Во старата касарна во Битола лежат 4 тони чист тротил кој може секој момент да експлодира!

Во војничка спална се собрани огромни количини на неексплодирани артилериски гранати, бомби, ракети, авионски бомби… кои датираат од балканските, првата и втората светска војна, а кои по дојава на граѓани безбедно биле отстранети од местата каде се најдени од страна на пиротехничари на Дирекцијата за заштита и спасување. Овој податок за весникот ВЕЧЕР го откри Ефтим Митров, раководител на тимот на пиротехничари во Дирекцијата за заштита и спасување кој вели дека како држава сме темпирана бомба, или Бејрут во помала верзија, бидејќи според бројот на пронајдени неексплодирани убојни средства на прво место сме на Балканот. Раководителот на тимот на пиротехничари во ДЗС, Ефтим Митров за весникот ВЕЧЕР вели дека овие средства не смеат да се чепкаат со рака, а камо ли да се носат некаде, односно да се транспортираат, а во градовите не се чуваат соодветно и можат да предизвикаат катастрофа слична на онаа во Бејрут, а никој од власта не сака да мрдне со прст

Во војничка спална во напуштена касарна во Битола, каде нема никакво обезбедување лежат 4 тони чист тротил. Тука се собрани огромни количини на неексплодирани артилериски гранати, бомби, ракети, авионски бомби… кои датираат од балканските, првата и втората светска војна, а кои по дојава на граѓани безбедно биле отстранети од местата каде се најдени од страна на пиротехничари на Дирекцијата за заштита и спасување.

Овој податок за весникот ВЕЧЕР го откри Ефтим Митров, раководител на тимот на пиротехничари во Дирекцијата за заштита и спасување кој вели дека како држава сме темпирана бомба, или Бејрут во помала верзија, бидејќи според бројот на пронајдени неексплодирани убојни средства на прво место сме на Балканот.

– Покрај Битола, Тетово и Кичево се загрозени од неексплодираните средства. Колкава е опасноста од чувањето на вакви експлозиви говори фактот што при евентуален пожар и потоа експлозија на 4 илјадите тони тротил во напуштената битолска касарна, би можело третина од градот Битола да се срамни со земја. Ваков експлозив го чуваме на едно место и всушност, за жал, терористите имаат на дланка сè што им треба – објаснува Митров и потенцира дека со тоа нашата држава покажува дека не е за заштита туку е за предизвикување на општа опасност во градовите.

Во Кичево вакви неексплодирани убојни средства се чуваат во обична гаража во центарот на градот, исто е и во Тетово, а пронајдените експлозиви од Скопскиот регион сега се носат во Тетово. Тој ги повика одговорните во Владата да го стават прстот на чело, додека не е предоцна и не се случила некоја катастрофа, а веројатноста, според Митров, за тоа е голема.

– Ние пиротехничарите не сме одговорни за тоа, бидејќи ние не сме тие што треба да најдат објекти за сместување во безбедна зона, туку тоа е работа на државата – смета Митров.

Во Дирекцијата за заштита и спасување има само седум пиротехничари распоредени во Струмица, Битола, Скопје, Куманово, Тетово, Кичево и Штип. Во просек имаат од три до пет интервенции неделно на ниво на државата и тоа најчесто по дојава на МВР, но и на граѓани кои се јавуваат, бидејќи знаат за постоењето на оваа институција.

– Околу 80 проценти од дојавите се за пронајдени неексплодирани артилериски гранати, а има и дојави за бомби, ракети, авионски бомби итн. Откако ќе добиеме дојава тргнуваме веднаш и интервенираме на лице место. Неексплодираното убојно средство се зема со возило и се транспортира до магацините каде се сместува, а потоа, еднаш до два пати годишно, ги уништуваме на воениот полигон Криволак. Неуништувањето на такво средство на лице место ни е проблем, бидејќи државата сè уште ги нема регулирано елементарните работи, односно обезбедувањето на теренот. За уништување на лице место, локацијата мора да биде соодветно обезбедена од МВР – тврди Митров.

Тој кажува и дека за обезбедување на транспортот на неексплодираните убојни средства, МВР им наплаќа фактури од 40.000 денари.

– Каков апсурд и ние и тие ја штитат државата, а ни наплаќаат – реагира Митров.

СПАСУВААТ ЖИВОТИ, А НИВНИОТ ВРЕДИ САМО 5.000 ЕВРА

Да се биде пиротехничар е најхуманата професија во светот, бидејќи пиротехничарите со секое отстрането неексплодирано убојно средство спасуваат минимум еден живот, но во исто време е најризичната работа во светски рамки. По бројка на пронајдени неексплодирани убојни средства сме на прво место на Балканот.

– За две години пронајдовме 1.100 парчиња неексплодирани убојни средства, а тоа значи дека спасени се најмалку 1.100 човечки животи. Ги прашувам надлежните, а каде е заштитата на нашите животи кои спасуваат туѓи. Факт е дека човечкиот живот со таквиот однос на државата не вреди ништо – дециден е Митров.

Од седумтемина стручни и обучени пиротехничари, еден од нив има 66 години, двајца се на возраст од 64 години, а само тројца имаат по 52 години, иако, старосната граница за работа со неексплодирани убојни средства е 55 години во светски рамки.

 – Тоа значи дека за три години во државата ќе нема таков кадар. Проблемот со немање кадри постои, бидејќи државата 15 години не презема никаква одговорност за оваа работа. Немаме ниту бенефиции ниту, пак, сме заштитени, иако секојдневно сме изложени на опасност и можеме да ги загубиме нашите животи. Немаме панцири ниту, пак, детонаторски капи, а немаме ниту еден слободен викенд. Институциите само си се допишуваат и ја префрлаат одговорноста еден на друг, иако тоа е директна одговорност на Владата – вели Митров.

Тој потенцира дека ние сме единствената земја каде се смета оти работата на пиротехничарите нема ризик.

– Не добиваме додаток за ризик и се третираме како обични државни службеници, а деноноќно сме на повик од страна на МВР, од ЦУК или од граѓаните. И за прекувремената работа не добиваме никаков надомест и сме единствената земја во која пиротехничарите немаат бенефициран стаж. Истите пиротехничари во МВР ги имаат сите овие бенефиции, како да сме во две различни држави – реагира Митров и додава дека поради сето тоа нема ниту, пак, ќе има ваков кадар.

Освен што работат без никаква заштитна опрема, возилата за транспорт на неексплодирано убојно средство се обични возила „лада нива“, без заштита во случај на експлозија.

– А што е најстрашно се транспортираат сите неексплодирани гранати и тие што се излезени од цевка, иако тоа не смее така да се работи. Тие средства не смеат да се чепкаат со рака, а не, пак, да се носат некаде, односно да се транспортираат, а ние ги транспортираме од шума, поле, во градовите каде се чуваат несоодветно, и испуканите и неиспуканите гранати се на едно место со што, како држава сме темпирана бомба или Бејрут во помала верзија, а некој сè уште не сака да мрдне со прст – објаснува Митров.

При интервенциите се случувало да настрадаат пиротехничари. Последен инцидент кој можел да заврши со фатални последици се случи пред 3 месеци каде заради необезбеденост се повредија тројца пиротехничари.

– На двајца им пукна ракета, а на еден при уништување на неексплодирано убојно средство во Криволак, доколку го транспортираше во кола, можеше да загине. Двајцата мои колеги беа многу повредени, лицето, очите, градите и што е најинтересно, животот на пиротехничарите вреди само 5.000 евра, бидејќи осигурени сме на толку, а тоа што работиме спротивно на стандардните прописи ние сме виновни. Тоа е кривично дело – опишува Митров.

Тој вели дека се случило да дигне 50 килограми тешка граната, додека негов колега дигнал 90 килограми тешка авионска бомба. Од тие причини, вели дека  многу земји кренале раце од пиротехничарите.

Поради ваквата незавидна состојба, Митров најавува дека од Нова година ќе престанат да работат, ако дотогаш не се реши нешто, бидејќи, вели, никој не може да ги натера да прават кривично дело.

Целата строија одеше во весникот Вечер на 22/10/2020

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *