„Охридските пливачки легенди“ од Љупчо Паункоски премиерно прикажан документарниот филм

Четирите охридски легенди на маратонското пливање – Дики и Атина Бојаџи, Нико Нестор и Климе Савин се протагонистите на документарниот филм на авторот Љупчо Паункоски што вечерва премиерно беше прикажан во Охрид.

Еден час вреден архивски материјал посветен на охридското маратонско пливање спакуван во филмски документ за генерациите. Низ филмот практично како наратор се јавува познатиот охридски инструктор по пливање Александар Леко Радич, исто така една од легендите на маратонското пливање во Охрид кој веќе не е меѓу нас.

Авторот на филмот Паункоски и самиот како младинец во 60-тите години на минатиот век бил дел од охридското пливање, низ објективот на неговата камера доловува историја за која смета дека ќе остане за Охрид, охриѓани. Филмот, како што вели тој, претставува негов личен обид да им се презентира и долови на луѓето како било организирано пливањето во тоа време, но истовремено и повик, отворен апел за враќање на сјајот на охридското маратонско пливање и угледот што тоа го имаше не само во тогашна Југославија туку и во светски рамки.

– ФИЛМОТ Е ВРЗАН ЗА ЧЕТВОРИЦАТА ПЛИВАЧИ НИКО НЕСТОР, КЛИМЕ САВИН И АТИНА И ДИКИ БОЈАЏИ. АЛЕКСАНДАР РАДИЧ Е МОЖЕБИ И ГЛАВНИОТ ПРОТАГОНИСТ ШТО СЕ ПРОВЛЕКУВА НИЗ ЦЕЛИОТ ФИЛМ, НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД МАТЕРИЈАЛОТ Е ТОКМУ РАЗГОВОРОТ ДО РАДИЧ, КОЈ МИ ДАДЕ МНОГУ ИНФОРМАЦИИ, НО И ДОКУМЕНТИ ОД НЕГОВАТА ЛИЧНА АРХИВА, ИЗЈАВИ ПАНУКОСКИ КОЈ ИЗРАЗИ БЛАГОДАРНОСТ И ДО КИНОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА ЗА ОДОБРЕНИТЕ МАТЕРИЈАЛИ КОРИСТЕНИ ВО ФИЛМОТ.

Во изјавата за МИА отворено ја посочи и неговата увереност, можеби повеќе лична верба, дека изградбата на покриениот базен во Охрид ќе биде онаа појдовна точка на патот што води кон заживување на спортовите на вода во градот.

Љупчо Паункоски е вљубеник во фотографијата, а неговата камера има оставено бројни видео-сведоштва за Охрид, значајни личности кои оставиле личен печат во градот, но и за родната Малесија. Тој е автор на уште три документарни филмови посветени на значајни личности од Малесија, еден филм за првото кино во Охрид, како и документарен филм посветен на охридскиот музичар и музички педагог Наум Гаврилоски. По професија е електротехничар, има работено на одржување на радио и тв предавателот на Мали Влај, но и како оператор во охридското кино.

Извор:МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *