ПРАТЕНИКОТ СТЕРЈОВСКИ ПОБАРА ЕДНАКВА ГРИЖА НА РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА КОН АЛБАНСКИТЕ ДРЖАВЈАНИ

– Парламентот на Република Албанија на седницата одржана на 22 октомври неделава што измина, го разгледа поредлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за дијаспора, по предлог на пратеникот Васил Стерјовски. Иницијативата на пратеникот Васил Стерјовски наиде на одобрување од здруженијата на речиси сите национални малцинства во Република Албанија – Македоцните, Грците, Власите, Ромите, Србите, Црногорците, Бошњаците и Египтјаните.
За жал, иницијативата не наиде на разбирање од министерот за дијаспроа Пандели Мајко, кој пред седницата на Парламентот на Албанија, предлог-Законот го отфрли на седница на парламентарната комисија за надворешни работи, со образложение, дека не постои меѓународно признат модел за третман на припадниците на националните малцинства како дијаспора, кога нивните припадници ќе решат да ја напуштат земјата во странство. Министерот Мајко рече дека за националните малцинства има посебен Закон, тие не може да имаат третман и на дијаспора.
Од вкупно 123 пратеници, за предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за дијаспора предложен од пратеникот Васил Стерјовски 19 пратеници гласаа “за“, 84 пратеници гласаа “против“, а “воздржани“ беа 6 пратеници.
Го пренесуваме говорот на пратеникот Васил Стерјовски на пленарна седница на Парламентот на Република Албанија.

Почитуван претседател на Собранието, почитувани пратеници, почитувани граѓани, како овластен предлагач во согласност со Уставот, до Собранието доставив предлог-Закон за измена и дополнување на Законот број 16/2018 “за дијаспора“. Оваа иницијатива е во согласност со членот 81 точка 1 од Уставот на Република Албанија и е поддржана од повеќето здруженија кои ги бранат правата на националните малцинства во нашата земја.
Овој предлог-Закон има за цел да изврши измени и дополнувања на Законот број 16/2018 “за дијаспора“, со цел да се вклучат припадниците на албанската дијаспора, кои припаѓаат на националните малцинства во иницијативите и активностите преземени од страна на министерот за дијаспора и други одговорни државни агенции. Потребно е преку Албанскиот фонд за развој на дијаспора да бидат финансирани поединци и здруженија што ги претставуваат националните малцинства во албанската дијаспора. Имајќи предвид, дека во групата албански граѓани, мигранти, кои живеат надвор од територијата на Република Албанија на легален начин, се и албанските државјани кои припаѓаат на националните малцинства на оваа држава, кои редовно придонесуваат за економскиот развој на земјата, сметам дека е важна интервенцијата во законодавството, заради создавање можност за соработка на Министерството за дијаспора со албанските граѓани кои припаѓаат на националните малцинства, како и здруженијата на националните малцинства во дијаспората.
Државјаните на Република Албанија надвор од границите во странство, како дел од албанската дијаспора, а кои припаѓаат на националните малцинства, даваат значаен придонес во целокупната афирмација на Република Албанија во земјите каде што емигрирале, живеат и престојуваат.
Тие секоја година придонесуваат за економскиот развој на земјата преку депозитите кои ги праќаат на нивните семејства, но и преку разни инвестиции во малите и средните претпријатија во областа на земјоделството, туризмот и руралниот развој.
Од овие причини, Министерството за дијаспора, како и државните агенции кои се занимаваат со соработка со дијаспората, треба да водат институционална грижа и да ги вклучат во своите активности членовите на националните малцинства кои како албански граѓани се дел од албанската дијаспора.
Само на овој начин, припадниците на националните малцинства во албанската дијаспора ќе се чувствуваат почитувани и добредојдени од нивната земја на потекло и ќе дадат поголем придонес за социо-економскиот развој на Република Албанија.
Почитувани пратеници,
На состанокот на Комисијата за надворешна политика на кој се дискутираше за овој предлог-Закон, Комисијата оцени дека предложениот закон не треба да биде прифатен. Известителот на Комисијата, г-дин Аднор Шамети појасни дека оваа законска иницијатива е во спротивност со постојното законодавство: Од една страна со законот за националните малцинства од 2017 година, а од друга страна се занимава со Законот за дијаспората од 2018 година.
Коментарот на Министерството за Европа и надворешни работи беше: Овие предлози се косат со концептот на дијаспора и национални малцинства. Поединците кои припаѓаат на националните малцинства се албански граѓани и како такви ги уживаат сите права да бидат активен дел од дијаспората, се сметаат за нејзин дел во согласност со одредбите од членот 2 од Законот број 16/2018 “за дијаспора“. Наводно, останува непотребно од оваа причина да се вклучат во законот како припадници на национално малцинство. Ова беше официјалниот коментар на Министерството за Европа и надворешни работи во врска со овој предлог-Закон.
Од друга страна, министерот за дијаспора г-дин Пандели Мајко во Комисијата појасни дека не постои меѓународно признат модел за третман на припадниците на националните малцинства како дијаспора, кога нејзините членови одлучуваат да ја напуштат земјата чие државјанство го поседуваат. Односно, законодавството за националните малцинствата е различно од тоа за третманот на дијаспората. Третманот на националните малцинства со статус на “дијаспора“, надвор од државните граници, не може да се направи само за врз принципот на државјанство!
Така, од една страна Министерството за Европа и надворешни работи вели дека поединците кои припаѓаат на националните малцинства се албански државјани и како такви ги уживаат сите права да бидат активен дел од дијаспората или да се сметаат за дел од неа, додека од друга страна министерот за дијаспора г. Мајко има спротивен став од оној на Министерството за Европа и надворешни работи и смета дека третманот на малцинствата со статус на “дијаспора“ надвор од државните граници не може да се изврши врз основа на принципот на државјанство?! Тоа е контрадикторно!
Почитувани пратеници,
Третманот на припадниците кои припаѓаат на националните малцинства и кои се дел од албанската дијаспора, не може да се регулира со Законот број 96/2017 “за заштита на националните малцинства во Република Албанија“. Овој закон го регулира остварувањето на правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства НА територијата на Република Албанија, во согласност со принципите предвидени во Уставот на Република Албанија и Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства. Додека Законот број 16/2018 “за дијаспората“ го регулира начинот на одржување, зајакнување и реализација на врските на дијаспората со земјата на потекло!
Членот 2 од Законот број 16/2018 “за дијаспората“ дефинира, дека “Дијаспората“ вклучува: Секое лице кое е родено во Албанија и живее надвор од нејзините граници! Во овој контекст, коментарот на Министерството за Европа и надворешни работи на овој предлог-Закон е точен! Но, досегашната практика покажа, дека министерот за дијаспора и државните агенции што се занимаваат со дијаспората не се грижат за припадниците на националните малцинства во дијаспората. Имавме два самити на дијаспората и не беше поканет ниту еден познат албански граѓанин кој припаѓа на некое национално малцинство! Или, од Албанскиот фонд за развој на дијаспора досега не се финансирал ниту еден поединец или здружение што ги претставува националните малцинства во албанската дијаспора и покрај фактот што овој фонд е финансиран од сите албански даночни обврзници, вклучително и со даноците од припадниците на националните малцинства како лојални државјани на Република Албанија.
Во врска со објаснувањето на министерот Пандели Мајко, дека не постои меѓународно признат модел на третирање на припадниците на националните малцинства како дијаспора, кога нејзините членови ќе решат да ја напуштат земјата чие државјанство го поседуваат, еве го примерот со нашиот источен сосед, како Македонија ја третира македонската дијаспора! Институциите кои се занимаваат со македонската дијаспора ги третираат подеднакво сите македонски граѓани во дијаспората, без оглед на нивната етничка припадност, без разлика дали се тоа Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Египтјани и други. Истакнати личности од македонската дијаспора од сите етнички заедници се поканети во сите активности на македонската дијаспора, организирани од македонските институции на власта. Кога ќе заминат во странство да ги посетат местата каде што има македонска дијаспора, министерот за дијаспора и директорот на Агенцијата за иселеништво се среќаваат со сите претставници на македонската дијаспора, без оглед на нивната етничка припадност, како што се Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците, Египтјаните и други. Во последните 10 години, релевантните институции за дијаспората во државата Македонија доделија околу 400 проекти, кои ги користеа сите македонски граѓани и здруженијата кои ги претставуваат, односно припадниците на македонската дијаспора од сите етнички заедници, без никакви предрасуди. Дури државата ги финансира наставниците на мајчин јазик за припадниците на етничките заедници, кои престојуваат и живеат во странство, односно во светот!
Почитувани пратеници,
Од контактите што ги имавме со истакнати личности на националните малцинства во дијаспората, но исто така и со здруженијата на овие национални малцинства, тие се чувствуваат исклучени и дискриминирани од институциите на власта на Република Албанија кои се грижат за дијаспората! Овие албански граѓани даваат важен придонес за социо-економскиот развој на Албанија, но исто така и за општата афирмација на Албанија во земјите каде што живеат и престојуваат! Со начинот на кој НИЕ ги третираме, за жал, нив ги губиме, несвесно или би рекол не случајно. Дијаспора за државата Албанија не може да бидат само етничките Албанци кои живеат и престојуваат во странство! Дијаспора за државата Албанија се и припадниците на малцинските етнички заедници во Република Албанија – Македонците, Грците, Власите, Ромите, Србите, Црногорците, Бошњаците и Египтјаните, кои како албански државјани живеат и престојуваат во странство! И албанските државјани – Грци, Македонци, Власи, Роми, Срби, Црногорци, Бошњаци и Египтјани по род, кои живеат и престојуваат надвор од границите на Република Албанија во светот, се организирани во здруженија, тие и натаму се државјани на оваа земја, и натаму се нејзини лојални граѓани! Припадници на албанската дијаспора се сите нејзини државјани во светот, надвор од нејзините граници, независно од етничкото потекло и верското уверување! И токму затоа, државата треба да се грижи за сите нив подеднакво, да ги одржува врските со нив и да го помага нивниот културен развој, каде тие и да се!
Затоа, оваа законска иницијатива треба да биде поддржана од сите пратеници во Собранието на Република Албанија, затоа што има за цел: Институционален третман на овие албански граѓани кои се наоѓаат во светот, за и тие да се чувствуваат како дел од Република Албанија, независно каде во моментот се наоѓаат! А, верувајте и нивниот број е илјадници и илјадници! Со усвојувањето на предлог-Законот што го предлагам, оваа држава ќе покаже еднаков однос кон сите државјани, дека сите се еднакви пред Уставот и Законите, дома и во светот, независно од етничкото потекло. Ве молам, запаметете, дека албанските државјани – Македонци, Грци, Власи, Роми, Срби, Црногорци, Бошњаци и Египтјани по род, кои живеат и престојуваат надвор од границите на Република Албанија во светот, се животно заинтересирани за оваа држава, Република Албанија е нивна татковина, Република Албанија е нивна матична држава, подеднакво како и на сите Албанци по род! Затоа и оваа држава Албанија подеднакво треба да биде заинтересирана за сите нив! Така сите ќе демонстрираме цврсто единство, дека Албанија е татковина на сите нејзини жители, независно од нивното етничко потекло, дома и во светот! Ви благодарам на вниманието и разбирањето! – рече на крајот од своето обраќање пратеникот Васил Стерјовски, претседател на македонската партија – Македонска Алијанса за европска интеграција!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *