Последиците од бугарското вето

Одложувањето на преговорите со ЕУ го прави неодржлив и Преспанскиот договор и го оспорува и дискредитира целокупниот ангажман и успех на ОН, ЕУ и САД за разрешување на еден со децении, нерешлив спор. Пишува Ерол Ризаов.

Одлуката на Бугарија да стави вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ би предизвикала далекусежни последици кои не ги засегаат само односите меѓу двете држави и целиот регион, туку многу пошироко, посложено и поопасно, отколку што пресметале стратезите на радикалните националистички политики.

Злоупотребата на статутарното право на една членка на ЕУ од позиција на сила да ја оддолжи и да ја направи неизвесна европската иднина на земја – безмалку дводецениски кандидат за членство во ЕУ – поради билатерални спорови, не само што го доведува во прашање угледот и заложбите на Брисел, туку го прави неодржлив и Преспанскиот договор со Грција и го оспорува и дискредитира целокупниот ангажман и успех на Обединетите нации и на САД за разрешување на еден со децении, нерешлив спор, како што беше меѓу Грција и Македонија.

Се разбира, ратификуваниот договор во парламентите на Грција и на Македонија не може да се поништи поради ветото на Бугарија, гледано од правен аспект, но може да го направи неспроведлив и неодржлив. Според Договорот, двете земји преземаа обврски кои треба да се реализираат на подолг период додека траат преговорите со ЕУ. Одложувањето на преговорите ги пролонгира и преземените обврски кај двете страни, што ќе ги засили радикалите и екстремите со теориите на заговор: дека сето ова било обмислено и договорено за обезличување и дестабилизација на Македонија до нејзина поделба. Ветото на Бугарија ги потопува во вода ангажманите на ОН и на медијаторот Метју Нимиц, на светски државници и на бројни европски и американски дипломати, да се најде заеднички прифатливо решение, и што е најстрашно – ги обезвреднува компромисите меѓу Грција и Македонија до кои се дојде со болни отстапки и со храбрите одлуки на владите на Алексис Ципрас и на Зоран Заев.

Во период кога поголемиот дел од јавноста и во Грција и во Македонија дојде до сознание и се увери дека Преспанскиот договор навистина е одржлив и дека не ги засегнува идентитетските посебности на Македонците со географската додавка „северна“, дека се зачувани македонската национална припадност, македонското државјанство и македонскиот јазик и дека односите меѓу двете земји се во нагорна линија, без оглед на промената на власта во Грција, кога и опозицијата во Македонија се откажа од негово поништување и правење нов подобар договор, стаса заканата на бугарското вето кое е многу поригидно и понеочекувано од грчките црвени линии.

ДојчеВеле на Македонски / Автор : Ерол Ризаов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *