Заедничка прослава на патронатот на „СВ.КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ” на Софискиот и Битолскиот Универзитет

Универзитетот „Св.Климент Охридски” од Битола и бугарскиот Универзитет „Св.Климент Охридски” од Софија, оваа година заеднички ќе го одбележат патрониот празник кој во Бугарија се празнува на 25 Ноември, а во Македонија се слави на 8 Декември. Според програмата, ректорите проф. д-р Анастас Гержиков од Софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски” и проф. д-р Сашо Коруновски од Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола ќе имаат заеднички видео обраќања и порака.

–Двата универзитети на 3, 4 и 5 декември во Софија ќе организираат заедничка научна интердисциплинарна конференција на тема „Димензиите на компетенциите” која преку заедничкиот научен, програмски и организациски комитет, и со учество на повеќе професори со трудови ќе резултира со издавање заеднички зборник на трудови. Интензивирањето на академската соработка во пресрет на големиот празник на двата универзитети е во духот на европските вредности и придонесува за зајакнување на добрососедските односи. Празникот за двата универзитети претставува повод и одлична можност до академската јавност да се испратат пораки што ќе значат поттик за интензивирање на меѓусебната соработка, информираат од УКЛО-Битола.

Активностите во чест на заедничкиот патрон се врз основа на потпишаниот Меморандум за меѓусебна соработка и се дел од договорот постигнат во март оваа година, за време на средбата меѓу двете универзитетски делегации во Софија, на која од македонска страна присуствуваа ректорот проф. д-р Сашо Коруновски и проректорот проф. д-р Марјан Ѓуровски, а од бугарска страна домаќинот, ректорот проф. д-р Анастас Герджиков и проректорот проф. д-р Николаи Витанов, потврдуваат од битолскиот Универзитет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *