Вториот Лисабонски удар

Пишува Леон Стефановски

По познатата, а за нас многу штетна Лисабонска декларација од последната деценија на минатиот век, пред околу една недела се појави нејзина втора верзија. Своевидно продолжение на она кое значи попречување на Македонската интеграција во Европската Унија. Лисабонската декларација од 1991 година главно се врзуваше за името Македонија. Зошто? Советот на Европската заедница тогаш беше под Португалско претседателство, и мислам дека без Грчката агресија, Португалија, односно Европската заедница ќе ја признаеше Македонија. Бидејќи како држава, ги исполнувавме сите услови за тоа. Но како што реков, притисокот од нашиот јужен сосед беше главна причина зошто се донесе политичка одлука. Од таа политичка одлука, нашата држава буквално стагнираше на патот кон евроатлантските интеграции. И не може многу да им се замери на нашите политичари односно дипломати за тој потег. Логично е да не може да се одблокира еден апсурден процес. За какво име можевме да се договориме со Грција, а во нашиот нов назив односно име да не се состои зборот „ Македонија “?

Во Грчките барања конкретно пишуваше:

  1. Промена на името Македонија;
  2. Задолжително давање изјави дека нема претензии или барања спрема Грција
  3. Да мора да признае дека во Грција не постои македонско малцинство

Покрај тие барања, Грција сакаше да ја потврди својата позиција во однос на Македонија и со следните подбарања:

– Името Македонија е дел од грчката историја и култура веќе 2.300 години.
– Употребата на името Македонија имплицира територијални претензии против Грција.
– Манипулирајќи со географскиот термин (Македонија), експанзионистите од Скопје настојуваат да го претворат во етничко име за една словенска нација.
– Скопје се обидува да го присвои и монополизира името Македонија само за себе.
– Личноста што на регионот му го даде ова ново име беше Маршалот Тито.
– Постоење на држава со такво име создава импресија дека нејзе ѝ припаѓаат и териториите што во други држави го носат истото име.
– Името (Македонија) не само што имплицира територијални претензии кон Грција туку претставува напад и на хеленско наследство.
– Користењето на името не е независно од желбата да се запоседне и контролира грчката територија.
– Заговарање за воспоставување голема македонска држава што би се состоела од грчка Македонија, вклучувајќи го и градот-пристаниште Солун, бугарска Македонија – наведувана како Пиринска Македонија и области во источна Албанија.
– Тоталитарниот режим во југословенска Македонија има спроведено политика на присилна асимилација против невините грчки деца (28 илјади) од времето на Граѓанската војна во Грција) претворајќи ги во милитантни Славо-Македонци.

Што значи дека уште неосамостоени се најдовме во крајно тешка позиција на потчинетост. И сега после 30 години од таа декларација, две логични прашања ми се вртат низ глава. Дали Грција ги постави тие апсурдни барања за на крајот да може да извлече нешто помало а сепак многу големо? Бидејќи во таков спор многу јасно е дека во секој случај оној коишто ги поставува условите секогаш ќе биде победник. Дали ние како држава која по секоја цена чекореше по Европскиот пат, згрешивме што спорот не се обидовме да го решиме уште во 2010 година? Со решение кое ќе важеше само за надворешна употреба? Дали новата блокада од страна на Бугарија е токму поради нашата „ слепа ” дипломатија?
И дали ЕУ своите пораки ги праќа преку Бугарија односно преку за нас несреќниот Лисабон? Какви се тие пораки, и зошто се пратени? Или можеби навистина Европската Унија греши што има таква опција за земјите членки да можат да блокираат земји кандидати поради идентитетски прашања?

Најновата изјава на министерката за европски прашања во Португалија, Ана Паула Закаријас беше навистина контроверзна односно не беше добро формулирана. Во една прилика згреши со Македонскиот јазик нарекувајќи го „ Северно Македонски “. И потоа нагласувајќи дека нашиот јазик бил дел од Бугарскиот.

Мислам дека доколку не ја познаваш проблематиката на едно сензитивно идентитетско прашање, во најмала рака не треба да даваш изјави од таков тип. Бидејќи секоја позиција и изјава можат многу да применат во едни преговори. На лошо или на добро. Но во последно време мислам дека работите се движат многу повеќе на лошо од колку на добро.

Кога ја прашале за тоа дека под Португалското председателство Македонија доживува многу неуспеси. Таа рекла: „Португалскиот претседателство стори сѐ што може да најде можен компромис. Навистина сакавме да имаме не две туку четири меѓувладини конференции денес, но беше многу тешко. Ние го разбираме тешкиот политичкиот момент во кој живеат Бугарија и Северна Македонија. Сѐ уште не е момент. Мора да најдеме решение со кое ќе се чувствуваат удобно сите страни. Го охрабруваме словенечкото претседателство да продолжи со напорите и да не го губи моментумот, да ја продолжи расправата и да ги искористи предлозите што се на маса. Се надевам дека ќе ги имаме тие две меѓувладини конференции што е можно побрзо, за време на идниот семестар“, рече Закаријас.

Важно е и тоа што во изјавите кои ги давала, некаде прочитав дека се вршело притисок и врз Бугарија за надминување на спорот. Мислам дека во време кога во Бугарија не може да се формира никаква влада и кога одат на нови избори, многу е важно да се врши притисок за изнаоѓање на некое решение кое нема да ги руши бариерите на здравиот разум.

До душа не може многу да ѝ се замери на Закаријас бидејќи можеби своето мислење го градела врз изјавите на Заев во она смешно интервју каде велеше дека јазикот кој се зборува во Струмица и Петрич е еден ист јазик.

Можеби звучи хумористично, но ние мислам дека сме отпорни на вакви блокади. Кога можевме да чекаме зад портите на ЕУ и НАТО скоро 30 години. Не би било некое чудо доколку почекаме уште неколку години за првата меѓувладина конференција. Во случајов доколку Бугарија продолжи со својата помалку и глупава дипломатија, тие би можеле да бидат вистинските губитници. Дополнително мислам дека кога можеа да им се заканат на Унгарија за законот со ЛГБТ можат да извршат притисок и врз Бугарија за нон сенс политиката во чија сенка стои и Европската Унија.

Евидентен е неуспехот на оваа влада. Затоа мислам дека следните изборни циклуси ќе бидат многу тешки за Зоран Заев и сегашната структура на владата. Следните избори ДУИ и СДСМ може да гледаат сцени на кои до сега не се навикнати.

Покрај овој втор „ Лисабонски удар ” како што го нареков. Мислам дека и Талат Џафери позелени од самото ребрендирање на партијата. Па мисли дека и Европскиот парламент е исто што ѝ Македонскиот. Па може да зборува и на Албански јазик во Европскиот парламент.

Поради тоа што зборуваше на друг јазик на Самитот на Европскиот парламент, слушнавме дека многу партии од опозицијата, бараат спикерот Талат Џафери да си оди од функцијата. Бидејќи единствен службен јазик во меѓународните односи на Републиката е македонскиот јазик , оттаму, употребата на друг јазик е повреда на Амандманот 5 од Уставот. И доколку Талат Џафери има одговорност како човек што носи висока функција, треба да сноси одговорност.

Покрај тоа. Мислам дека недозволиво е тој да го злоупотребува правото на двојазичност. Слушнавме дека доставувал двојазични материјали во собранието на сите пратеници а не само на оние од Албанските политички партии.

Професорката Силјановска, која ретко пропуштам да ја цитирам за вакви работи, и која всушност ја поднесе интерпретацијата заедно со Апасеив искоментира: „ Има многу причини за интерпелација меѓутоа некои моменти како оној во Европскиот Парламент цврсто не уверија дека сега треба да го сториме тоа. Во компаративното уставно право се вели дека претседател на Собранието треба да биде човек со највисок изборен легитимитет но и со најдлабок, најширок морален интегритет. Значи, претседателите на собранијата важат за најпочитуваните личности. За луѓе на Парламентот и за луѓе пред се на опозицијата. За разлика од оваа европска пракса, нашиот претседател не е човек на Парламентот туку е човек на Владата, не се однесува како прв меѓу еднаквите туку се однесува како основен господар на Собранието, а ние се чувствуваме како да сме советодавно тело. Ниту е неутрален ниту е правичен ниту е непристрасен. Не го чува собранискиот куќен ред како добар домаќин затоа што немаме ни календар за работа. Ние сме единствен Парламент во Европа, а можеби и во светот што нема календар за работа. “

Во однос на правата формулација на прекршокот кажа:

„ Кога реков конкретната причина што е, значи сите знаете дека во Европскиот парламент господинот Талат Џафери зборуваше на албански јазик, го заборави Уставот, заборави дека во амандманот 5 на членот 7, во ставот 1 пишува дека на целата територија и во меѓународните односи службен јазик е македоснкиот и неговото кирилско писмо. Што значи ова? Господинот Џафери не отиде во Европскиот Парламент како граѓанинот Џафери туку отиде како Претседател на Собранието и тоа исто така можеби пред да замине требаше да го прочита членот 2, став 2 од Законот за употреба на македоснкиот јазик според кој употребата на македонскиот јзик као службен јазик е право и должност на сите граѓани на Република Македонија, а замислете што значи оваа одредба за Претседател на Собранието. Затоа што тогаш тој е должен да се држи до Уставот и законите. Исто така го прекрши членот6, став 1, алинеја 5 од законот, во која заштитата, унапредувањето и збогатувањето на македонскиот јазик ја опфаќа и неговата афирмација во светот. Можеби се ова најтешките моменти на атак на македоснкиот јазик не само однадвор, од соседството туку и одвнатре. Суспендирајќи го македонскиот јазик како ексклузивен во меѓународната комуникација тој го атакуваше одвнатре. Со ова не само што го повреди Уставот, туку го направи македонскиот народ како и јазикот како еден од најважните идентитетски симболи, со што го изложи на подбив македонскиот народ, а всушност ова е кривично дело кое е санкционирано според членот 179 од Кривичниот законик. Ние во ова тешко време очекуваме разбирање и поддршка од нашите сограѓани, албанци, турци, роми, власи, бошњаци, срби бидејќи нелогично е во 21 век да докажувате како ви настанал јазикот и кога бил кодифициран, заборавајќи на АСНОМ дека со едно од решенијата македоснкиот народен јазик се прогласува за државен. “

Мислам дека без воспоставување на одржлив ред во парламентот и владата. Без почитување на законите и без работење за интересите на државата никогаш нема да одиме напред.

Дополнително треба да има интепелации за сите политичари кои ги кршат законите односно уставот.

Затоа секогаш на ум треба да ги имаме зборовите односно реченици на најмудрите и најостварените личности низ историјата.

Од оние во кои Ајнштајн вели дека државата треба да им служи на луѓето, а не луѓето на државата, и оние на Аристотел во кои вели дека единствена стабилна држава е онаа во која сите се еднакви пред законот.

Ставовите искажани во рубриката Колумна се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *