Геополитичка гасна енигма со многу непознати

Петар Поп-Арсов

Во очекување на имињата на петте блиски соработници на поранешниот премиер, со кои е преокупирана македонската јавност, речиси незабележливо се провлече веста дека Русија започна да и испорачува гас на Европа преку гасоводот Турски тек. Со гас ќе бидат снабдувани и Бугарија, Македонија и Грција. Вест од суштинско значење. Вест поврзана со снабдувањето со нови енергенси, кои во значителна мера ќе имаат свое влијание врз севкупната економија на земјата и квалитетот на животот на македонскиот граѓанин. Убаво звучи, но само доколку нештата станат реалност.

Проектот Турски тек го замени проектот Јужен поток, кој беше откажан во 2014 година поради блокадата од страна на Бугарија, која, наводно, мораше да се придржува кон новите регулативи на ЕУ. Јужен поток се сметаше за ривал на фаворизираниот гасоводен проект Набуко, кој сепак беше напуштен во корист на Трансјадранскиот гасовод. Трансјадранскиот гасовод за разлика од Јужен поток, се сметаше дека е целосно во согласност со законодавството на ЕУ.

Во суштина блокадата на Јужен поток се должи на политичките превирања предизвикани од војната во Украина, наметнувањето санкции на ЕУ кон Русија и силниот притисок на кој што во 2014 година беше изложена Бугарија од своите западни партнери за блокирање на овој проект. Ова беше експлицитно признаено во изјава бугарскиот премиер, Борисов, во септември 2019 година. Слична е приказната и со гасоводот Набуко, кој што, независно од формалната неусогласеност со законодавството на ЕУ, речиси сигурно, беше напуштен поради „незаинтересираноста“ на клучниот играч во овој проект, Азербејџан, кој беше „под влијание“ на моќните руски интереси во оваа област. Азербејџан се определи за принципот „подобро врапче во рака отколку гулаб на гранка“, ставајќи го фокусот на извозот на сопствената нафта, стравувајќи од разноразни, во тоа време исклучително модерни, „украински“ и слични „шарени“ сценарија.

Иако претходно беше завршен целокупниот процес на подготовка за почеток на неговата изградба, преку потпишување на меѓудржавни договори за неговата реализација, изјавата за крајот на проектот Јужен поток дојде лично од Владимир Путин, на 1 декември 2014 година. Да потсетиме дека во јули 2013 година, со потпишување на договорот за поврзување со овој гасовод преку еден крак, и Република Македонија стана дел од проектот заедно со земјите од регионот, но и со носителите на истиот, Русија и Италија.

Следеше експресна реакција од Русија и најава за започнување со изградба на гасовод преку Црното Море кон Турција, односно започнување на проектот Турски тек. Во екот на силна конфронтација на релација САД и ЕУ, од една страна, и Русија, од друга страна, Република Македонија речиси веднаш, „храбро“, под влијание на „стручните советници“ и поддржувачите на политиката „разваљуј шефе“, во комбинација со фрустрациите од постојаните блокади на нашите европски и евроатлантски аспирации, покажа симпатии кон овој проект, игнорирајќи ги тогашните позиции на своите западни партнери кон кои беше стратешки насочена за време на целиот период од сопствената независност.

Одеднаш Македонија стана земја „на линија на огнот“. Во март 2015 година започна објавувањето на т.н. „бомби“. Мигрантите почнаа „неконтролирано да трчаат“ по трасата на Турскиот тек. Случувањата во кумановското „Диво Насеље“ на 9-ти и 10-ти мај, „искрената дискусија“ и постигнатиот првичен договор на релација Груевски-Заев на 20-ти мај во Стразбур (како увертира во Пржинските договори), како и ретерирањето на тогашниот премиер Груевски, на крајот на мај истата година, изјавувајќи дека проектот Турски тек може да се реализира и на македонска територија кога Брисел и Москва ќе постигнат договор, не може да бидат само обичен и случаен след на настани.

По соборувањето на рускиот борбен авион во Сирија, од страна на Турција во ноември 2015 година, проектот беше привремено запрен. Сепак, односите Русија-Турција беа обновени во летото 2016 година и меѓувладиниот договор за Турски тек беше потпишан во октомври 2016 година. Изградбата започна во мај 2017 година и испораките на гас за Грција и Македонија, преку Бугарија низ гасоводот започнаа на 1 јануари 2020 година, пред една недела од сега. Денес Путин и Ердоган и официјално свечено го пуштаат во функција!

Така е на хартија! Како е во пракса, незнам! Имаше ли некој во владата на Заев, па и во оваа техничката, да ни соопшти како стојат работите на темава, или и за прашања кои што се однесуваат на самите нас ќе дознаваме од други, во случајов од директорот на „Bulgartransgaz“ во неговата изјава за бугарското национално радио?!

Во контекст на приказнава интересно е и да се кажат неколку збора за состојбата на проектот Северен тек 2. Со овој гасовод ќе се зголеми енергетското поврзување на Русија со Германија, а потоа и со останатиот дел на ЕУ. Проектот започнат во 2011 година, а чија што финализација се очекува за оваа година, „ненадејно“ наиде на потешкотии кои ја комплицираат неговата реализација. Имено, на 21 декември 2019 година, или само пред две недели од сега, претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша закон со кој ќе се воведат санкции за секоја фирма што ќе и помогне на руската државна компанија за гас, Газпром, да го заврши гасоводот кон Европската Унија. Зад овој став речиси унисоно застанаа и републиканците и демократите. Администрацијата на Трамп стравува дека Северен тек 2 ќе ја зацврсне силната „руска енергетска прегратката“ околу Европа и ќе го намали уделот на САД на профитабилниот европски пазар за американскиот течен природен гас.

Санкциите на САД ги налутија Русија и Европската Унија. Изјавата со која Меркел се противи на најавените санкции, како и онаа на германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, дека санкциите се мешање во автономни одлуки донесени во Европа, јасно го дефинираа ставот на ЕУ дека е против наметнување на санкции кон компаниите кои вршат легитимен бизнис, сметајќи дека Унијата треба самата да одлучува за своите енергетски политики.

Швајцарско-холандска компанија, Allseas, вклучена во проектот, најави повлекување на активностите од понатамошниот тек на проектот. Рускиот министер за економија веднаш информираше дека Русија поседува капацитети за довршување на проектот, независно од американските санкции.

Кон сето ова треба да додадеме дека Русија и Украина полека ги „закопуваат секирите“ и пред една недела потпишаа нов петгодишен договор за транзит на рускиот гас преку Украина кон земјите од Европската Унија. Овој договор во ЕУ беше примен со олеснување и истиот се смета како фактор кој што треба да ги неутрализира несогласувањата меѓу европските и американските сојузници што ќе ги предизвика Северен тек 2.

Исто така, пред само неколку дена, Израел, Кипар и Грција потпишаа договор за изградба на подводен гасовод за транспорт на природен гас од источниот Медитеран кон Европа. Овој гасовод се доживува како алтернатива која во перспектива би и помогнала на Европа да ја намали зависноста од Русија за снабдување со енергенси.

Комплицирано и интересно до бесвест! Каков ќе биде епилот од приказнава на чија што кулминација, преокупирани и замаени со случувањата дома, несвесно сведочиме? Како ќе се одразат овие „игри на големиот терен“ врз Македонија? Дали членството во НАТО ќе ни овозможи појасна и попредвидлива позиција во пресрет на средувањето на сметките меѓу големите? Ќе ескалира ли состојбата на блискиот исток по убиството на иранскиот генерал и зошто баш сега се случува тоа?

Многу прашања! Многу непознати во геополитичката енигма на гасот!

Прашања на кои одговорот треба да го најде македонската влада. Не оваа пржинската, наследник на целосно незаинтересираната влада на Заев, туку онаа следната, легитимната. Многу сериозни прашања за кои треба да е подготвен идниот, веќе извесен премиер, со цел да овозможи максимален бенефит за македонската држава и македонските граѓани. Потребно е внимателно, посветено и стручно да се следат овие прашања и да не се дозволи уште еднаш да биде наметната политика на импровизации и поигрување со нешта за кои големите играчи тешко прават компромис.

Извор: https://republika.mk/kolumni/geopolitichka-gasna-enigma-so-mnogu-nepoznati/

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *