Мисирков: Јас не сум намерен да политикантствувам бугарски. Јас сум Македонец

И после, како и досега, пак ќе ја фрлиме вината на големите сили, кои секојпат излегуваат криви за нашите грешки. Настаните што се развија досега ни покажаа јасно колку ние самите можеме да си напакостиме, мислејќи оти постапуваме правилно“, напиша Мисирков пред точно 117 години во „За македонцките работи“.

На денешен ден во 1903 година во Софија е објавена „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, знаменита филозофска расправа во која се третира македонското јазично, историско и етнографско прашање. Книгата веднаш била откупена од бугарските власти и изгорена, а биле зачувани само мал број примероци. По таквиот настан Мисирков бил присилен да ја напушти Бугарија.

„Централно и можеби најзначајно место во книгата заземаат неговите ставови за македонскиот јазик. Тој знаеше дека јазикот е вруток на македонската самосвест, столб на националното чувство, на самодовербата, дека е највозвишениот наш белег, решавачки фактор за многу мапи, дека е духовно богатство и наследство и дека тој, јазикот, е оној што нè памети, како што ние него го паметиме“, напиша во 2015 Марија Коробар Белчева.

По повод големиот датум пренесуваме делови од јазично редактираниот предговор на самиот Мисирков.

„Секој човек, како член од некоја општина или од некое другарство, има извесен долг и извесни права кон и од нив. Народот не е ништо друго освен едно големо другарство, засновано на крвно родство, на општ произлез, на општи интереси. Паметувањето на тоа родство, тој произлез и тие интереси го натеруваат секој член од некој народ да се одрече од некои свои права и интереси за да му посвети дел од своите сили на општото добро. Тоа е долгот кон народните интереси за што членот од народноста добива заштита на своите лични интереси таму, каде што не се доста само неговите сили. Долгот кон народот е тесно врзан со долгот кон татковината, зашто поимот народ е тесно врзан со поимот татковина. Долгот кон татковината и народот зависи од историските прилики што ги преживува еден народ и една земја. Долгот кон татковината и народот, до неговото исполнување, се вика народен идеал, и кон негово исполнување треба да се стреми секој свесен човек.“

„Така разбирајќи го долгот кон татковината, јас се решив, прво, да го изложам моето разбирање на народните идеали на Македонците во еден ред расудувања прочитани во петроградското Македонско словенско научнолитературно другарство ‘Св. Климент’, а после и да ги напечатам во оваа книга, каде што се поместени и расудувања непрочитани во споменатото друштво. Со тоа мислам дека исполнувам, спроти моите сили, еден дел од мојот долг кон народот мој и кон татковината моја. Мнозина од македонските читачи ќе бидат зачудени од појавувањето на таа книга. За зачудување ќе им биде во неа многу. Некои ќе речат: зошто отцепување од Бугарите, кога ние досега сме се велеле Бугари и соединувањето, а не расцепувањето ја прави силата? Други ќе расудуваат оти со полното отцепување, од една страна, ќе ликуваат нашите непријатели, коишто ги насочуваат сите свои сили да ги ослабнат балканските Словени за да си подготват почва за разделување на балканските земји помеѓу нив, а од друга страна, оти тоа ќе нѐ натера нас Македонците да се откажеме од нашиот прв долг, да се бориме за политичка слободија, да разрушиме сѐ досега направено и да зафатиме сѐ одново, така да се рече, од азбука.“

„Тие се најглавните приговори што ги очекувам од мнозина од моите сонародници. Ми се чини оти они не се прави и ете зошто. Во новата книга се зборува, вистина, и за отцепување и за соединување, но за отцепување од тие што сме веќе отцепени и со кои никојпат не ќе ни дозволат да се соединиме, а за соединување со тие со кои сме морално задолжени да се соединиме и со кои соединувањето е возможно. Ако со нашето отцепување од балканските словенски народи го постигнеме соединувањето на сето македонско словенско население во едно цело, ние не ќе ослабнеме, туку ќе се усилиме, така што од исполнувањето на идеите што се развиени во таа книга само ќе се оправда пословицата дека силата е во соединувањето. Сега се прашува: дали од нашето отцепување од балканските народи ќе се восползуваат нашите непријатели и кои се тие? Сега во Бугарија е мода да зборуваат дека најголеми непријатели на балканските Словени се: Русите и Австро-Унгарците , кои сакаат на почва на македонското прашање да се зафати и да се продолжи една борба меѓу Србите и Бугарите, која ќе ги ослаби силите и на едните и на другите до таква степен што ќе треба да се набркаат во балканските работи Русија и Австро-Унгарија и првата ќе ги завојува Бугарија и Стамбол, а втората Србија и Солун. Јас ќе си дозволам да не се согласам со такво длабоко политичко „далековидување”. Може Бугарите и се прави кога мислат оти Русија без Бугарија не може да саштествува, ни политички ни економски, но тоа е бугарска политика, а јас не сум намерен да политикантствувам бугарски. Јас сум Македонец и интересите на мојата татковина ми се претставуваат така: не Русија и Австро-Унгарија се непријателите на Македонија, а Бугарија, Грција и Србија. Само енергичната борба со тие три држави ќе ја избави од погубување нашата татковина. Борбата со трите балкански држави не им противречи на нашите интереси.“

„Идеите за полно отцепување на нашиот народ од другите балкански народи не се противречје на досегашното работење на нашиот народ за слобода, а само продолжение на неговото досегашно работење, врз еволуциона почва. Досега нашиот народ се интересуваше повеќе само за полна политичка автономија, а во националните наши интереси само допушташе башибозучки да му се набркуваат разни неканети гости како: Бугари, Грци и Срби. По политичката борба иде значи националната. Но борбата со пропагандите во Македонија не е чекор назад, туку напред, зашто и тука имаме работа со борба за слобода, со борба со мрачните сили што не ѝ дозволуваат на нашата татковина сама со свои очи да ги гледа своите интереси, ами ѝ наврзуваат очила што ја замрачуваат вистината и ѝ придаваат бугарска, српска и грчка боја. Време е да ги отфрлиме од очите наши мрежите што ни ги кладоа националните и верските пропаганди во Македонија…“

„Турците први ќе треба да го докажат искреното сакање да се во мир со нас и со тоа да ја заслужат нашата поддршка на нивните интереси. Ако пак тие мислат со нас да не се церемонат и да нѐ лажат Европа и нас со реформи што не ги исполнуваат, тогаш не ќе се зачуди Турција ако и ние ги обрнемe нашите погледи кон Европа и од неа бараме да се воведат во нашата татковина со сила тие реформи што се признаваат од силите европски за вистинска требност за успевањето на религиозно-националното и културното развивање на македонските рисјани. Европа ќе ги обрне погледите на нашите барања, зашто таа е задолжена да го направи тоа со два меѓународни акта: проектот за реформи во Македонија од февруари и Мирцштегскиот проект. Тие два меѓународни акта ни обеќаваат постепено раширување на реформите во Македонија и со тоа ни даваат право да се обраќаме до двете реформаторски држави со меморандуми и по други патишта за да им укажеме на нашите религиозно-национални и економски нужди, како и на тоа што го прави Турција, за да се исполнат тие наши нужди.

Знам многу арно оти мнозина со иронија ќе се однесат кон моите надежи за европски реформи. Но на тие иронии еве со што јас ќе одговорам: Не е вистина кажувањето дека не ќе излезе ништо од усилбите на Русија и Австро-Унгарија да се уредат работите во Македонија. Проектите за реформи и усилбата да се воведат тие не се, како што мислат мнозина, само игра да помине време и да си остане сè како што си било. Проектите за реформи на Русија и Австро-Унгарија се меѓународни акти, неисполнувањето на кои од Турција е насмешка и оскрбување за реформаторските држави и им дава полно право за репресалии против нарушувачот на меѓународното право. Да било така лесно и безнакажано престапувањето на меѓународното право, досега државите денеска ќе примаа на себе разни задолженија и утре ќе се откажуваа од нив. Но не било така.

Реформите руско-австриски, штом се меѓународен акт, ќе им даваат право секогаш на Македонците да настојуваат пред големите сили да се исполнат во целост. Нека не мислат оти тие можат да бидат закопани, како што е закопан Берлинскиот договор со неговиот 23 член за Македонија. Берлинскиот договор вистина е закопан, но не од Европа, а од Бугарија, која го изврши соединувањето со Источна Румелија, со насилствен преврат – без согласност на државите што го потпишаа Берлинскиот договор, а со нарушувањето на еден параграф се нарушува и целиот договор. Сегашните руско-австриски реформи многу се разликуваат од Берлинскиот договор со тоа што тие се само меѓународен акт склучен меѓу три држави. Освен нив, важен фактор се јавуваме само ние Македонците. Волјата на двете сојузни држави: Русија и Австро-Унгарија може да сретне противдејство само од Турција и од нас, но најповеќе од нас, зашто со реформите се бараат, не од нас, а од Турција, задолженија и ако ние со нашите работи покажеме оти тие задолженија што се бараат од Турција не нѐ задоволуваат, тогаш ние само ќе ѝ помогнеме на Турција ништо да не воведе од реформите што се бараат од неа.“

„Исто така, ако не сакаме никакви реформи, можеме да ѝ послужиме (на Турција) и за напред. И после, како и досега, пак ќе ја фрлиме вината на големите сили, кои секојпат излегуваат криви за нашите грешки. Настаните што се развија досега ни покажаа јасно колку ние самите можеме да си напакостиме, мислејќи оти постапуваме правилно.“

„Со овие неколку зборови јас сакав да ја појаснам содржината на предложената на македонските читачи книга за најважните за нас прашања. Како следбеник на идејата за полно одделување на нашите интереси од интересите на балканските народи и за самостојно културно-национално развивање, јас ја напишав на централното македонско наречје, кое за мене отсега натаму има да биде литературен македонски јазик. Нерамностите што ќе се покажат во јазикот на мојата книга се сосема природни и ќе може да се отстранат само при едно подлабоко знаење на централното македонско наречје, со што не можам да се пофалам. Но и притоа се надевам оти за Македонците ваквиот јазик ќе биде попријатен и позвучен од јазикот на нашите соседи, со кои ние сега-засега се дигаме наголемо“, го завршува Мисирков предговорот.

Излегувањето на За македонцките работи на Мисирков ќе му го направи животот трагичен, напиша Коробар Белчева. „Со неа ќе дојде во судир со раководството на ВМРО и со тогашните пропаганди што беснееја во Македонија (турска, грчка, српска, бугарска). Судирот на Мисирков со ВМРО, од денешен аспект може да се дефинира како цивилизациски, но има и кристално јасна морална димензија. Тоа се ставови на вистински визионер што не можеле да бидат разбрани во времето кога тој живеел и работел. Како да му припаѓаше на едно друго, идно време, како да беше претходник на некои процеси и настани што денес се пропагираат во нивниот најчист облик. Отворено и бестрашно се залагаше за национално ослободување без крвопролевање, жестоко спротивставувајќи им се на револуционерните идеи. За него тие идеи беа насилни средства со разрушувачка моќ и, по природата на нештата, не му се својствени на културниот човек (тој треба да гради, а не да урива), „работењето наше ќе требит да бидит на почва на народното просветеиње: мирно, легално, еволуционо“. На таков развој има право секој народ и во политичка и во духовна смисла. Зарем тоа беше можно? Па тоа беше време на револуции, особено на Балканот. Веруваше во постепени промени однатре, поставувајќи ја како најважна потребата од национална програма.“

Мкд.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *