Вевчани подготвени за карневалот, маските ги чуваат во тајност

Под мотото „Напрај се Василичар,“ Вевчанци ги завршуваат подготовките за Вевчанскиот карневал. Маските се подготвени, Василичарите го чекаат 13 јануари за конечниот почеток на карневалот стар милениуми. Вевчанци прашуваат: „Кеојш?“ Одговорот веќе го знаете: На Вевчански карневал!

Вевчанци и оваа година очекуваат рекорден број на посетители. Минатата година над 10 илјади гости присуствуваа на Вевчанскиот карневал, а домаќините велат дека секоја година бројот се зголемува. Тие сѐ уште ги чуваат во тајност маските коишто ги подготвуваа во текот на целата година, но најавуваат многу сатира, креативност и одлична забава.

Рестораните и кафеаните се подготвени за да ги пречекаат гостите. Велат дека неодоливата вевчанска кујна и вкусното вевчанско вино несомнено ќе ги расположат посетителите и покрај ниските температури.

Искористете го продолжениот викенд за да го посетите овој несекојдневен настан, а воедно и да уживате во вевчанскиот крај цели 5 дена. Вевчанци како домаќини, ветуваат луд и незаборавен провод со многу хумор и сатира.

Вековната традиција и историја на Вевчанци вреди да се почувствува на Вевчанскиот карневал. Вевчани и Вевчанци се подготвени, а вие?

извор: Makfax

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *