Кориере дело Спорт: Кинеските сопственици бараат купец за „нероаѕурите“ од Милано!

Италијанскиот „Кориере дело Спорт“ ја потресе фудбалска Италија објавувајќи дека Интер ќе се продава.

Кинеските сопственици, семејството Жанг кои се на чело на Сунинг компанијата досега вложија 700 милиони евра по преземањето на клубот и го вратија Интер во врвот на италијанскиот фудбал, но пандемијата на коронавирусот им ги поремети плановите.
Според весникот, Сунинг компанијата има големи загуби и нема намера да вложува пари во Интер.

Згора на тоа, тие веќе подигнаа два кредити, еден во висина од 300 милиони евра од Голдман Сакс банката, додека вториот е од ЏП Морган банката во висина од 75 милиони евра. Тоа се кредити кои треба да се вратат за една година бидејќи семејството Жанг се надева дека пазарот ќе се опорави од пандемијата. Но тоа не е се, „Кориере дело Спорт“ пишува дека семејството Жанг ја овластила Ротшилд банката да го продаде целиот пакет на акции, односно да пронајде нови сопственици на Интер.

Фудбалерите ги добија своите плати за септември и октомври, додека тие за јули и август 2020 година треба да бидат исплатени во наредните два месеци за кога се очекува да започнат и преговори помеѓу управата и играчите за намалување на платите.

Дека кинеските сопственици немаа пари покажува и преодниот рок кој започна вчера и на директорот Бепе Марота и тренерот Антонио Конте им е порачано дека прво мора да продадат за да можат да носат нови засилувања. Со цел да се намалат трошоците, Раџа Наинголан е испратен на позајмица во Калјари, додека на трансфер листата се ставени Кристијан Ериксен и Андреа Пинамонти, но засега нема конкретни понуди. Весникот пишува дека доколку не се најде купец за Интер, тогаш сопствениците ќе бидат принудени да продадат некои од најдобрите фудбалери кои имаат големи плати и се интересни за останатите екипи. Најголема заработка се очекува да дојде од продажбата на Лаутаро Мартинез како и на играчите кои не се во прв план кај Конте.

слободен печат .мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *