат тоа што веќе и врапците на дрвјата го знаат. Доста ни се измислува топла вода, доста званичните авторитети и’ сервираат на јавноста наводни вистини спакувани во обланда, а секоја таква нова е уште едно ново разочарување за граѓаните, доста е!

ДКСК мора да проговори за неопходноста од демонтирање на до срж корумпираниот систем кој како сидро не влече надолу, до тогаш само ќе се залажуваме дека водиме борба против корупцијата и организираниот криминал.

Не треба никој да не освестува за тоа за што сме свесни! Почнете да ги именувате работите со нивните вистински имиња и вперете го прстот во тие што ведрат и облачат во Македонија.

Рибата смрди од главата, ајде веќе еднаш од таму да почнеме со чистење.

Ставовите искажани во рубриката Колумна се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *