Три години ПОИНАКУ – со искреност, упорност и чесност за Битола

Во овие три изминати години „Поинаку“ – од „невозможна мисија“ – израсна во бренд! Која е тајната на Вашиот успех?
Искреност, упорност и чесност! Друг рецепт нема.
Немаме врз себе товар да работиме по нечија агенда од Скопје, што е случај во големите партии. Ослободени од тоа, ние го кажуваме она што го мислат најголемиот дел од граѓаните, ама – или немаат можност тоа да го кажат, или пак не смеат – токму заради тоа што се уценети со работно место, кариера, бизнис и сл.

Колку двајца советници реално можат да го подобрат животот на граѓаните и да ја изменат црно белата слика во битолскиот совет?
Кога би биле нормална демократија, а не партиски , тогаш и еден советник би бил доволен. Со разумни предлози во општ интерес кои би биле прифатени од мнозинството во општинскиот совет, може многу да се постигне. Ама не! Кај нас е важно се да се впише на контото на владеачкото мнозинство. Хипотетички, ако „Поинаку“ може да го донесе во индустриската зона „Жабени“ Илон Маск , тоа ќе биде одбиено од мнозинството. Тоа е една од причините зошто сме на ова дереџе.

Дел од Вашите идеи беа дочекувани ,,на нож” од актуелната локална власт. Дали ќе продолжите и понатаму со акции со кои ќе се обидете да најдете решение за актуелни проблеми? Граѓаните ни дале доверба да ги претставуваме и да се бориме за заедничко добро. Ќе продолжиме да бидеме активна опозиција во советот, ќе поднесуваме иницијативи, предлози, но по се изгледа дека герила-акциите се најпродуктивни. Е па сега, ако така сакаат, така ќе делуваме.

Дали се подготвувате за локалните избори до година и дали овој пат ќе имате и кандидат за градоначалник на Битола?
Да.

За Битола, често читаме на социјалните мрежи дека е слепо црево, град на духови, со намален број на бракови, загаден воздух, огромен број на заболени од рак. Дали Поинаку ќе понуди решение на дел од овие проблеми, доколку во наредниот општински совет имате поголем број на советници?
Помалиот број на советници не ни беше пречка и во овој совет да понудиме решенија. Скоро сите тие беа одбиени без да се разгледаат, а дел од нив беа “прифатени” после герила акции, и јавен притисок. Сепак и тоа “прифаќање” после тоа беше прикажано како проект на власта.

Велите – Ние немаме намера да се откажиме од сонот за Битола, а немаат ни битолчани! Кој е Вашиот сон? За каква Битола сонувате?
За нормална Битола! Чиста, зазеленета, со подобри улици, канализација, со места за спортување, со културни настани и се` она што ќе може да ги задоволи потребите на граѓаните, особено на младите. Големите партии пред сите избори ветуваат дека Битола ќе ја направат светска модерна метропола. Резултатите, за жал, ги гледаме.

Ние ќе ветиме помалку од нив, ама ќе оствариме многу повеќе. Со искреност, упорност и чесност

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *