Малцинска трговија на мнозинската имовина!

Дали некогаш сте се запрашале колку е лошо изградена општествената структура односно врз какви темели почива таа во Република Македонија? Колку е поделено општеството и уште колку долго може да функционира таквата структура во овие услови? И дали има модел коишто драстично може да ја промени работата на подобро?

Прво, верувањата и односот на малцинствата исто како и нивните цели може да се исконтролираат преку два модели. Единиот модел дава контрола но креира тензии, и функционира но не се знае колкав може да биде неговиот животен век. Тој модел го имаме односно го живееме во моментот. Тој модел е модел во кој малцинствата на една држава се наоѓаат на самиот почеток, тие всушност се столбот или темелот на понатамошното движење односно одредување на правецот на движење на државата. И тој модел може да биде многу опасен доколку малцинствата не се лојални и чесни кон државата. Тогаш всушност темелите на таа држава се виршли.

Вториот модел кој според мене, а верувам и според многумина коишто веруваат во едно нормално и прогресивно општество е најдобар. Тој е модел во коишто малцинствата ќе бидат самиот покрив на градбата. Тогаш нема под знак прашалник да се става нивната лојалност и нивниот однос кон државата бидејќи и позицијата во која би се наоѓале нема да им го дава тоа за право. Доколку не би го знаеле односот на малцинството кон државата има и такви коишто би го одбрале првиот модел на функционирање, но во случај кога добро позната е комплексноста на ситуацијата во Македонија одиме на теориите за овој вториот. Во моменти кога гледаме дека и функционирањето и на овој вториот модел е тешко, тогаш треба да си го поставиме прашањето, „ Каде е всушност грешката?”

Ајде да тргнеме од феноменалната и победата од историско значење за Република Македонија. Фудбалската репрезентација нѐ израдува во моменти кога тоа ни беше најпотребно. Покажаа зрелост, борба и единство притоа оставајќи го срцето на теренот. И кога велам зрелост и единство тоа навистина и го чувствувам. Репрезентација во која играат Македонци, но и Македонци со различни етнички припадности на многумина одговорни за сегашната состојба помеѓу малцинството и мнозинството во државава му одговорија на начин каков што треба. Нашата фудбалска репрезентација најмногу наликува или е најслична на првиот модел за односите помеѓу малцинството и мнозинството коишто го споменав погоре, но репрезентацијата покажа дека тој модел може многу добро да функционира и да дава резултати, покажаа дека со разумност може да се постигне сѐ!
Елиф Елмас: „Македонија е нешто што многу значи. Прво, Македонија е едно големо срце! Потоа татковина, мајка… За Македонија сè би дал.” Епа почитувани, ова е зрелост и единство, ова се европски вредности и ценење на она што го имаш, и на она кое ти овозможило до тоа да дојдеш. Ова е порака на соживот и мудрост!

Камо ситуацијата да беше онаква какво што Елиф преку своите пораки сака да биде. На таков човек како Елиф имате илјада други коишто ќе работат спротивно, или ќе работат во штета на оваа држава. А зошто бидејќи не ја чувствуваат како мајка! Не ја чувствуваат како матична држава. И верувајте, на оваа тема можам да ви расправам цел ден, можам да напишам кратко дело и тоа повторно да не биде доволно, но ајде, мислам дека преку колумнава многумина ќе ја сфатат суштината на мојата порака.

Најмногу сум иритиран од луѓето кои само затоа што Република Македонија не им е матична држава, работат против нејзините национални интереси. Не ја чувствуваат како своја, не го чувствуваат знамето како свое, химната итн, итн… И тоа искрено ми е навистина несфатливо. Јас да живеам во некоја друга држава, како Македонец, и да си давам за право да работам против таа држава од која сум се хранел, во која сум израснал, во која сум се образувал и развивал како индивидуа ми е крајно неблагодарно и незамисливо. Денес во Република Македонија го живееме првиот модел на односи помеѓу мнозинството и малцинството, и за жал, малцинството во поголем дел е нелојлано кон државата.

И тука ќе си поставиме три прашања:

  1. Какви можат да бидат последиците од тоа?
  2. Зошто е тоа така?
  3. Дали има алтернатива?

Последиците од тоа можат крајно да резултираат со распаѓање на државата. Гледавме како сегашниот премиер ветуваше дека двојазичност и промена на устав сѐ со цел промена на уставно име немало да има. Го слушавме како се колне пред ТВ камерите, итн, итн… Зошто да не се оди и чекор понатаму? Дали кантонизација и федерација имаат иста тежина како двојазичноста и промената на името? Зошто е тоа така? Прво тоа е така затоа што мнозинството е руинирано и поделено, пред се заради цели на главните партии на мнозинството, заради тоа што за власт и моќ почнаа да тргуваат со националните интереси. Што значи примарната вина ја барам во нас, а не во малцинството. Второ затоа што малцинството го користи поимот „ соживот ” како алиби за остварување на некој повисоки цели.

Да има соживот а тие да имаат исти или поголеми права од мнозинството. Во нормални околности и држави тоа е non sense нели? Но кај нас се оди и чекор понатаму и се остваруваат дури и такви барања. Затоа околу тој дел со правата најважен сегмент е пописот, реален попис кој ќе покаже колку сме и на што сме. Зошто не се оди на тој попис, и зошто опасноста да тој попис биде наместен е преголема? Бидејќи во коалиција со СДСМ е ДУИ, ДУИ се плаши од некој реален попис во кој процентот на Албанци коишто живеат во државата нема да надмине процент поголем од оној потребниот односно од договорот после војната 2001 година со што автоматски ќе треба да се редефинираат правата на Албанците. И тоа е еден комплексен процес на коишто се надевам дека еден ден ќе можеме да му го видиме крајот. И последното прашање, дали има алтернатива и дали на било каков начин може да се промени сегашната состојба односно општествена структура. Јас во тоа искрено не верувам, и мислам дека доаѓањето до вториот модел е еден многу долг и тежок пат, пат кој нема да може да се изоди на мирен начин, ценејќи според сегашните позиции и цели на малцинството во државата. Сафет Бишевац минатата недела во дебата на само вистина кажа, парафразирам: „ Јас сум навистина изненаден и навреден што мојата заедница, бошњачката одеше против националните интереси на Македонија, тоа е нешто кое не можам да го променам но кое ми пречи “. Таа е таа свесност којашто 95% од малцинствата во Македонија не ја поседуваат, тоа е тоа чувство кое го имаш или кое го немаш. А што е до важните национали прашања како што беше референдумот, јас и во друга прилика кажав дека доколку јас би одлучувал, луѓе со двојно државјанство и луѓе чија матична држава не е Република Македонија да немаат право на глас на референдумот. Што се однесува до истиот процес кој потоа помина на гласање во собранието и таму, пратениците чија матична држава не е Република Македонија, да немаат право на глас. Бидејќи тоа прашање се однесува на Македонија и етничките Македонци, и одлуката е историска, а не одлука на секојдневната политика.

Друг непосакуван ефект од внатрешните односи на етничките групи во државата резултира со немање на национална стратегија против ситуациите како онаа со Грција и оваа сегашната, со Бугарија. Доведува до позиција во која можноста за најлошиот договор е се поверојатна. Иако за овие работи воопшто не треба да се преговара. Бидејќи не можеш да преговараш за тоа кој си и што си и да правиш компромис околу тоа? Дали тоа звучи на 21 век? Зошто Бугарија ја негира својата фашистичка историја? Зошто Бугарија не препознава европски вредности?

Ситуацијата во која се наоѓа Република Македонија е навистина тешка, да не речам, како и секогаш! За подобра ситуација неизбежна е огромна волја, посветеност и безусловна борба, тоа звучи невозможно можеби, но невозможните работи секогаш треба да ни претставуваат некоја највисока цел, а не нешто од кое ќе бегаме и од кое ќе се криеме цел живот…

„Лошото време го прават лошите луѓе.“ – „ Пиреј ” (Петре М Андреевски)

Пишува: Леон Стефановски

Ставовите искажани во рубриката Колумна се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *