Угостителите испорачаа нови барања до Владата – во петтиот економски сет да бидат вклучени пет нивни барања

Нови пет барања од Угостителите до Владата. Ќе настојуваат истите  да бидат внесени во новиот петти сет, економски -антикризни мерки. Незадоволни, затоа што активно не биле  вклучени  во креирањето на новиот економски сет, тие  денеска  на Владата и ги испорачаа  петте  барања. Државата и Владата мора да  преземат целосна обврска и одговорност за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на пандемијата и безрезервно да креираат посебни економски мерки за финансиска поддршка и неповратна помош, стои  во писменото барање  на угостителите.

„Првата мерка е барање во однос на продолжување и континуитет за субвенцијата за плати за вработените во угостителската индустрија и тоа да биде безусловно. Второто барање е неповратна Грант помош која е направена за ноќните клубови и за категоризираните ресторанти и истата да важи и за сите останати угостители. Третата е веднаш и брза достапност до најавените државни кредити -безкаматни“, истакна Здравко Јосифовски.

Преку безкаматните кредити, објасни Јосифовски, угостителите ќе можат да се задолжат пред Комерцијалните банки, за да подигнат кредити со кои ќе ги  подмират обврските и загубите од изминатиот тежок период. Изедначување на ДДВ согласно ветувањата на 10% за сите угостителски услуги во сите видови на угостителски објекти е четвртата мерка на угостителите. Последното е барање за одлагање на сите извршни постапки, заради како што велат, неможноста од навремено подмирување на обврските, како последица на рестриктивните мерки со кои изминатиот период се соочуваа.Од Владата, деновиве стигна потврда дека има пари за нов петти финансиски пакет. Сепак според премиерот Заев, се ќе зависи од тоа колку долго ќе трае Ковид кризата. Доколку истата биде подолга, ќе биде неопходен и нов ребаланс на Буџетот за да се обезбедат дополнителни средства,вели Заев.

„Државата има веќе резервирано 50 милиони евра на Ковид програма, дополнително има 17 милиони евра за плати, во самите ресори имаме некаде околу 30 милиони евра. И се надеваме дека нема да бидат пак 12 месеци, дека ќе бидат месец дена, два, три, зависи од вакцината. Ако трае кризата не дај боже да трае, ќе направиме ребаланс на Буџетот и ќе обезбедиме пари“, посочи Зоран Заев.

При креирањето на секој нов финансиски пакет, Владата контактира со само дел од Коморите но не и со нашата,се жалат угостителите. Тие не знаат дали нивните барања ќе бидат прифатени и кога и дали ќе бидат повикани на разговор во Владата. Со правилно креирање на петтиот сет економски мерки кои на угостителската индустрија ќе и го гарантираат опстанокот, угостителите ќе можат да се обврзат трајно да го сочуваат секое работно место на угостителските работници стои во нивното известување испратено до Владата.

ТВ21

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *