ГРАДО ШО ГО НЕМА

Ко на Манаќа некогаш шо му се кинеа филмојте, така и мене овие деној на корона вирус, ми пукна филмо. Не се издржва појќе.
Да шеташ на Корзо по Широк Сокак, а да го пулиш полупразен? Бива ли Корзо без луѓе?
Џин- џан , само по некој патник намерник, по некој јабанџија дојден од Прилеп, шо никогаш не го видел градо на конзулите па глуми турист.
Шо ли стана со луѓето? Дали градо навистина се преполој на полојна, та дали не има пеесе илјади? Ама кој од власта, та вчерашна та денешна, да брои за да се преброиме кога сите елепсоз- политичари се загнати како загари по евра?
Никој не го боли, со извинење, за Битола, ама мене ме боли и не сакам да молчам и да се таам како македонски глушец пред европски мачор.
Политичарите не ме примаат на муабет за проблемо : Оти Битола умира? Ми велат, напрај проект. Каков проект, бе арамбаши, им велам, ко не сум проектант? А, тие, ај сиктер, ми велат и одма го викат обезбедувањето, тие со мене да сределе работа.
Да беше жив Десоецо, ќе одев кај него и ќе ми кажеше шо мака имаат битолчани шо ги нема на Корзо. Да беше уште на земјата онаа бајачката од Букоо, ќе одев кај неа. И таа знаеше ко Баба Ванѓа… Да одам кај пријатело шо пули во Крвари, не ми се ој. Бави грацките, ќе ми речи, тоа е градски а не селски проблем. Да одам кај местачо во Логоарди, не сум толку шинат во умо?
Седам на една клупа под Саато, и се думам и унерисвам како Заев шо се дума, дали ќе не примат во ЕУ или не.
Едно време, ете го покрај мене врви внук му на Џеџо тапанџијата од Баиро со грнета в рака:Брат, сакаш да ти засвирам една? Само сто денари за тебе! – ми вели и се потсмева.

Думан ми е глаата. Имам гајле. Абе, брат, се прашувам кај се битолчани, шо се сторија?Градо се испразни…
Ко го чу прашањето, итрецо , ми се вдаде како политичар на опозицијата, ама, со мекам:

Имам одговор за тоа прашање. На моите Роми би му одговорил со песната ” Џелем, џелем ” а тебе ќе ти ја испеам двојазично, братски ” Џенем, џенем”!

А?-, подзинав.

Е, ај како дипломат без диплома од Биро ќе ти запеам две песни на македонски и каурски, па можи ќе разбериш, ќе најдиш одговор за маката: ” Леле мајко, шо ме роди толку сиромав” и ” Возот браќа тргнува, право за Германија”… Двете за сто динари, важи?
Ми светнаа очите! Му залепив на челото на комшијата Ром, не сто, туку двесте денари за тоа шо ми ја даде идејата за проект на тема: “Каде сте битолчани каде отидовте”…
Ама знам, нема да ми платат како скопјаните шо ги учеа магарињата да рикаат. Циции големи се овие од нашата општина, ич не му се дава.

Или, пак на никој нема да му е гајле шо ни умира градо и без корона?

Пишува: Панде Манојлов

Ставовите искажани во рубриката Колумна се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *